Работи кои можете да ги купите на старо за да заштедите пари
И предметите кои некој веќе ги употребувал можат да бидат употребливи уште долго време, а се наоѓаат за многу пониска цена. Секако, потребно е да бидат исправни, да изгледаат како нови, да имаат останато уште доста од својот век на траење и можеби тоа да биде нешто кое нема да го користите многу често. Такви предмети е подобро да се купат на старо отколку нови поради односот помеѓу парите што ги плаќате и вредноста што ја добивате за тие пари. Такви предмети би можеле да бидат некои од овие што следуваат.
Книги
Ретко кога една книга е прочитана повеќе од еднаш. Дури и ако поминала низ многу раце претходно, доволно е да не е искината за да можете и вие да ја читате. Страсните читатели на ваков начин можат да заштедат многу пари.
Велосипед
За цената на нов неквалитетен велосипед можете да си купите стар супер квалитетен. Новите велосипеди кои навистина вредат, чинат и повеќе од 18.000 денари, но ист таков можете да добиете и за помалку од половината од таа сума ако некој го користел пред вас. Проверете само дали е исправен и дали треба да се сменат некои делови пред да го возите, затоа што тоа може подоцна да ви извади уште некој денар од џебот.
Автомобил
Купувањето автомобил на старо веќе е раширена практика кај нас поради многу пониските цени во споредба со оние на новите автомобили. Ако сакате да извлечете максимум од односот вредност-пари, купете автомобил кој е стар 2-3 години. Тие не се многу користени, а нивната цена значително е падната.
Опрема за вежбање
Опремата за вежбање е многу скапа ако ја купите нова од продавница, а нема да ви користи повеќе од некоја што ќе ја купите на старо. Нема никаква разлика помеѓу нов тег и некој што веќе е користен 5 години.
Алати за домаќинство
Исто како и со опремата за вежбање, алатите за домаќинство се доста издржливи и не ја намалуваат својата употребливост со текот на годините. Тоа не важи секогаш за електричните алати, но чеканот, клештите и шрафцигерот секогаш ќе бидат исти како и новите од продавница.
Венчаница
Фустанот кој ќе го носите на вашата свадба чини десетици илјади денари, а ќе го облечете само еднаш. Би било паметно доколку веднаш после тоа го продадете, а би било уште попаметно ако го купите на старо и заштедите многу пари за на меден месец.
Мебел
Сигурно дека нема домот да го реновирате со мебел на старо, но можете барем некои ситни парчиња кои ви притребуваат одвреме-навреме да ги набавувате на ваков начин за да заштедите пари. Тоа особено важи за мебелот изработен од метал или стакло на кој му треба само малку „шминкање“ за повторно да изгледа како нов.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.