Сè што треба да знаете за зависноста од мобилните телефони
Во денешниот свет на технологија и социјални мрежи, смартфоните се технолошкиот еквивалент на дрога. Па како и секоја дрога, така и мобилните телефони може да предизвикаат зависност. Сигурно имате забележано дека го проверувате вашиот телефон кога сте среќни, тажни, гневни, или пак кога ви е здодевно.
Смартфоните се секогаш овде кога ни се потребни, а ова можеби треба да биде причина за загриженост. Зависноста од смартфоните може да ве оддели од семејството, негативно да влијае на вашата кариера, да ви предизвика стрес и да им наштети на вашите врски.
Зависност наспроти претерано користење
Според едно истражување од САД, 90% од корисниците на смартфони претерано ги употребувале своите уреди. Од нив, 10% до 12% биле дијагностицирани со зависност. Други податоци кои се добиле со истражувањето се:
- 70% од луѓето го проверувале својот телефон 1 час по будењето.
- 56% го проверувале својот телефон барем 1 час пред спиење.
- 51% од испитаниците постојано го проверувале телефонот додека биле на одмор.
- 44% изјавиле дека чувствувале анксиозност ако го загубеле телефонот и ако не можеле да го заменат во рок од една недела.
Дали ова ви звучи познато? Како и секогаш, првиот чекор за решавање на еден проблем е да станете свесни дека го имате. Следнава листа содржи неколку симптоми кои укажуваат на зависност од смартфон. Ако имате и само 2 од симптомите, можеби и вие сте станале зависни.
- Поминувате повеќе време на вашиот смартфон отколку што мислите, или пак го поминувате секој слободен момент со смартфонот наместо да правите нешто продуктивно.
- Поминувате повеќе време пишувајќи пораки на телефон отколку разговарајќи „во живо“.
- Одговарате на пораките постојано, дури и ако тоа ве прекинува во некоја работа.
- Тајно посакувате да сте помалку приврзани за вашиот смартфон.
- Се чувствувате неудобно ако го заборавите телефонот или ако го изгубите.
- Вашиот смартфон постојано се наоѓа на масата за време на оброците.
- Чувствувате силна потреба да го проверите вашиот смартфон секогаш кога ќе слушнете дека ви стигнала некоја нотификација.
Справување со употребата на вашиот смартфон
Ако сметате дека претерано го користите смартфонот, или пак дека сте зависни од него, постојат неколку совети кои ќе ви помогнат:
- Обидете се да му одолеете на искушението да го проверите телефонот секогаш кога ќе ви стигне нотификација.
- Дајте си задача да не го проверувате телефонот во одредени ситуации, како љубовни состаноци, семејна вечера, возење, или пак во одреден дел од денот.
- Избришете ги апликациите кои не ви се приоритет. Прифатете го фактот дека нема потреба постојано да имате пристап до сè.
- Искористете ја функцијата Airplane Mode. Ова е брз и едноставен начин да ги исклучите нотификациите.
- Симнете апликација која ќе ви помогне. Иако звучи иронично, постојат некои апликации (како BreakFree или StayOnTask) кои ќе ви помогнат да ја намалите употребата на смартфонот.
Најважното нешто на коешто треба да се фокусирате е влијанието на оваа зависност врз вашиот живот. До некој степен овој проблем е прифатен од општеството. Многу од нас ги користат телефоните за речиси сè, па проблемот станува невидлив. Ако се сомневате, разговарајте со некој близок кој искрено ќе ви каже дали имате проблем. Исто така, ако забележите дека некој ваш близок претерува со употребата на смартфонот, понудете му помош. Ако сметате дека ниту еден од овие совети не може да ви помогне, секогаш можете да побарате помош од професионалец кој ќе ви каже кои мерки треба да ги преземете.
Овој тест ќе ви помогне да откриете дали сте зависни од вашиот смартфон.