Речник на кучешкиот јазик
Вашето прекрасно мало пријателче не го знае јазикот кој вие го зборувате, но тој и понатаму се обидува да комуницира со вас. Како тој се обидува да ви го каже она што има да ви го соопшти?
Мрдање со опашката
Висината на којашто кучето ја држи опашката зависи од расата на која ѝ припаѓа, но нејзиното мрдање секогаш значи нешто.
- Со широкото и енергично мавтање лево-десно сака да ви каже дека е пријателски настроено и драго му е што ве гледа. Возбудено е и сака да си игра.
- Кога мавтањето го прави бавно, тогаш не се чувствува сигурно и ја испитува околината. Не знае дали оние околу него се пријателски настроени кон него, ниту знае што очекуваат тој да направи.
- Со високо исправената опашка кучето покажува дека доминира на својата територија.
- Доколку опашката ја држи исправено, круто и накострешено, тогаш очекува некаква опасност и покажува дека е спремно да реагира штом почувствува потреба за тоа.
- Опашката која е спуштена меѓу нозете кажува дека кучето се плаши.
Покажување на забите
Кога кучето ќе ги повлече усните назад и ќе ги покаже забите се обидува да каже дека има силна потреба да гризне нешто. Тоа не значи дека кучето е агресивно, затоа што не мора да значи дека сака да загризе човек или друго животно. Може да изреагира така и кога знае дека му следува коска или некоја друга храна.
Сигнали со ушите
Кучињата кои можат да ги држат ушите исправени можат и да испраќаат сигнали со нив. Исправените уши сигнализираат спремност за напад или за одбрана, а кога кучето е среќно тогаш ушите му се благо спуштени настрана. Тоа се нарекува „волчја насмевка“.
Лижење
- Кога се оближува без присуство на храна, тогаш сигурно сака да биде оставено на мира.
- Кучињата го користат лижењето и за да се поздрават меѓу себе или да се поздрават со луѓето.
- Кога лижењето е бавно и долго, тогаш кучињата пренесуваат интимни сигнали.
- Ако го видите вашето милениче како се проѕева тоа може да значи дека му се спие и сака да се одмори, но може да значи и дека сака да биде оставено на мира.
Сигнали со нозете
- Кога кучето ќе ги качи двете предни нозе врз својот сопственик јасно е дека го бара неговото внимание, најчесто за игра.
- Исто така, кучињата често застануваат во позиција во која со едната предна нога стојат цврсто на земја, а со другата предна нога се поставуваат како да сакаат да тргнат некаде. Со овој знак тие кажуваат дека се возбудени и сакаат нешто, особено вашето внимание.
Комуникација со главата
- Со навалување на главата настрана кучето сигнализира дека не му е сосема јасно она што го гледа или слуша, но останува љубопитно.
- Со истакнувањето на главата нанапред бара внимание.
Лаење и други вокални сигнали
Вашето домашно милениче може да лае на многу различни начини, а секој од нив сигнализира различна емоција.
- Постојаното лаење на кучето не е добар сигнал. Гласното и често лаење значи дека се чувствува осамено и депресивно.
- Кога завива го искажува својот страв дека ќе биде напуштено, но можно е со тоа да сака и да избрка некого кој може да претставува опасност за неговите малечки или за сопствениците.
- ‘Ржењето може да сигнализира најразлични нешта, од агресивност, па сè до желба за играње. Затоа на ‘ржењето треба да обрнувате повеќе внимание ако сакате да го разберете кучето.
- Кучешкото цимолење никако не смеете да го игнорирате. Тоа секогаш значи дека на вашето пријателче нешто му недостасува. Можеби сака да јаде, може сака да излезе надвор или да биде пуштено од синџир, или пак му е потребно вашето внимание.
- Има и еден случај во кој цимолењето сигнализира позитивна емоција кај кучето. Кога тоа е оставено подолго време само, радоста од прекинот на самотијата го искажува со цимолење проследено со лижење.
- Кога кучето ќе се откаже од неговите барања кон вас кои вие упорно ги игнорирате, тоа ќе возврати со оддишка.
- Сепак, во најголем број случаи брзото дишење значи задоволство.