Рецепт за раванија со гриз и афион
Раванија е традиционален турски десерт од гриз со шербет или засладена вода од рози. Колачот најчесто се служи исечен на квадрати или во форма на дијаманти, декориран со сечкани ф’стаци. Денес ви споделуваме рецепт за раванија со гриз и афион за чија подготовка ви се потребни 1 час и 15 минути.
Потребни состојки:
За пандишпан:
- 3 јајца
- 200 милилитри млеко
- 50 грама шеќер
- 175 грама брашно
- 8 грама прашок за пециво
- 215 милилитри масло
- 175 грама гриз
- 100 грама афион
За сируп:
- 300 грама шеќер
- 300 милилитри вода
- 1 лажичка сок од лимон
За шлаг:
- 300 милилитри шлаг-крем
- 55 грама шеќер во прав
- 1 лажичка екстракт од ванила
- 2 лажици излупени мелени ф’стаци или афион (за декорација)
Начин на подготовка:
1. Загрејте ја рерната на 180 степени целзиусови.
2. Подготовка на тестото: Изматете ги јајцата и шеќерот додека не добиете пенеста смеса, а потоа додадете го млекото. Додадете ги брашното и прашокот за пециво и мешајте додека смесата не се соедини. Додадете масло и повторно измешајте. На крајот додадете гриз и афион и одново мешајте додека не добиете еднолична смеса. Истурете го тестото во калапот за печење и печете во рерна 25 минути.
3. Подготовка на сирупот: Ставете го шеќерот во големо тенџере со дебело дно и нежно протресете го за рамномерно да се распореди. Додадете ги водата и сокот од лимон и варете на средна температура додека смесата не почне да врие. Промешајте неколку пати со дрвена лажица за шеќерот да се растопи, а потоа намалете го огнот. Кога шеќерот целосно ќе се растопи, тргнете го тенџерето од оган.
4. Проверете со чепкалка дали пандишпанот е готов. Прелијте го со шербетот, а потоа покријте го со крпа. Оставете го да отстои 1 до 2 часа за да се впие шербетот.
5. Подготовка на шлагот: Изматете го кремот додека не добиете мека, пенеста смеса. Додадете ги екстрактот од ванила и шеќерот. Мешајте додека сите состојки не се соединат. Намачкајте го шлагот рамномерно врз пандишпанот и оставете го во фрижидер да отстои најмалку 3 часа.
6. Извадете го од фрижидер, исечете го и декорирајте со мелени ф’стаци или афион по желба. На здравје!
Откако го прочитавте нашиот рецепт за раванија, можеби ќе сакате да го прочитате и рецептот за локум со ореви.
Извор: punkufer.dnevnik.hr