Промени кои ги шокираат жените по бременоста
Бременоста и пораѓањето чинат прекрасен период од животот на секоја жена. Сепак, тоа е период кој носи и некои неизбежни искуства кои се шок за жената и на кои таа не е подготвена, особено доколку е бремена за прв пат.
1. Либидо
Доколку не сте расположени за секс, нема потреба за загриженост, бидејќи не сте единствени. Голем број мајки немаат желба за секс по пораѓањето, а тоа знае да потрае и повеќе од година. Гинекологот Хоуп Рикиоти од Универзитетот Харвард вели дека тоа се случува бидејќи мајките се целосно посветени на детето, па сите други работи паѓаат надолу на листата со приоритети.
Доколку на сето ова ја додадете и исцрпеноста и збунетоста на новите мајки, оваа појава воопшто не е чудна. Во целата оваа работа голема улога играат и хормоните, особено падот на естрогенот, кој после некое време се враќа на нормалното ниво, па и сексуалниот живот си доаѓа на место.
2. Стомак и проблеми со килограмите
Голем број жени се шокираат после првата бременост, кога ќе сфатат дека по пораѓањето стомакот не се враќа толку лесно. Најчесто потребни се шест до осум недели за стомакот пополека да се врати во нормала, а за тоа време се опоравува и целиот организам. Штом почнете да се чувствувате подобро, можете да почнете со вежби.
3. Зголемени стапала
Општо познато е дека за време на бременоста на голем број жени им отекуваат нозете, па потоа им е тешко да ги носат чевлите кои ги имале од претходно. Но, малку познато е дека нозете остануваат малку поголеми и по бременоста. Ова непријатно изненадување ќе ве нервира, бидејќи голем број стари чевли ќе ви бидат тесни и нема да можете повеќе да ги носите.
Покрај зголемениот број килограми кој ги оптоварува нозете, за зголемувањето на стапалата улога играат и хормоните, особено релаксинот. Овој хормон ги опушта мускулите на телото за да можете полесно да родите, но не делува само на карлицата, туку на целото тело.
4. Промена на градите
Иако градите и за време на бременоста и за време на доењето се зголемуваат, подоцна тие можат да се вратат на претходната големина, но и да го променат својот облик. Затоа не е воопшто чудно што по доењето ќе ви е потребен помал градник. Доколку мислите да престанете со доењето за да го одбегнете овој ефект, подобро да се откажете од таа идеја. Едно истражување од 2008 година покажало дека доењето нема врска со големината на градите и дека кај некои жени кои не го доеле своето бебе постои можност градите и повеќе да се намалат.
5. Опаѓање на косата
Трудниците најчесто имаат густа и сјајна коса, но после пораѓањето работите драстично се менуваат, а ова е голем шок за многу од нив. По пораѓањето состојбата на косата се враќа во нормала и почнува да паѓа. Сепак, утешително е тоа што и оваа промена со текот на времето прекинува. За време на бременоста, нивото на хормонот естроген расте, па го спречува опаѓањето на косата, но тоа престанува откако ќе го родите бебето. Опаѓањето на косата трае неколку месеци или во најлош случај најдоцна до првиот роденден на бебето.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.