Револуционерка или тигрица: Кој тип вработена девојка сте вие?
Во минатото работите биле поедноставни затоа што постоеле две опции: или ќе бидете вработена девојка, или ќе останете дома и ќе му помагате на вашиот партнер во кариерата. Но денес, гледајќи ги модерните бизнис девојки (и мајки), може да се сфати дека и овде ситуацијата е како во модата – едноставно не постои главен тренд туку десетина рамноправни, а на вас останува да ги адаптирате и прилагодите на себе.
Токму затоа и одбравме пет главни типови вработени девојки коишто ја одбележаа 2015 година, а вие издвојте го оној којшто најмногу ви одговара, па потоа извлечете заклучоци.
1. Еко-револуционерка
Прекумерното работење за на крај да добијат плата за овие девојки никогаш не било опција. Парите се дури на последно место од нивната листа со приоритети, а на прво место е креативноста, социјалната свест, друштвената одговорност и екологијата. Еко-револуционерката е уверена дека работи за да промени нешто во општеството и во таа насока ги донесува нејзините одлуки. Притоа, ним им е важно со што се хранат (само органско и здраво) и кој им ги чува децата (за нив е најдобро ако се отвори градинка во рамките на компанијата каде што работат).
Совет: Прекрасно е што и денес постојат идеалисти коишто мислат дека не треба да одбираат помеѓу кариерата и мајчинството, затоа што сето тоа може да се спои на едно место. Но, понекогаш е потребно да се одвои приватниот од деловниот живот, па да се сфати дека слаткото детско плачење не им годи на сите.
2. Тигрица
Овие девојки се секогаш совршено средени, со уреден маникир, добра фризура и црвен кармин. Тие се и најгласни. Секако, лесно се препознаваат, затоа што сакаат да бидат во прв план, без разлика дали се работи за деловни состаноци или забави. Но, за разлика од останатите успешни деловни жени, тигриците не знаат кога треба да запрат, да уживаат во своите исполнети цели, па постојано се во потрага по што повеќе трофеи: поголема канцеларија, поголема плата, силен аплауз, успешна работа, едукација.. Ним сè им е однапред испланирано и (на прв поглед) можат да постигнат сè (дури и да имаат свое семејство).
Совет: Овие девојки се триумф на самостојноста и не им е важно што мислат другите, посебно не мажите! Но, во тоа се крие еден трик. Ако научат да покажуваат малку повеќе емпатија и трпение кон другите, можеби ќе заслужат поголема почит, а тогаш навистина само небото ќе им биде граница.
3. Професионалка која самата си се фали
Иако статистиката покажува дека во оваа категорија има само 29% жени, сепак тие лесно може да се препознаат и да се видат на Инстаграм или во кафуле. Станува збор за „самопрогласените милионери“ (или девојки на патот кон успехот), кои се подготвени од рано наутро и во тренди облека, додека во рацете им блеска најбрзиот лаптоп или најновиот ајфон. Кога зборувате со нив не можете да довршите ниедна своја реченица. А и зошто би го направиле тоа, кога тие во главата имаат илјада идеи, а покрај сè мора да направат и нова фотографија за Инстаграм со цел да привлечат нова работа. Парите коишто ќе ги добијат на крајот на месецот веќе се потрошени. И така во круг…
Совет: Овие жени се успешни и убави, но треба да се потсетат дека оние коишто се фалат самите понекогаш ги нервираат другите. Тие треба да ја покажат и нивната посериозна и подлабока страна, како и да се обидат и на другите да им дадат шанса да кажат нешто за себе, наместо постојано сами да се ставаат во прв план.
4. Бизнис фристајлерка
Кога би морала да се опишува себеси, таа тешко би кажала дека е голем работник, иако тоа не значи дека не е колегијална и понекогаш несериозна. Но, во нејзиниот свет зборот „работа“ во суштина подразбира потрага по самата себеси и е внатрешното задоволство, а флексибилноста, слободата и индивидуализмот се на нејзино прво место. Ако работата ѝ тргне, па стигне до управувачка позиција, тогаш многу лесно може со своите идеи да ги зарази и колегите.
Совет: Иако на овие девојки слободата и флексибилноста им се многу важни, сепак на разговорот за работа најпрво треба да позборуваат за конкретните идеи, а замислите за слободната среда или петок треба да се остават за на крај. Среќно!
5. Кариеристка со смисла
Во сечиј работен век доаѓа оној момент кога се чувствува како Спајдермен кога скока на највисоката зграда, па се прашува: „И што сега? Дали и понатаму ќе продолжам како хрчак и вредно ќе ја тркалам вртелешката или пак ќе ја сменам насоката и ќе започнам нешто свое?“ Исто така тука доаѓаат и мислите дали кариерата, семејството, хобијата, спортот и патувањата може да се соединат во еден заеднички извор на уживања? Претставниците на оваа група не се двоумат да ја напуштат старата работа и да зачекорат во нешто ново, а свесно ги избегнуваат Фејсбук и другите социјалните мрежи, затоа што тие крадат од нивното драгоцено време, а тоа е, да бидеме реални, непроценливо.
Совет: Убава е идејата да откриете кои сте и што најмногу сакате да правите, како и тоа да започнете свој бизнис, но не заборавајте и на другите да им дадете слобода да го откријат својот прав пат, а не да ги присилувате да се придружат на вашата цел по секоја цена.