Реалната слика за домашното насилство: 10 најголеми заблуди

Реалната слика за домашното насилство: 10 најголеми заблуди

Светот наголемо зборува за домашното насилство откако во јавност се појави снимка во која јасно се гледа како познатиот рагбист Реј Рајс ја нокаутира својата свршеница (сега негова жена), па ја влече надвор од лифтот додека таа е во несвест. Факт е дека домашното насилство не е ниту табу тема, а уште помалку новост. Секој од нас познава најмалку една жена или девојка која била жртва на насилство од својот сопруг односно дечко. Би рекле зошто остануваат и понатаму со нив? Моментално на Твитер популарен е хаштагот #whyistayed каде жените кои биле жртви на насилство објаснуваат зошто и понатаму останале со насилникот.

Реалната слика за домашното насилство: 10 најголеми заблуди

Домашното насилство е ужасна појава која со себе повлекува многу жртви, за жал најчесто тоа се децата, кои се принудени во животот да растат со лоши спомени од своето детство. Никој не сака да памети како мајка му била тепана од страна на таткото, никој не сака да го доживува својот дом како место на злосторот наместо безбедно прибежиште.

Експерти одговараат на најголемите заблуди поврзани со домашното насилство, а за да ја поттикнеме свеста за оваа појава, вклучуваме и изјава од познатиот американски доктор Фил кој објаснува зошто, иако за нас несфатливо, многумина одбираат да останат во насилен брак.

Реалната слика за домашното насилство: 10 најголеми заблуди

1. Домашното насилство е ретко

Статистички 1 во 4 жени и 1 во 7 мажи се жртви на домашно насилство. Многумина мислат дека домашното насилство не е така честа појава, дека речиси и не постои во денешно време кога жените имаат толку права. Тоа е огромна заблуда. Тоа што таквите парови не го покажуваат тоа во јавност не значи дека не им се случува, а обично баш насилниците умеат добро да се преправаат пред други.

Всушност, луѓето не го земаат предвид и емоционалното насилство. Дури и ако никогаш не сте биле удрени, може да имате трауми од многубројните вербални навреди и омаловажувања. Една жена која сведочи за својата судбина изјавила „Сè уште можам да го чујам гласот на мојот сопруг како ми одѕвонува во ушите.“

Сепак, за среќа, макар во развиените земји, сè помала е трпеливоста кон домашното насилство. За навистина да се намали бројот, јавноста, односно ние како совесни граѓани мора да преземеме нешто. Наместо да молчиме за жртвите кои ги познаваме, јасно да се знае кое е нашето мислење за таа појава – во никој случај не е прифатливо и е казниво! Сè додека се водиме по заостанати принципи дека мажот е глава на куќата и може да прави што сака, бројот на нездрави семејства ќе биде голем. Нашите деца мора да ги воспитуваме противстереотипно – не си маж ако покажуваш сила во домот.

2. Невозможно е да се сака некој кој те злоупотребува

Како незасегнати набљудувачи може остро да искоментираме дека нема шанси да сакаш некој кој е толку груб кон тебе. Сепак, најголем број од жртвите, иронично, вината ја бараат кај себе и иако се жртви се чувствуваат посрамено. Оваа тема е навистина комплексна, така што овие жени, иако знаат дека не е правилно, може сепак да имаат љубов за својот насилен партнер и упорно да веруваат дека може да го променат. Најчесто кога насилникот сака да ја намали тензијата по нападот, ќе ѝ изјави љубов на жртвата, дури и ќе се расплаче. Жртвата „паѓа“ на ова и му верува.

3. Насилникот е вон себе кога напаѓа

Експертите велат дека домашното насилство се случува бидејќи еден партнер чувствува дека има целосна контрола над другиот, дека е повреден и помоќен од другиот. Неретко насилството се случува кога насилникот е под дејство на алкохол, иако не мора да значи. Насилниците прават секакви нешта со цел да имаат контрола над жртвата, од изолација до криење на финансиските средства, така што во никој случај не можеме да речеме дека се надвор од контрола или пак дека го прават тоа несвесно. Психологот Реј Џонс тврди дека 18 години работи со жртви на насилство и досега не сретнала ниедна жена на која домашното насилство ѝ се случило само еднаш. Насилникот ќе тврди дека нема да го стори тоа повторно, но секогаш лаже и секогаш знае дека лаже.

Реалната слика за домашното насилство: 10 најголеми заблуди

4. Домашното насилство е секогаш физичко

Како што споменав претходно, тука се вбројува и емоционалното насилство, навредите, изолацијата, заканите, внесувањето страв. На почетокот насилникот најчесто е добар и харизматичен, барем како таков се прикажува, за набрзо да почне претерано да ја критикува својата жртва, навредува и изолира од светот. Постојат многу форми на физичко насилство, не само физичкиот удар. Покрај навредите тука е и присилбата на сексуален чин, која не смее да се запостави. Запрепастувачки е што 1 во 3 жени жртви на насилство морала да остане со насилникот, откако била принудена на незаштитен сексуален однос.

5. Ако некој те малтретира, решението е очигледно, излези од таа врска/брак

Всушност не е толку едноставно за жртвите на насилство. Најчесто поставуваното прашање е: Зошто ли останува во таква врска? Но, кои сме ние да судиме? Ситуацијата е многу комплексна, не може да се запостави стравот, а уште потешко е доколку жртвата има деца и се плаши за нивната безбедност. Најголем страв е за тоа што ќе се случи откако ќе го напуштат партнерот, што ако проба да им наштети? Факт е дека жртвите на насилство не се слободни и не можат да прават што сакаат.

6. Жртвата може едноставно да повика полиција

Повикувањето полиција е правилното нешто што жртвата мора да го стори, но не е ни најмалку лесно за неа. Некои не сакаат нивниот партнер да оди во затвор, или се плашат дека повикот само ќе предизвика повеќе насилство или дека нема да бидат соодветно згрижени и заштитени. По повикувањето полиција следи давање изјава од што жртвите се плашат. Доколку тука ја вброиме и нашата култура, односно фактот дека најголем број ако не и секој од соседите нема да ѝ помогнат на жртвата и ќе останат глуви и слепи пред насилството, сфаќаме дека воопшто не е едноставно.

7. И двете страни се виновни за избувнување на насилството

Народот рекол дека за кавга се потребни двајца, но не постои ниедна логична и морална причина ниту пак оправдување за насилството. Точка.

Насилникот итро ќе направи жртвата да се чувствува како соучесник, како да го заслужила тоа, како да не е доволно добра сопруга/мајка/девојка, како да го испровоцирала и сл.

8. Речиси еднаков е бројот на жени и мажи жртви на насилство

Не одрекуваме дека постојат мажи кои се жртви на насилство, но да се верува дека бројот е еднаков, едноставно е смешно. Тоа што некои ќе се потпрат на своја измислена статистика не го прави овој проблем помал ниту пак понеопасен. Гледајте на ова вака, на секој маж хоспитализиран поради домашно насилство, има 46 жени кои се хоспитализирани поради истата причина (оваа бројка важи за САД, кај нас, верувам, бројот на жени е многу поголем).

Реалната слика за домашното насилство: 10 најголеми заблуди

9. Домашното насилство им се случува само на жени кои се сиромашни, зависни од мажот и неедуцирани

Најголем број од жртвите се од оваа категорија, иако има исклучоци. Домашното насилство не дискриминира ни според статус ни според образование. Секој може да биде жртва на насилство. Сепак, финансиските средства играат голема улога. Жените кои имаат финансиска сигурност полесно би се оттргнале од насилникот, додека зависните и сиромашни жени се поранлива категорија.

10. Дрогата и алкохолот го предизвикуваат домашното насилство

Точно е дека го поттикнуваат, дека голема е веројатноста пијаниот маж да ја малтретира својата жена, но не може алкохолот да биде наведен како виновник. Постојат многу луѓе кои пијат, но не се насилни со своите жени и уште поважно, пијаните насилници не се насилни кон себе, нема да си наштетат себеси, што значи дека се свесни што прават.

Иако алкохолот го поттикнува насилството, многу фактори играат улога во емоционалното и физичкото насилство. За жал, многу од жртвите исто така ќе почнат со употреба на дроги и алкохол како начин да се справат со тоа што им се случува.

Како да ѝ помогнам на пријателка која е жртва на насилство?

Најпрво не смеете да се поставите супериорно ниту пак да осудувате. Поставувањето прашања како „Зошто веќе еднаш не си заминеш?“ не помага многу. Мора да покажете големо разбирање и трпение, да сочувствувате, да направите вашата пријателка да се чувствува доволно безбедно и сакано за да ви се довери вам. Во никој случај не смеете да бидете груби мислејќи дека така ќе ѝ ги отворите очите, таа знае во каква ситуација е. Информирајте се за активните организации кои би можеле да ѝ помогнат и да ѝ обезбедат правна помош и безбедно место. Но, најпрво разговарајте со жртвата бидејќи нема да можете насила да ја оттргнете од насилникот додека самата не стане свесна дека треба да си замине. Жртвата може да лаже пред полицијата и да каже дека никогаш не ѝ била нанесена повреда поради многу причини.

Реалната слика за домашното насилство: 10 најголеми заблуди

Како насилникот управува со своите жртви и зошто им е тешко да си заминат?

Доктор Фил гостува во емисијата на Венди Вилијамс каде таа го поставува она прашање што сите жени, кои не биле жртви на насилство лесно ќе го постават бидејќи навистина не им е јасно: Зошто жените и понатаму остануваат во таква врска? Зошто не си заминат?

Доктор Фил одговара дека е многу потешко отколку што звучи и притоа ги објаснува фазите на насилникот и како тој управува со жртвата:

  • Прва алатка која насилникот ќе ја употреби е изолацијата. Тој ја изолира својата жртва од семејството, пријателите, црквата, продолжува со одземање на мобилниот, финансиските средства, за да ја остави сосема изолирана.
  • Продолжува со намалување на самодовербата додека не ја донесе до состојба на парализа – неможност да се направи што било. Насилникот секојдневно ја „опсипува“ жртвата со погрдни зборови и подли навреди за да се чувствува супериорно, истовремено правејќи ја неа да се чувствува слабо, незаштитено, да мисли дека не вреди ништо и дека всушност треба да биде благодарна што тој е со неа. Ќе направи да се чувствува како да не прави доволно за него, дека е лесно заменлива и дека е лоша мајка.
  • Кога жртвата конечно ќе реши да го напушти насилникот, најчесто поради последниот најстрашен напад, започнува периодот кога таа најмногу се плаши од она што би можело да ѝ се случи. Доколку жртвата не е згрижена и заштитена, може да биде повторно нападната. Всушност, во тие две или три недели по разделбата во просек се случуваат повеќе напади отколку што имало во текот на врската. Затоа жртвата задолжително треба да се обрати до организација и да побара заштита.

Запамтете, не сте должни да трпите насилство и имате право на заштита и љубов. Доколку вие сте жртви на насилство или познавате жени кои се жртви на домашно насилство, пријавете, не молчете, постојат луѓе и организации кои ќе ве згрижат, не сте сами!

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. uros Reply

    Насилтсво е насилство без разлика врз маж или жена. А Вашето наметнување дека % е поголем кај жените , покажува дека заземате страна. Во денешно време се поголем е бројот на психичко а и физичко насилство врз машките. На интернет има видео снимки од каде се гледа дека насилството врз мажкиот род не се зема сериозно.

Остави коментар