Самодовербата е новото секси
Малиот црн фустан, високите потпетици и убавата шминка можеби делуваат секси, но она што навистина ве прави да се чувствувате така нема боја, ниту форма, не може да се допре, туку само да се почувствува – нејзиното височество самодовербата. Она што ве прави секси е вашиот сопствен став за себеси. Еве како да зрачите со самодоверба.
Позитивен став
Убавината значи многу повеќе од совршен надворешен изглед. Постојат убави жени, кои не се задоволни со својот изглед и жени кои не се толку убави, но сепак зрачат со самодоверба и самопочит. Таа позитивна слика за себе е она што ви треба за да бидете секси. Мора да пронајдете начин како да се претставите пред другите, преку претставување на некоја ваша најдобра особина. Почнете уште денес и создадете си своја мантра на самодоверба.
Тајра Бенкс, на пример, „продава“ смелост, Кимора Ли уникатност. Пронајдете го вашиот скриен ас и претставете му се на светот. Надградувајте го, усовршувајте го и така градете си ја самодовербата.
Дефинирање на сопствената убавина
Обидувањето да им се допаднете на другите и да живеете според нивните очекувања воопшто не е секси. За да ја дефинирате вашата убавина, размислувајте за вашето тело според вашите лични стандарди за убавина и според тоа што за вас претставува секси. Престанете да размислувате што родителите, момчето или пријателите ви кажуваат да бидете.
Ако сакате мускулеста градба, огледајте се на Мишел Обама и фатете се за работа. Ако ги сакате облините на Џеј Ло или Бијонсе, тогаш вежбајте напорно и хранете се здраво. Но, запомнете, ако се обидувате да бидете секси за другите, а не за самите себе, тогаш само играте некаква замислена улога. За да бидете навистина секси, мора така да се чувствувате и однатре.
Прифаќање на сопственото тело
Постојат многу жени што не се чувствуваат удобно во својата кожа. Време е да го прифатите сопственото тело онакво какво што е. Силата да се прифати изгледот на сопственото тело доаѓа од свесноста за тоа колку сте вие важни. Прифатете го со сите свои несовршености и изборете се за телото кое го сакате и заслужувате.
Да сумираме. За зголемување на самодовербата вежбајте позитивно размислување. На неколку ливчиња запишете ги вашите најголеми позитивни страни. Налепете ги низ домот, постојано потсетувајте се на нив и станувајте посамоуверени. Прифаќајте комплименти. Кога некој ќе ве пофали за нешто, верувајте дека тоа е навистина така. Ценете ја убавината што другите ја гледаат во вас. Прифатете се. Престанете самите да се омаловажувате. Престанете да се осудувате дека сте преслаби, предебели и да следите некои општоприфатени норми за убавина, кои само ве депримираат. Не осудувајте ги предебелите или преслабите луѓе. Тоа е вистинскиот начин и вие да се прифатите себеси и да престанете да се споредувате со останатите. Сменете си го сопствениот став за себе, сменете си го животот!