Работи на кои треба да се потсетите кога имате лошо мислење за вашето тело
Одвреме-навреме, секој од нас се чувствува помалку привлечен. Без разлика, колку и да изгледаме добро, ќе има денови кога нема да се чувствуваме убаво. Наместо да чувствувате гадење додека се гледате во огледало и да зборувате лошо за својот изглед, потсетете се на овие едноставни факти.
1. Ти си многу повеќе од твоето тело
Да, твојата физичка форма е она со што се движиш низ светот, но тоа не те претставува тебе како целина. Ти си фасцинантно, комплексно суштество со мисли, чувства, дела и одлуки. Запомни дека твојата надворешна форма е мал, а несуштински дел од тебе како целина.
2. Твоето тело е убаво чудо на природата
Застани и размисли за сѐ она што твоето тело го прави за тебе. Ти постојано ги земаш „здраво за готово“ сите негови функции кои ги извршува. Наместо да се чувствуваш ужасно во врска со тоа како изгледа, почни да се чувствуваш благодарно за сите работи кои тоа може да ги направи.
3. Нема да се чувствуваш секогаш вака
Го имаш надминато ова во минатото, а ќе го надминеш повторно. Чувствата за твоето тело доаѓаат и си одат како и сѐ друго. Седни, диши и прави го тоа што прави да се чувствуваш добро во врска со себе. Тагата и фрустрацијата ќе заминат дур да трепнеш. Како и секогаш.
4. Со тоа што го мразиш твоето тело се повредуваш себеси
Негативната слика за тебе не менува апсолутно ништо за тоа како навистина изгледаш. Можеш да зборуваш лошо за себе колку сакаш, телото ќе ти остане исто. Единствениот начин на којшто можеш да се смениш е преку позитивно размислување и преземање акција за промена. Сѐ останато е само трошење енергија.
5. Ти никогаш нема да зборуваш за туѓите тела онака како што зборуваш за своето
Во моментите кога се критикуваш, застани и замисли како би било да ѝ ги кажуваш истите зборови на твојата најдобра другарка. Звучат ужасно, нели? Секако дека нема да ѝ ги кажеш. Ниту на неа, ниту на некој друг. Па, тогаш зошто си ги кажуваш на себе? Ти можеш да си бидеш најдобар пријател, но и најголем непријател. Изборот е твој.
6. Ти си многу повеќе од оваа негативност
Некогаш треба само да седнеш и да дозволиш негативните чувства да поминат. Кога можеш и ако можеш, сети се на тоа каква личност си. Ти си прекрасен човек кој не остава простор за токсични емоции. Животот е доволно тежок, не треба да си го отежнуваме самите дополнително.
7. Твоето тело работи најдобро кога е сакано
Иронично, но кога најмногу се критикуваме, најтешко ни е да усвоиме здрави навики. Наместо да ги потопите своите таги во чашка алкохол или да се тешите со брза храна, направете си здрав оброк. Наместо да лежите цел ден и да плачете, излезете надвор и раздвижете се. Прошетката во природа влијае одлично за доброто расположение.
8. Само ти си ги забележуваш малечките маани
Секој го прави ова, но за момент престани да размислуваш и забележи како се однесуваат луѓето околу тебе. Колку пати твој близок пријател спомнал некоја своја маана која е скоро непостоечка? Поголемиот дел од времето ти не ги ни забележуваш мааните за коишто зборуваат твоите пријатели. Истото се однесува и за тебе. За жал, самите ги преувеличуваме нештата. Па дури и да не е така, никој нема право да те критикува за нешто што можеби не можеш да го промениш.
9. Го трошиш своето бесценето време на себекритикување
Животот е краток, па нема потреба да се чувствуваш лошо за своето тело. Имај го ова на ум, обиди се да се ослободиш од сите лоши мисли за себе и биди добар кон себе. Потсети се дека времето е највредното нешто што го имаме. Како сакаш да го потрошиш? Сигурно не на себекритикување.
10. Ти вредиш доволно
Без разлика како размислуваш во моментите на слабост и тага, ти не треба да бидеш ништо друго освен самиот себе. Престани да го слушаш внатрешниот глас кој ти вели дека не вредиш доволно и почни да се вљубуваш во тоа што си. Не постои уште една личност како тебе на овој свет. Самата помисла на тоа е прекрасна. Диши, чувствувај и уживај во тоа што си. Знај дека овие тешки чувства ќе поминат и дека после сѐ ти ќе се чувствуваш уште посилно. Ти си многу повеќе од твоите несигурности.
Самодовербата е клучен елемент во здравиот однос кон себе, па еве неколку едноставни чекори со кои ќе си ја вратите.