Седум митови за тивките работници
Дали можете да го поминете работното време без да кажете ниеден збор? Тоа не значи дека сте неефикасни, ниту дека не ги сакате колегите. Најчесто се работи за интровертност или резервираност на работното место. Ваквите работници сè уште може да бидат дел од тимот, иако постигнуваат подобри резултати кога работат индивидуално. За жал, понекогаш луѓето имаат погрешно мислење за тивките работници. Ова се седумте најчести митови за нив.
Тивките работници немаат што да понудат
Ова е една од најголемите заблуди. Тивките работници не придонесуваат помалку за работната средина, во однос на нивните погласни колеги. Луѓето често мислат дека тивките работници не се способни да бидат веродостојни извори на знаење или да бидат експерти на некоја организација. Но, според едно истражување, лидерите најчесто се потпираат на тивките работници затоа што тие си ги знаат своите обврски и секогаш се тука кога им се потребни на колегите.
Тивките работници се срамежливи
Луѓето често претпоставуваат дека тивките работници се срамежливи. Но, во реалноста, начинот на кој луѓето работат не секогаш е идентичен со начинот на кој тие се однесуваат во приватниот живот. Ако некој е тивок, не значи дека е и срамежлив. Тоа е знак дека овие личности се интровертни и повеќе сакаат да работат сами затоа што така размислуваат подобро, поефикасни се и постигнуваат подобри резултати.
Тивките работници не се друштвени
За тивките работници се смета дека се антисоцијални и дека имаат само неколку пријатели надвор од работната средина. Повеќе пати се покажало дека кога тивките работници ќе си заминат од работа, тие стануваат целосна спротивност на она што биле додека работеле. И додека овие луѓе знаат да бидат резервирани на работното место, нивните пријатели ги сметаат за навистина друштвени.
Тивките работници не ги сакаат своите колеги
Повлеченоста е лична особина. Тоа не значи дека овие работници не ги сакаат своите колеги. Тивките работници, всушност, имаат тенденција да комуницираат на поинаков начин, за разлика од нивните гласни колеги. Тие, исто така, на поинаков начин се чувствуваат пријатно кога се работи за социјална интеракција.
Тивките работници мислат дека се подобри од сите други
Иако тивките работници ги следи митот дека се сезнајковци, сепак се работи само за помирен начин на работење. Ако на работа важите за екстроверт, обидете се да се запознаете со некој интровертен работник. Обидете се да не ја толкувате неговата мирна природа како негативна. Штом ја придобиете неговата доверба, ќе бидете изненадени од тоа колку добро би можеле да соработувате.
Тивките работници се несигурни
Тивките работници често се етикетирани како несигурни во своите вештини. Едноставно, некои луѓе уживаат во повлеченоста. Ваквото ниво на удобност не е знак за несигурност и отсуство на самопочит. Некои работници дозволуваат делата да зборуваат за нив, наместо самите да се фалат. Ако екстровертите ги забележат нивните достигнувања, ќе сфатат дека тивките работници подеднакво придонесуваат за подобра работна средина.
Тивките работници не се добри лидери
Дали знаевте дека 40% од лидерите се интровертни? Заради нивната интровертност, овие луѓе имаат тенденција да бидат смирени и да не се фалат самите себе. Ним им треба повеќе време за да ги обработат своите мисли, а ние тоа го толкуваме како бавно размислување што, според стереотипите на западната култура, е несвојствена особина на лидерите. За подобро да ги покажат своите лидерски вештини, потребно е тивките работници да се фокусираат на зголемувањето на нивната видливост, како што е проширување на кругот на луѓе со кои работат и користење на социјалните медиуми, каде што би можеле професионално да се изразат себеси.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.