Работи за кои луѓето не треба да ни влијаат
Автор: Мар
Животот е еден. Постарите рекле: денес си, утре не си. Често, потсетувајќи се на овие зборови, не сфаќам зошто луѓето постојано се обидуваат да ни пресудат за некоја постапка. Многупати пред да направиме нешто размислуваме дали тоа ќе влијае на нашата иднина и што останатите ќе помислат за тоа. Еве неколку примери за работи со кои повеќето од нас секојдневно се среќаваат и за кои не треба да слушаме никого, бидејќи животот треба да си го живееме по наша желба и по наши правила.
1. Немој да му ѕвониш!
Што тие знаат за вас!? Кој и да е, не може да знае како се чувствувате. Секогаш кога имате потреба да слушнете некого, без разлика на сè, заѕвонете, не мислете на коментарите на другите, бидејќи еден ден и тие ќе бидат во ситуација каква што е вашата, но тогаш нема ни да ве прашаат вас за мислење. Не мислете се толку, кренете го телефонот и направете го повикот.
2. Облечи нешто друго
Никој не е должен да се облекува онака како што другите сакаат туку онака како што тој си сака. Ако веќе вие сте одбрале да го носите баш тоа парче облека за баш тој настан, тогаш сигурно сте мислеле дека во него ќе се чувствувате убаво. Гледајте си за себе и не заборавајте, ако се чувствувате убаво однатре,тогаш убаво изгледате однадвор.
3. Не е тој/таа за тебе
Како да не! Од каде другите можат да знаат кој е за вас? Тој/таа живее поразлично од вас? Па што, разликите се привлекуваат и секој може да биде за вас ако вие го дозволите тоа. За луѓето впрочем нормално е да кажат дека некој/а не бил/а за вас доколку тие го/ја имаат на ум за себе или ако сметаат дека вие сте нешто помалку од некого. Застанете на нозе и докажете им на сите дека баш тој/таа е вистинскиот или вистинската за вас!
4. Будала си ако му/ѝ простиш
Луѓе, каква е таа големина на човештвото ако нема простување? Сакајте за да бидете сакани и простувајте за да ви простуваат. Како што никој не е совршен така и никој не е безгрешен. Ако сметате дека со тоа што ќе простите нема да бидете повторно повредени, тогаш што чекате, кажете го тоа зборче „извини“ и продолжете напред, а другите и онака секогаш ќе најдат некоја нова тема за разговор.
5. Зошто сè уште разговараш со него/неа?
На улица се среќавате со бившиот/та или со другар со кој сте завршиле средно и сте се потскарале. Зарем поради некоја таква причина треба да останете без муабет и да вртите глава кога ќе се пресретнете на улица? Сте поминале заедно некои моменти од животот, било што било, не мора да значи дека сè е простено и заборавено ако се каже едно „Здраво“. Поздравот е од култура, не го очекувајте од некултурни луѓе.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.