Прочитајте го ова ако одамна не сте чуле „Те сакам“!
Те сакам!
Два збора, три самогласки, седум букви. Изјава што може да биде изговорена за половина секунда. Фраза што може да биде кажана со вистинска нежност или случајно да излета низ нечии заби. Се работи за зборови според кои сите сакаме да живееме. Зборови што очајно сакаме да ни бидат кажани, бидејќи сме биле научени дека романтичната љубов е таа што нè прави вредни како човечки суштества. Но, реалноста е дека постојат милиони видови љубов и дека не ни се потребни тие зборови за да ја мериме нашата вредност.
Вистината е дека доволна ни е и љубовта што ја имаме за себе.
Проблемот се јавува кога ја перципираме како нешто што можеме да го добиеме само од другите и дека љубовта кон себе не е толку важна како онаа што ја добиваме од надвор. Сакаме да се чувствуваме безбедно, да ни биде дадена дозвола да се сакаме откако ќе видиме дека некој друг нè сака. Мислиме дека ако некој друг ни каже „Те сакам“, дури тогаш можеме да бидеме сакани, без разлика дали станува збор за некој друг или за самите нас.
Вам не ви се потребни тие зборови.
Ако размислите подобро, тие не се ништо повеќе од два збора, три самогласки и седум букви. И без разлика колку се убедуваме дека зборовите се секогаш доволни и дека имаат силно значење, тоа не е секогаш случајот. И го знаеме тоа длабоко во себе. Зборовите можат да лажат, а луѓето можат да манипулираат.
Љубовта не е само букви.
Не се потсетуваме доволно дека љубовта не може да биде мерена само со зборови. Постојат дела што се погласни од сите комбинации на букви. Не се потсетуваме ни дека љубовта е насекаде околу нас, дури и кога не се обидуваме да ја најдеме. Толку сме фокусирани на тие зборови, што не ги забележуваме малите нешта, оние реалните што навистина отсликуваат нечија љубов. Овие ситници, колку безначајно и да делуваат, имаат поголема моќ од познатите два збора што сите ги очекуваме.
Фокусирајте се на делата околу вас.
Време е да ги отвориме очите. Забележете ги случајните допири со дланки, двете прегрнати тела, оставените пораки, насмевката упатена во ваша насока, ненамерните погледи што траеле малку подолго, како и најомразените домашни обврски завршени од друга личност уште пред да сте имале шанса да станете од кревет од сабајле… Љубовта се изразува на многу начини, па не трошете си го времето барајќи ги зборовите без дела.
Можеби никој одамна не ви кажал дека ве сака. Но, дали сте сигурни дека никој не ви ги покажал овие емоции без зборови? Можеби сте слушале, наместо да гледате… А можеби и единственото „Те сакам“ што ви е потребно е она од самите вас. И никогаш не заборавајте дека зборовите „Те сакам“ не се доволни за да опстои љубовта!