Психолозите откриваат: Целиот живот сме имале погрешно сфаќање за среќата
Во животот за повеќето работи важи правилото дека ако вложиме доволно труд, ќе можеме да постигнеме речиси сѐ што ќе посакаме. Доколку сакаме да постигнеме успех на професионално поле, треба да работиме напорно и сите задачи да ги извршуваме беспрекорно. Доколку излегуваме на повеќе љубовни состаноци, поголеми се шансите дека ќе ја сретнеме љубовта на нашиот живот, отколку ако останеме дома и ги поминуваме вечерите во жалење. Па, врз основа на истиов принцип, сметаме дека ако сакаме да бидеме среќни, треба активно да работиме на тоа, а не само да се помириме со судбината дека никогаш повеќе нема да се насмееме во животот.
Меѓутоа, психолозите откриваат дека кога станува збор за среќата, вложувањето труд може да постигне спротивен ефект. Парадоксално, но клучот за доживувањето вистинска среќа лежи во тоа да се прифати тагата, а не да се форсирате себеси да чувствувате нешто што не чувствувате. Сузан Дејвид, психолог од Харвард и автор на книгата „Емоционална агилност“ (Emotional Agility), смета дека луѓето треба да се справат со емоциите на здрав начин, без да се кријат од нив или да им дозволат да го контролираат нивното однесување. Според неа, кога ќе научите да се разберете со вашите емоции, вашиот живот ќе стане многу поисполнет и поавтентичен.
„Кога имаме некоја цел поврзана со среќата, тоа ќе нѐ натера да го паметиме секое разочарување, секоја пречка, секоја грижа како доказ дека не сме доволно среќни или како доказ дека сме потфрлиле во нашиот обид да станеме среќни. А тоа не функционира така во реалноста“, објаснува Дејвид.
Оваа идеја е поддржана со докази. Во нејзината книга, психологот споменува истражување што открило дека луѓето кои читале за придобивките од среќата биле помалку среќни по гледањето среќен филм, отколку луѓето кои читале нешто сосема неповрзано. Постои уште едно истражување кое докажува дека колку поголемо значење ѝ придаваат луѓето на среќата, толку полошо се чувствуваат.
„Кога луѓето се многу тажни и постојано се концетрираат на тоа да размислуваат позитивно, на тој начин тие всушност ги отфрлаат на страна тешките мисли и емоции“, изјавува Дејвид.
Тоа е исто како да ги криете под тепих вашите проблематични чувства во вашата ментална дневна соба. На прв поглед собата изгледа совршено, но прашање на време е кога ќе почне да ѕирка прашината под тепихот. Според Дејвид, треба да обрнете внимание на негативните емоции, бидејќи тие обично се обидуваат да ви кажат нешто.
На пример, можеби чувствувате фрустрација поради вашиот шеф. Тоа брзо можете да го средите со тоа што ќе се обидете да ја сведете вашата фрустрација на минимум и ќе се преправате дека сѐ е во ред. Наместо тоа, Дејвид ги охрабрува луѓето да ја истражуваат таа фрустрација. Можеби сте вознемирени поради тоа што шефот не го наградил вашиот колега за неговиот успешно завршен проект. Тоа ви кажува дека правдата е многу важна вредност во вашиот живот.
„Таа информација е многу, многу важна. Кога премногу се фокусираме на тоа да бидеме среќни, ние всушност ги занемаруваме критичните информации кои можат да ни помогнат да научиме нешто и да се прилагодиме на нашите животни околности. На тој начин, ние почнуваме да живееме лажно“, вели Дејвид.
Треба да ја сопрете вашата внатрешна борба што ве измачува и ве тера да размислувате дали вашите мисли и чувства се во ред.
„Она што треба да го направите е да ставите крај на вашата внатрешна борба и да престанете да се прашувате дали би требало или не би требало да чувствувате нешто, дали би требало или не би требало да размислувате за нешто, дали станува збор за позитивни или негативни мисли. На некој чуден начин, прифаќањето ѝ претходи на промената“, тврди Дејвид.
Со тоа што ќе ги сослушате тие негативни емоции и ќе им дозволите да избијат на површина без да ги осудувате, ќе добиете значајни информации кои ќе ви помогнат да го средите вашиот живот. Можеби мислите дека сте заглавени во погрешната професија и оваа идеја е вкоренета во вашето размислување, но тоа не значи дека треба да ја осудувате, туку да ѝ обрнете повеќе внимание. Не морате да започнувате со медитација за да станете поспиритуални. Треба само да научите постојано да бидете отворени кон сите вашите мисли и чувства. Целта е само да бидете, а не да бидете среќни, што е многу ослободувачки.
„Нашиот договор склучен со животот е договор потпишан со ранливост, тага и анксиозност. Ако сакаме да живееме автентично и значајно, не можеме да се фокусираме само на една животна димензија и да очекуваме дека фокусот токму на таа димензија ќе ни донесе убав живот“, завршува Дејвид.
Не плашете се да се соочите со вашите емоции. Прифатете ги и научете нешто од нив без оглед на тоа дали се позитивни или негативни. Само кога ќе успеете вистински да се прифатите себеси, ќе станете способни да доживеете среќа каква што секој заслужува.