Романтични идеи за уникатен состанок со саканата личност
Автор: Сања Петровска
Првиот состанок е нешто на кое секогаш ќе се сеќавате. Правите сè што можете за тој да биде незаборавен и да биде убав спомен за кој ќе зборувате со насмевка на вашето лице и после многу, многу години. Старите класици, на вечера со убаво вино и добар блуз во позадина никогаш нема да ве изневерат, но ако покрај романтичен сакате да биде и забавен, е тогаш ќе мора да дадете малку повеќе од себе.
Без разлика дали сакате да организирате уникатен состанок со некоја нова личност во вашиот живот или пак да ја изненадите личноста со која веќе сте во врска, овие идеи со сигурност ќе ви донесат многу искри, романтика и луда забава.
1. Импровизирајте во природа. Запалете го автомобилот, одете до најубавиот видиковец кон градот и наместо во ресторан, уживајте во преубавиот поглед и највкусните домашни сендвичи.
2. Патувајте автостоп. Одберете каде во Македонија би сакале да одите, спакувајте по еден сендвич во ранец и палците во вис. Ќе се забавувате, ќе запознаете нови луѓе и по пат ќе соберете куп интересни приказни кои ќе ви го направат денот единствен и забавен.
3. Земете час по танцување. Не е важно дали знаете да танцувате. Ќе се смеете на грешките и добро ќе се забавувате откако ќе ги научите чекорите.
4. Искачете се заедно на некоја планина. Македонија има преубава природа и мал милион ридови и врвови кои може да ги освоите. Цел ден само за вас: рекреација, долги разговори и време кое си го посветувате само на вас двајцата. Поубаво здравје!
5. Одете на спортски натпревар. Ако и двајцата сакате спорт, ова е супер идеја за состанок. Навивате за омилениот тим, јадете брза храна и ете ви рецепт за најкул состанок.
6. Земете тура во некоја винарија. Нетипично и различно. Откако ќе ги испробате најразличните вина, загарантирано ќе имате насмевка на вашите лица.
7. Летајте со параглајдер. Најуникатен прв состанок кој може да го имате. Доколку не се плашите од летање и височини, ќе имате шанса да го видите светот од многу поразлична и неверојатно фантастична перспектива.
8. Запејте во некој караоке бар. Ќе се смеете самите на себе и ќе се зезате во врска со тоа. Не постои нешто што ќе ве привлече кај некого повеќе од тоа да знае добро да се забавува и да се смее на своја сметка.
9. Куглајте. Добро пиво и добра забава. Што повеќе ви треба?
10. Одете на уметничко лизгање. Секогаш добра идеја. Дури и да паднете, ќе се смеете заедно на тоа.
11. Купете карти за концертот на некој бенд кој и двајцата го сакате. Ќе слушате музика во која и двајцата уживате, па убаво расположени ќе може да ја продолжите вечерта во некој добар бар.
12. Гледајте го изгревањето на сонцето. Разбудете се во 4 часот наутро и одете на некое мирно и убаво место од каде заедно ќе гледате како сонцето изгрева пред вас. Се држите за раце, се гушкате и пиете топла шолја кафе. Уживате.
13. Научете да зготвите некое јадење. Пронајдете го готвачот на некоја од полиците, изберете некое ново и интересно јадење и заедно обидете се да го зготвите. Нема ништо повкусно од тоа што сами ќе го направите.
14. Засадете растение. За време на викендот, одете на пазар и одберете семе за растението кое најмногу ви се допаѓа. Засадете го во вашиот двор и договорете се заедно да го негувате. Нешто ново и нешто ваше што носи важна лекција и за двајцата: да се грижите за она што го сакате.
15. Направете филмски маратон. Одберете филм кој има неколку продолженија, направете една огромна порција пуканки и излежувајте се цел ден со саканата личност. Што повеќе може да посакате?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.