Рецепт на денот: Посна мусака
Погледнете како да го направите овој ручек што е идеален за посните денови и е толку вкусен што ќе ве натера да си ги излижете прстите.
Потребни состојки:
- 3 компири
- 2 црвени пиперки
- 1 кромид
- 2 моркови
- 100 грама печурки
- 1 помал домат
- сол
- бибер
- масло
- 50 грама ориз
- малку црвен пипер
- малку магдонос
- 2-3 ловорови листови
Начин на подготовка:
Исечкајте го кромидот на кругови и пропржете го во масло, потоа исечкајте ги пиперките и морковите на коцки и додајте ги во тавата за пржење, па направете го истото и со печурките и со доматот. На крајот додајте го оризот.
Додајте сол, бибер, црвен пипер и ситно сечкан магдонос. Во поголем сад турете малку масло и размачкајте го со четка.
Половина од компирите исечкани на кругови ставете ги во садот и ставете им сол и бибер одозгора. На средина ставете ја испржената смеса, наредете ги ловоровите листови и потоа најгоре ставете ги останатите компири. Во садот турете доволно вода за да го потопите оризот.
На крајот турете уште малку масло врз горниот ред компири и печете на температура од 200 °C околу 50-60 минути.
Погледнете го овој лесен рецепт како да направите брзи фритули за зимско засладување.