Само за храбри девојки: Скриено виножито во косата е најновиот моден тренд!
Сте решиле дека ви е потребна промена и првиот чекор е нова фризура! Веќе ви здодеа од истата боја на коса со иста должина која ја немате променето со години. Сакате нешто сосема поразлично што ќе ве издвои од толпата и ќе ги привлече сите погледи. Сепак, не сте доволно храбри за целосно да ја обоите косата шарено, ниту, пак, да ја скратите многу. Но, ако сте решени да внесете смела промена по секоја цена, охрабрете се и земете го предвид најновиот моден тренд кој ги освои срцата на сите девојки: Скриено виножито.
Оваа „подмолна“ техника на фарбање подразбира живи бои на виножито под вашата природна коса, што значи дека сами можете да одберете кога ќе ја покажете фризурата. Скриените виножита се сместени во делови кои не би се виделе освен ако не ја соберете косата. Најважното нешто при процесот на фарбање е да се зачува природната боја на косата и да се осветлува додека боите не станат убаво видливи. Така што, ако се решите да го пробате овој тренд морате да одберете добар фризер кому му верувате, бидејќи ако се направи грешка, боите се мешаат со основната нијанса на косата, а тоа ќе доведе до некоја сосема нова боја. На пример, сино на руса коса дава зелена боја.
Но, ако се направи како што треба, крајниот резултат изгледа прекрасно, особено кога боите случајно ѕиркаат кога ќе поминете со прстите низ косата или ќе направите плетенка. Најдоброто од сѐ е што ќе можете да го скриете виножитото за на работа или во поформални ситуации. Без разлика дали ќе одберете пастелна палета на бои или поживописна, дефинитивно ќе останете забележани каде и да одите. Погледнете ги следниве фотографии од скриени виножита во косата и одберете го она што најмногу ви одговара.