Реченици на кои треба да се сетите кога ќе ви се чини дека животот не е фер
Не сте задоволни од тоа како ви тече животот и чувствувате како да вложувате премногу труд, а повторно сè ви тргнува наопаку? Сметате дека ништо што правите нема поента и дека среќата постојано ве заобиколува? Секој од нас поминува низ периоди кога ни се чини дека животот е неправеден, но секогаш треба да живееме со помислата дека најдоброто допрва доаѓа. Следниве мисли ќе ви помогнат да размислувате попозитивно и да не губите надеж кога ќе ви се чини дека животот не е фер…
„Понекогаш сè што треба да направите е да поразговарате со 4-годишно дете и 84-годишен старец за да го разберете животот.“
„Што и да правите, никогаш не се враќајте на она што ве скршило.“
„Кога ќе ви се чини дека немате за што да бидете благодарни, проверете си го вашиот пулс.“
„Запаметете дека ситуацијата во која моментално се наоѓате, не е вашата крајна дестинација. Најдоброто допрва доаѓа.“
„Кога животот е сладок, кажете ‘благодарам’ и славете. Кога животот е горчлив, кажете ‘благодарам’ и учете.“
„Лошите работи кои ни се случуваат во животот понекогаш нè насочуваат на патот кој ќе нè однесе до најдобрите работи што ќе ни се случат во животот.“
„Секој ден е нова прилика за да го промените вашиот живот.“
„Најдете нешто позитивно во секој ден, дури и во оние денови кога ќе морате малку повнимателно да побарате.“
„Животот не мора да биде совршен за да биде прекрасен.“
„Најлошото нешто што ќе ви се случи во животот ќе ве научи дека најдоброто нешто никогаш не треба да го земате здраво за готово.“
Овие реченици нека ви бидат првата помисла кога ќе се разбудите наутро, а следниве 5 совети нека ви бидат мисли водилки кога ќе ви треба малку мотивација за да продолжите напред…
1. Откажувањето никогаш не треба да ви биде опција
Секој човек во животот се соочува со тешки периоди, тоа е неизбежно. Во тие моменти замислете си како би било кога животот би ви бил празен, без никакви предизвици. Без тешкотиите и проблемите на кои наидуваме никогаш не би учеле и созревале. Тогаш не би живееле, туку само би постеле со постојано чувство на досада и стагнација. Препреките нè прават живи, нè поттикнуваат на промени. Без нив ние би паднале во замката на искушенијата и задоволствата. Можеби во моментов ви се чини дека животот не е фер, но тоа не значи дека засекогаш ќе остане така. Без оглед на сè, продолжете да гледате спрема сонцето и со текот на времето сенките ќе останат зад вас.
2. Отворете го срцето и умот кон промени
Многу често си го комплицираме животот затоа што се плашиме од промени. Меѓутоа, промените се потребни бидејќи нè прават внимателни и благодарение на нив постојано се развиваме и учиме важни лекции. Промените честопати знаат да бидат тешки и непријатни, но токму во тоа лежи нивната вредност и значење. Најдобрите работи во животот ни се случуваат кога ќе се најдеме на раскрсница, кога сè ни се чини црно и кога не можеме да замислиме дека ќе биде подобро. Кога мислите дека сте дошле до крајот и не можете повеќе, тој очај всушност ви покажува кој пат да го одберете. Добрите работи во животот никогаш не доаѓаат на лесен начин, но токму фактот што тие не ни паѓаат од небо, ни носи толку среќа и задоволство.
3. Не заборавајте дека имате избор
Во секој момент вие имате моќ да го контролирате сопствениот живот. Ниту една виша сила не одлучува за тоа што ќе работите, каде ќе живеете или како ќе се однесувате. Сè е во ваши раце, па наместо да се плашите од таа одговорност или да ја негирате, прифатете ја. Запаметете: Секогаш кога се чувствувате скршено, тоа значи дека треба да донесувате подобри одлуки за самите себеси, па дајте си прилика така и да биде. Заслужувате да бидете среќни, но понекогаш потребно е време за да ја пронајдете таа среќа.
4. Запаметете дека болката нема да трае засекогаш
Да траеше болката засекогаш, никогаш не би знаеле што е тоа среќа. Треба да се запознаеме со чувството на болка и тага, за да бидеме способни да почувствуваме среќа. Соочете се со тие негативни и непријатни чувства, и едноставно пуштете ги да поминат низ вас. Колку повеќе им се спротивставувате, толку подолго тие ќе живеат во вас. Прифатете ја болката и бидете благодарни што ве научила на многу важни лекции. Болката може да биде непроценлив учител, ако ја прифатиме наместо да ја осудуваме и постојано посакуваме да нè остави на мира.
5. Фокусирајте се на сè она што е добро во вашиот живот
Честопати кога се чувствуваме скршено, се фокусираме само на негативните работи во животот, наместо на позитивните. Ако тоа внимание го сосредоточите само на лошите работи, само нив и ќе ги привлечете. Многу истражувања покажале дека луѓето кои се позитивни, имаат подобри односи со другите луѓе, подобро здравје и оптимистични погледи кон животот. И вие можете да бидете едни од нив, само ако правилно ги насочите вашите мисли.