Прочитајте го ова ако не можете да замислите некој да се вљуби во вас

Прочитајте го ова ако не можете да замислите некој да се вљуби во вас

Не можете да си замислите дека некој чувствува „пеперутки во стомакот“ кога вашето име ќе му се појави во телефонот? Не можете да си замислите дека некој мечтае за вас додека е на работа? Не можете да си замислите дека некој е вљубен во вас, затоа што тоа не ви се случило досега? Но, не заборавајте, тоа не значи дека нема да се случи во иднина. Прочитајте зошто треба да почнете да верувате во чуда, за кои мислите дека се далеку од вас и им се случуваат само на други девојки или момци.

(1) Не можете да замислите дека некој е вљубен во вас?

1. Мислите дека имате една сродна душа

Или, можеби имате повеќе сродни души, но во секој случај, бројот на луѓе со кои ќе се сретнете ќе биде поголем од бројот на оние со кои ќе остварите вистинска врска. Затоа, не се потресувајте доколку сите ваши вљубувања или љубовни врски, на крајот не испаднале онака како што сте си ги замислувале. Доколку некој не испаднал фер кон вас, ги изневерил вашите очекувања или ве оставил, тоа не значи дека треба да се затворите дома. Гледајте го тоа како нова можност да се вратите на забавата и да продолжите со потрагата по личноста која навистина ве прави среќни. Некои луѓе знаат да го поминат сиот живот со погрешна личност, затоа бидете среќни поради новите патишта што се отвораат пред вас, во изнаоѓањето на својата сродна душа.

2. Не се изедначувајте со вашите несигурности и недостатоци

Можеби го мразите изгледот на вашиот стомак, мислите дека вашиот нос е многу голем или дека премногу анализирате и се оптоварувате со сите нешта околу вас? Но, погодете што? Кога ќе ја сретнете вистинската личност, таа или тој, нема да се фокусира на вашите „недостатоци“. Секако таа личност, не значи дека ќе биде слепа и нема да забележи некои несовршености на вашето тело или вашиот ум, но воопшто нема да ѝ биде грижа за тоа. Тоа значи дека нема да се обидува да ве поправи, затоа што е среќен/среќна со вас онакви какви што сте и со тоа кои сте. Замислете си, вие сте љубовта на неговиот/нејзиниот живот… Да, и тоа е можно!

(2) Не можете да замислите дека некој е вљубен во вас?

3. Вие сте вистинска добивка

„Оној што ќе те има, ќе биде многу среќен.“Сигурно оваа изјава често ја слушате од пријателите и семејството и сметате дека е лага, затоа што си мислите дека единствено сакаат да ве утешат и да направат да се чувствувате добро. Но, без оглед дали ќе поверувате или не, тоа е точно! Вие сте човек што без проблем ќе му купи или ќе му подготви вечера на својот партнер или ќе му пеете детски песнички кога не се чувствува добро? Дали би седеле до него на каучот читајќи си книга, додека тој или таа си ја гледа омилената ТВ емисија? Па размислете, зарем не сте вистинска добивка?

4. Никогаш не знаете што точно мислат другите

Дали сте се вљубиле некогаш и тоа да го зачувате како ваша тајна? Секако дека имало таква приказна во вашиот живот. Па, токму затоа отворете го умот и размислете. Ако вие сте се нашле во таква ситуација, зарем не мислите дека таму некаде не постојат барем неколку луѓе кои се „затрескани во вас до уши“, но не сакаат или не знаат како да го признаат тоа? Немојте да мислите дека сте личност којашто не може да биде сакана доколку не добивате љубовни пораки и други знаци кои укажуваат дека некој е заљубен во вас. Вие всушност им се допаѓате на многу повеќе луѓе отколку што можете да си замислите.

(3) Не можете да замислите дека некој е вљубен во вас?

5. Песимизмот никаде нема да ве однесе

Доколку си велите себеси дека никогаш нема да ја најдете вистинската љубов, тогаш од старт имате позиција на губитник. Дури кога некоја сосема непозната личност ќе флертува со вас, вие тоа нема да го доживеете така, затоа што претходно сте го истренирале умот да размислува дека никој не може да биде заинтересиран за вас. Затоа многу често можете да прочитате или да слушнете совет од типот дека мора да се засакате себеси, пред да засакате некој друг. Верувајте, вашата доверба може да ве однесе многу далеку.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар