Сакате да одгледате посреќни деца? Прочитајте ги советите на Данците

Сакате да одгледате посреќни деца? Прочитајте ги советите на Данците

Бебињата плачат. Тие преку солзите се обидуваат да им кажат на родителите дека се гладни, уморни или дека им треба мајчинска прегратка. На тој начин тие ги искажуваат нивните потреби што треба да им се исполнат за да преживеат. Мајките обично ја прифаќаат реалноста дека нивните ноќи ќе бидат исполнети со плачење и немир по доаѓањето на бебето, но тоа не значи дека не би ги намалиле детските солзи кога би знаеле како да го сторат тоа.

Сакате да одгледате посреќни деца? Прочитајте ги советите на Данците

Сите родители сакаат нивните деца да бидат посреќни, но ова полесно е да се каже отколку да се направи. Кога бебето ќе почне да плаче, сите мајки почнуваат да се прашуваат што не е во ред со него. Дали сака да јаде? Дали е уморно или му е неудобно? Дали треба да му се променат пелените? Дали му е здодевно? Понекогаш дури и откако ќе ги отфрлат сите можности, сѐ уште не знаат зошто бебето продолжува да плаче и не знаат како да ја смират неговата фрустрација.

Меѓутоа, постојат луѓе кои наводно откриле како да ги смират нивните бебиња. Според истражувањето објавено во „Списанието на педијатрите“ (The Journal of Pediatrics), родителите од Данска дознале како да одгледаат бебиња кои помалку плачат и растат во посреќни деца.

Истражувањето спровело анализа на изјавите од страна на родителите поврзани со вознемиреноста и плачењето на нивните новороденчиња и собрале податоци од 8.690 бебиња. Резултатите покажале дека децата на Данците плачат значително помалку за разлика од децата од другите земји што биле вклучени во истражувањето.

Иако тешко е да се одреди точната причина зошто родителите од Данска имаат предност во однос на родителите од другите земји ширум светот, авторите на истражувањето дошле до неколку фактори што би можеле да имаат влијание на ваквата ситуација.

На пример, има шанси дека еконимските фактори влијаат на родителите во Данска и родителите обрнуваат повеќе внимание на потребите на нивните новороденчиња. Истражувачите исто така претпоставиле дека и генетиката може да игра улога во сето ова, бидејќи децата ги наследуваат гените од родителите што влијаат на нивниот темперамент.

Џесика Џоел Александар, автор на „Данскиот начин на воспитување“ (The Danish Way of Parenting) изјавила дека платеното породилно отсуство е директно поврзано со оваа појава. Данска е една од земјите со најдобри услови за породилно отсуство, со тоа што им дава на мајките еден месец одмор пред да се роди бебето и потоа цела една слободна година за да бидат дома со детето по неговото раѓање. Има логика тоа што бебињата од Данска се посреќни, бидејќи нивните родители не се толку нервозни и можат да ги исполнат сите нивни потреби во текот на првата година.

Сакате да одгледате посреќни деца? Прочитајте ги советите на Данците

Бебињата од Данска стануваат посреќни деца

Пореткото плачење не е единственото нешто што ги издвојува данските бебиња од останатите деца ширум светот. И постарите деца од Данска се посреќни од децата од другите земји на планетава. Секоја година се спроведуваат истражувања на глобално ниво и се докажува дека Данците се најсреќните луѓе во светот. Постојат неколку фактори што влијаат на оваа појава. На пример, нееднаквоста помеѓу луѓето е поголема во државите коишто покажале пониски резултати не тестот за среќа.

Една од најпопуларните теории е дека среќата е директно поврзана со начинот на кој Данците ги воспитуваат децата. Од начинот на кој ги дисциплинираат децата до времето што им го дозволуваат да го поминуваат надвор, постојат многу работи што можете да ги научите од родителите од Данска.

Што можете да научите од Данците?

Родителите во нашето поднебје најчесто практикуваат построги воспитни мерки како што се карањето, казните, па дури и ќотекот. Од друга страна, пак, Данците ја покажуваат нивната емпатија за да се поврзат со децата поставувајќи им јасни граници, но одбегнувајќи ултиматуми или барање послушност по секоја цена. Наместо тоа, родителите во Данска развиваат заемна почит со децата, им даваат објаснување за поставените правила и мирно реагираат на нивното лошо однесување.

Но, правилното воспитување не игра улога само во ситуации кога децата се нервозни и го тестираат вашето трпение. Многу е важно како се однесувате со нив и тогаш кога се среќни и добро расположени. Данците гледаат да поминуваат што е можно повеќе време со нивните деца и да бидат заедно. Времето што го издвојуваат за семејството не претставува тредн за нив, туку начин на живот. Без разлика дали станува збор за семејни ручеци, прошетка или некаков проект, децата кои редовно поминуваат време со нивните родители се посигурни и посреќни.

Сакате да одгледате посреќни деца? Прочитајте ги советите на Данците

Освен тоа, родителите од Данска им даваат огромна независност на нивните деца. Тие сметаат дека слободната игра е клучот за среќното детство. Во денешно време, современите родители им наметнуваат многу напорен распоред на нивните деца. Уште од најрана возраст ги запишуваат на англиски и уште некој јазик, ги форсираат да спортуваат и да се занимаваат со други слични активности што сметаат дека ќе им помогнат во развојот. Дури и децата што имаат повеќе слободно време, немаат многу можности да си играат без родителски надзор бидејќи повеќето родители во Македонија и на Балканот веруваат дека децата треба да имаат барем 8 години за да можат да си играат сами надвор без присуство на родител.

Несомнено е тоа дека Данците применуваат воспитни мерки што се многу поразлични од оние на коишто сме навикнати. Оваа разлика е сосема логична со оглед на тоа што немаме никакво влијание на одредени фактори како што е платеното породилно отсуство.

Но, не дозволувајте тоа да ве обесхрабри доколку сакате да воведете некои промени. Почнете постепено, со тоа што ќе си поставите неколку достижни цели. На пример, ограничете го времето што децата го поминуваат пред телевизор, поттикнете ги почесто да излегуваат надвор, не им дозволувајте да отсуствуваат од семејните ручеци најмалку 3 пати неделно и на нивното лошо однесување реагирајте со емпатија, а не со лутина. Дури и најмалата промена може да направи огромна разлика во детскиот развој и благосостојба.

Прочитајте ги и следниве 9 чудни начини за воспитување деца ширум светот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар