Прочитајте го искуството на овие 5 жени кои дале отказ за да го спасат своето ментално здравје
Работното време зазема важен (и голем) дел од нашиот живот, а често работата продолжува и во часовите што треба да бидат наменети за одмор. Поради тоа, многу луѓе се нашле во ситуација да ги ревидираат своите одлуки или да си отидат од работа, особено ако нивниот труд не бил ценет. Многу компании применуваат нездрави мотивациски програми, од кои зависи и заработката на вработениот, што дополнително додава нервен притисок.
Постојат луѓе кои се чувствуваат како робови на своето работно место, но се плашат да го направат чекорот кон излезната врата од компанијата, а потоа и низ неа. Ова се искуствата на пет жени кои решиле да го преземат ризикот и да ја напуштат работата каде не биле среќни.
1. „Што и да е, сосема е во ред“
Џесика Г. имала идеална работа, но она што недостасувало било задоволство со неа. Сега работи како хонорарен графички дизајнер, а на претходното место чувствувала анксиозност, стрес, незадоволство, ниска самодоверба, што потоа преминало и во нарушувања врз физичкото здравје.
Најпрво мислела дека поминува низ криза на кариерата, бидејќи го работела тоа што сака, но се чувствувала мизерно. Нејзиниот терапевт ја посоветувал да размисли дали можеби дошло време да замине оттаму. Кратко потоа, Џесика открила програма за „дигитални номади“, која дава можност за патување и усовршување во различни делови од светот. Така, денеска таа работи како фриленсер.
Од своето искуство, научила дека перфекционизмот може да уништи безмилосно. Ни во денешната работа не е сè идеално, но барем е поштедена од стресот и притисокот. Според неа, сосема е во ред да се напушти работата каде работникот не е среќен. Секое ново искуство е плус, но не и по цена на целосно изостанување на среќата.
2. „Не верував во интегритетот на компанијата“
Холи К. на своето прво интервју добила впечаток дека компанијата прави сè за да им помогне на новите вработени, но уште од првиот ден сфатила дека секој си е свој индивидуален играч и дека работата оди слободно, без никакви насоки и правила. Атмосферата во компанијата изобилувала со анксиозност и страв, а вработените постојано биле под закана дека ќе бидат отпуштени или ќе им се намалат платите.
Во моментот кога претпоставениот открил дека ќе бидат намалени сите плати и дека за еден месец ќе има отпуштања, таа препознала дека тоа не е добар знак, општо за целата работа и одлучила да замине. Едноставно, не сакала да живее во таква паника.
Кратко потоа, Холи пронашла нова работа, каде одбрала да ги цени вредностите, наместо парите. На овој начин, избегнува да биде во ситуација да поднесува психолошки товар, само за да ја заслужи платата. Таа советува секој кој се наоѓа во нездрава работна средина, побрзо да замине оттаму.
3. „Не сакав да бидам сиромашна до пензионирање“
Надин П. работела како киропрактичар, но нејзината работа не била доволна за да се закрпи финансиската дупка, иако секогаш имала клиенти. Во моментот кога ги подмирила сите долгови и дошла „на нула“, Надин сфатила дека е време нешто да се смени.
Нејзиниот сопруг се разболел и кога бил примен во болница сфатила дека изминатите 30 години им поминале во работа и во надеж за поубав живот. Тие сакале да работат напорно до пензија, а потоа да заминат на некое егзотично место каде ќе уживаат во пензионерските денови. Но, откако тој се разболел, сфатиле дека можеби и нема да имаат време колку што планираат и дека мора нешто да променат.
Денеска, Надин е автор и советник и на тој начин заработува за живот. Таа сфатила дека никогаш не е доцна да се промени одлуката за тоа што ќе работи во животот.
4. „Шефот имаше непредвидливи промени на расположението“
Меган Е. била возбудена кога станала шеф на кетеринг служба, а со тоа добила и поголемо покачување на платата. Но, уште во првата недела сфатила дека нештата не се такви какви што изгледаат. Нејзиниот шеф имал нагли промени на расположението и испади на бес, но освен тоа, цело време работата била под надзор на камера. Извесно време трпела, поради тоа што заглавила во кредит за венчавка.
Сепак, по три недели, нејзиниот шеф имал повторно страшен испад на бес, по што сфатила дека нејзиното место не е таму и дека подобро би било да замине.
Со заминувањето, на Меган ѝ се отворила шанса да отвори своја компанија за консултантски услуги. На овој начин, успева да заштеди доволно пари, но и да не се плаши од непланирани трошоци.
5. „Не постои совршен момент за да започнеш бизнис, но постои совршен момент да заминеш“
Леа В. работела како помошник приправник во агенција за имотни спорови, а потајно сакала да биде организатор на настани. Со текот на годините сфатила дека никогаш нема да стане адвокат и дека таа работа само ја оддалечува од она за кое сонува.
На работното место била незадоволна, но не заминувала поради редовната плата, сè до денот кога се соочила со колега кој навредувал и сакал тој да ја има контролата над сè. Во тој момент решила дека ѝ е доста, а по кратко време почнала со реализација на својот сон.
Од ова искуство научила дека треба да го слушаме својот внатрешен глас, кој цело време нè предупредува кога нешто не е во ред. Понекогаш, заминувањето е најдоброто нешто кое може да си го дозволите себе, особено ако потоа почнете со исполнување на соништата.
Прочитајте што сè треба да знаете пред да дадете отказ.