Работи што ќе ги разберат само луѓето кои се амбициозни, но многу мрзливи

Работи што ќе ги разберат само луѓето кои се амбициозни, но многу мрзливи

Постојат луѓе кои се многу интелигентни, вешти, креативни, способни да најдат решение за општествените проблеми и да го спасат светот, но не го покажуваат тоа поради една единствена причина: Мрзливи се. Тие секогаш ги завршуваат нивните обврски на најдобар можен начин, но не успеваат да направат ништо повеќе од тоа затоа што требало да ја изгледаат најновата сезона од нивната омилена серија или едноставно им се спиело. Тешко им е да преземат акција иако секогаш постигнуваат одлични резултати. Кога амбициозните, но мрзливи луѓе ќе решат да го направат првиот чекор, ова се фазите од нивниот работен процес…

Работи што ќе ги разберат само луѓето кои се амбициозни, но многу мрзливи

Прва фаза: Погрешна перцепција за времето

Целиот процес почнува со одредена задача или работна обврска. Сите задачи си имаат краен рок до кога би требало да бидат завршени. На пример, писателите имаат 5 дена да напишат нова колумна. Поради тоа што амбициозните писатели веруваат во нивните способности и вештини, сметаат дека даденото време е претерано и самите одредуваат колку време би им било потребно за да напишат колумна. Така решаваат дека ќе им требаат 2 дена за да ја завршат задачата, па останатиот дел од времето го посветуваат на работи што ги интересираат, како на пример гледање серии или одново препрочитување на омилените книги.

Втора фаза: Метафоричка парализа

Кога ќе завршат 3-те „слободни“ дена, првиот „работен“ ден од преостанатите 2 го поминуваат залепени на креветот. Или каучот. Дури и на подот понекогаш. Оваа фаза е од витално значење, бидејќи тогаш амбициозните луѓе размислуваат. Додека да соберат сила и да почнат со работа, на овие поединци им доаѓаат секакви креативни идеи поврзани со работа, но и такви кои немаат никаква врска со нивната професија. Последните два дена полека минуваат, а тие се парализирани од недостаток на волја.

Работи што ќе ги разберат само луѓето кои се амбициозни, но многу мрзливи

Трета фаза: Трка со времето

Времето минува, а на првиот „работен“ ден веќе му се ближи крајот. Амбициозните луѓе полека се прибираат и почнуваат со работа. Во текот на првиот час од работењето, тие сѐ уште ги имаат амбициозните идеи од втората фаза. Ќе работат напорно и ќе бидат горди на задачите што ќе успеат да ги сработат за само еден ден. Позитивни се и оптимистични. Максимално го искористуваат нивниот потенцијал и сработуваат повеќе работи истовремено, завршувајќи ги задачите за рекордно време. Сѐ изгледа супер во оваа фаза. Тие дури и ќе успеат да си го поправат лаптопот до крајот на денот, бидејќи ете толку се генијални.

Четврта фаза: Соочување со реалноста

И покрај нивните супермоќи, амбициозните луѓе ја поминуваат последната ноќ од последниот ден пред крајниот рок во работа. Во текот на 2-та „работни“ дена, тие ги поминуваат сите фази на плачење, се разболуваат неколку пати и се дружат со нивната најдобра пријателка анксиозноста. Освен тоа, нивните амбициозни идеи не може да се реализираат, бидејќи за нив би им требало повеќе време. Крајниот резултат е уште една просечна колумна која звучи како да ја напишал некој средношколец.

Работи што ќе ги разберат само луѓето кои се амбициозни, но многу мрзливи

Петта фаза: Повторување

По завршувањето на оваа тортура, амбициозните луѓе сфаќаат колку многу можат да постигнат за само 2 дена и се прашуваат што би направиле кога би ги искористиле сите 5 дена што им се дадени. Меѓутоа, кога се соочуваат со нова одговорност, се сеќаваат дека успеале да ја завршат претходната задача за 2 дена и така нивниот амбициозен циклус одново започнува.

Доколку и вие го имате овој проблем, погледнете го овој водич за мрзливи луѓе и дознајте како постепено да се изградите во подобри личности.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар