Работи за кои жените треба да престанат да се извинуваат во 2017 година

Работи за кои жените треба да престанат да се извинуваат во 2017 година

Сѐ повеќе модерни жени гласно го кажуваат нивното мислење и не ги премолчуваат неправдите со кои секојдневно се соочуваат. Сепак, познато е дека жените се извинуваат многу почесто од мажите. Не е важно дали е тоа така затоа што тие се воспитани да бидат претерано учтиви или навистина имаат потреба да се извинуваат за сѐ и сешто.

Работи за кои жените треба да престанат да се извинуваат во 2017 година

Факт е дека жените се извинуваат за многу работи како што се нивните животни избори, физички изглед, начин на исхрана, искажување на личното мислење, а тоа воопшто не би требало да биде така. Како што жените стануваат сѐ посвесни за оваа појава, така растат и обидите да се стави крај на истото. Доколку и вие сте забележале дека премногу често го користите зборот „Извини“, имајте на ум дека за следниве работи никогаш не би требало да се извинувате…

За тоа што имате свое мислење

Секој има право на свое мислење. Мислењето на мажите во никој случај не е повредно од мислењето на жените. Никогаш не плашете се да го кажете јасно и гласно она што го мислите. Немојте само да молчите доколку не се согласувате со нешто и да дозволувате некој друг да ги носи вашите одлуки. Луѓето ќе ве почитуваат поради тоа што размислувате со своја глава.

За тоа што сте имале абортус

Ова е многу деликатна тема за која дефинитивно ќе наидете на поделени мислења. Без оглед на тоа што ви го велат другите, сепак конечната одлука треба да биде само ваша, бидејќи се работи за вашето тело и вашиот живот. Не мора да го направите она што останатите ви велат дека е правилно и апсолутно не сте должни да живеете според нечии правила и убедувања. Изберете го она што вие мислите дека е правилно.

За тоа што сте амбициозни

Долго време се верувало дека главната цел на жената е да основа семејство, да се грижи за децата и за домот. Денес нештата се сменети, но сѐ уште постои тој притисок дека жените треба да се омажат до одредена возраст за да можат да родат што е можно повеќе деца. Доколку тоа е вашата желба, секако дека треба да си ја исполните. Но, не се чувствувајте лошо ако наместо семејство сакате да основате сопствен бизнис и да градите кариера. Семејниот живот не мора да ви биде приоритет. Не се извинувајте поради тоа што сте амбициозни и вашата дефиниција за успех во животот се разликува од онаа на општата маса. Следете ги вашите соништа.

Работи за кои жените треба да престанат да се извинуваат во 2017 година

За тоа што се залагате за правда во општеството

Вие ги сакате луѓето и не ги осудувате според нивната верска, национална и етничка припадност. Не ви пречат хомосексуалците, напротив, се залагате за нивните права. Доколку некој се обиде да ве разубеди (а ќе има такви), вие докажете го спротивното. Не дозволувајте туѓите предрасуди да го променат вашето мислење. Останете доследни на себеси и на она во кое вие верувате.

За тоа што јадете нездрава храна

Точно е тоа дека треба да се храните здраво, но не се чувствувајте лошо доколку не можете ниту еден ден да поминете без благо. Сите тие реклами и манекенки со совршени тела кои промовираат здрав начин на живот навистина знаат да набијат грижа на совест поради тоа што вие не успевате да ги исполните истите стандарди. Меѓутоа, вистината е дека не морате да го направите тоа! Доколку си ветите дека ќе се храните здраво, секако дека треба да си го одржите зборот. Но, направете го тоа само затоа што вие така сакате, а не затоа што така ќе бидете подобро прифатени во општеството.

За тоа што се грижите за себе

Уште од рана возраст, жените учат дека треба да им угодуваат на другите, бидејќи само така ќе бидат општествено прифатени. Жените треба да ги исполнуваат потребите на мажите за да им се допаднат и да бидат сакани. Секако дека треба да се грижите за другите луѓе, но не заборавајте најпрво да се погрижите за себе. Како може човек кој е незадоволен со себе да пренесе љубов, топлина и грижа? Не се извинувајте поради тоа што се ставате себеси на прво место. Тоа е потребно за да можете да го извлечете најдоброто од себе и да станете подобра личност која навистина ќе може да се грижи и за другите.

Во продолжение прочитајте и за кои 10 нешта силните жени никогаш не се извинуваат.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар