Проблематично детство, болно раскинување: Ослободете се од непотребниот емотивен багаж!

Проблематично детство, болно раскинување: Ослободете се од непотребниот емотивен багаж!

Колекцијата на сликички од основно училиште, љубовните писма од првото момче, зајчето кое од многубројните преселувања го загубило едното око, искинатиот џемпер во кој толку добро се чувствувате… Што би бил животот без овие наши мали богатства? Но исто така, вистина е и дека покрај интересните колекции од сè и сешто, со текот на годините собираме и уште нешто – сите трауми, неправди, лоши искуства и стравови. А, доколку се чувствувате дека овој непријатен „багаж“ ве влече надолу или наназад, време е да се „распакувате“ и сето она што е непотребно да го оставите зад себе!

1-problematichno-detstvo-bolno-raskinuvanje-oslobodete-se-od-nepotrebniot-bagazh-www.kafapauza.mk_

Багаж бр. 1: Проблематично детство

Што прво ви паѓа напамет кога ќе се сетите на вашето детство? Игралиште, кукли, изгребани колена, ластик? Или пак се чувствувате загрозено, уплашено и ранливо?

„Како дете многу повеќе бев заинтересирана за животните и билките отколку за моите врсници. Останатите деца ме малтретираа, бидејќи мислеа дека сум поразлична од нив. Денес, како возрасна, мислам дека можам да се справам со агресивните луѓе, но во некој дел од мојот мозок остана страв дека луѓето ќе дознаат дека во детството сум била слаба и ранлива“, вели Марина, активист во организацијата за заштита на животните.

Раните искуства, кои вклучуваат отфрлање од околината и каков било вид на насилство, може да имаат моќно психолошко влијание, а на многу луѓе траумите продолжуваат да ги прогонуваат и во нивните зрели години. Доколку сте заглавени во стапицата наречена „јас не го можам тоа“, мора да се потсетите себеси дека сте возрасни и доволно силни да ги совладате лошите искуства од минатото. Па, каде е решението на овој проблем? Тоа може да биде едноставно баш како потсмев, и тоа на себе.

Една неодамна објавена американска студија покажала дека луѓето кои умеат да се насмеат на своја сметка, тогаш кога ќе се најдат во некоја непријатна ситуација, подоцна немаат никакво чувство на непријатност, за разлика од оние кои не го умеат тоа. Докажано е и тоа дека чувството на срам може да се поништи доколку отворено го споделите со другите. Затоа откријте им ги на своите родители, најдобрите пријатели или партнерот сите ваши чувства поврзани со несигурноста поттикната од детството. Ништо не го убива и уништува сомнежот во себе колку кога некој друг ќе го направи тоа за вас. Доколку пак, сте доживеале нешто посериозно, како психичко и физичко злоупотребување, не го закопувајте тоа. Неопходно е да побарате професионална помош пред проблемот да завладее со вашиот живот.

„Секој во себе крие мудрост и никој не е попаметен од вас самите кога е вашиот живот во прашање. Дозволете си себеси да ги затворите очите, да допрете до своето внатрешно јас, да го поставите прашањето кое ве мачи и ќе го пронајдете бараниот одговор“, вели Деби Форд.

2-problematichno-detstvo-bolno-raskinuvanje-oslobodete-se-od-nepotrebniot-bagazh-www.kafapauza.mk_

Багаж бр. 2: Се чувствувате недопадливо и грдо

Кога последен пат сте виделе некој модел или девојка од насловните страни и сте посакале да изгледате како неа? Утрово додека гледавте FashionTV? Стоење пред огледалото, жалење за својот стомак и бутови, постојано мерење и премерување… Изгледа дека опседнатоста со тежината денес стана главна опсесија, што се чини дека не правиме ништо друго освен водење сметка колку скалата на вагата се подместила нанапред или наназад.

Но, дали сè уште не сфативте дека не мора да бидете девојката која наоколу шета во тесни фармерки (за кои, патем, се надева дека еден ден добро ќе ѝ прилегаат) и да им завидува на оние девојки чија задница е половина од нејзината. Сетете се дека скоро никој не може да се пофали со совршени пропорции, но на некои жени поголемиот задник или неколку килограми повеќе не им стојат на патот за да се чувствуваат и да се однесуваат диво.

Багаж бр. 3: Фобијата позната како „Никој не ме сака“

Ги грицкате ноктите, бидејќи мислите дека вашиот шеф не ве сака само поради тоа што изгледате како вашата колешка? Мислите дека насмевката на вашиот комшија е само фацијален грч? Добро дојдовте во клубот! Потценувањето себеси е главен метод за самоизмачување во кое ние жените сме вистински мајстори. Стравот дека никој не нè сака е еден од нашите најголеми „диверзанти“.

„Не сакаме кој било да дознае дека се чувствуваме недостојни за нечија љубов, ниту дека сме доволно добри, па така го поминуваме целиот наш живот обидувајќи се да го потиснеме ова верување“, објаснуваат психолозите.

Ова деструктивно приоѓање кон себе и сопствените вредности нема да ве одведе никаде, а може да создадете блокада, која ќе ги спречи сите позитивни работи и мислење да допрат до вашиот живот. Затоа, кога ќе почувствувате дека вашето размислување оди во правец на сомневање, дека вашата личност е вредна колку онаа на грофот Дракула, одлучно отфрлете ги овие мисли. Пронајдете мирно катче и направете листа на сите фантастични работи кои сте ги направиле во животот – наградите, пофалбите, напредокот во кариерата и сите оние позитивни работи кои не би се случиле доколку ве немало вас. Дајте си поттик со тоа што ќе ги забележите сите добри работи во вашиот живот или пак водете дневник за своите убави случувања и искуства.

Доколку не можете да се сетите на ништо, прашајте некој од вашите најблиски што сакаат најмногу кај вас и никако немојте да ги прекинувате со вашите антиреклами. После бројните пофалби, сигурно ќе се запрашате каков би бил светот ако ве немало вас во него. Која е најдобрата работа што можете да ја направите за себеси? Авторот Гери Зукав дава еден краток одговор: „Сфатете дека го заслужувате вашиот живот и живејте го согласно со тоа.“

3-problematichno-detstvo-bolno-raskinuvanje-oslobodete-se-od-nepotrebniot-bagazh-www.kafapauza.mk_

Багаж бр. 4: Не се обидувате нешто да промените

Дали некогаш сте се запрашале зошто новогодишните одлуки скоро никогаш не се реализираат? Доколку се водите со реченицата: „Јас сум најмрзливата личност на светот и никогаш не успевам да го реализирам она што сум го зацртала“, тогаш направете пауза и „премотајте ја лентата“. Што и да е во прашање, не можете веднаш да се прогласувате за „неуспешни“ доколку не сте се обиделе да ја реализирате идејата/планот/одлуката.

Пред сè, поставете си го прашањето дали тие цели се навистина ваши? Бидејќи, ако работите по планот кој некој друг го зацртал за вашиот живот, секако, дека ќе немате еднаков ентузијазам и волја какви што би имале кога би биле во прашање вашите желби. Дали вас навистина ве мачи тоа што сте сингл или повеќе ве мачи тоа што другите мислат дека кончено би требало да пронајдете некого? Лесно е да паднете под влијание на оние луѓе кои се обидуваат да ве убедат дека во обичните појави се крие некоја опасност. Затоа, ако уживате во тоа што сте сингл, така останете сè додека не посакате (вие, а не некој друг) да најдете соодветен партнер. Чекор два: Не размислувајте „на коцка“.

Што прават поголемиот број девојки кога ќе се соочат со некој проблем? Ја повикуваат својата најдобра другарка, секако. Но, забавете го својот рефлекс за бирање на нејзиниот број – барањето на совет од само една личност со која се дружите, претставува само едно гледиште за прашањето што ве мачи. Наместо тоа, кога ќе се соочите со некоја навистина деликатна тема и дилема, обидете се да побарате совет од некој на кој никогаш не би помислиле. Обратете се на пример, на вашиот брат за да ви даде од машка точка на гледиште, совет за љубовните маки или консултирајте се со жената со која заедно одите на фитнес, а знаете дека води сериозен бизнис, како да ги унапредите своите работни вештини. Понатаму, мислете на проблемите дека се како сложувалка, а не како препреки на патот и претставете си ги себеси како позитивен предизвик кој ќе ви покаже колку сте упорни, спремни и способни да го поминете.

Багаж бр. 5: Ги намалувате сопствените амбиции

Израснавте со идејата дека еден ден ќе станете светски познат сликар, а сте завршиле работејќи како графички дизајнер. Како се случило тоа? Секако дека нереалните цели може да нè обесхрабрат кога не сме во состојба да ги реализираме. Но, да се биде реален често може да нè ограничи. Реалните цели водат до едно – реални резултати. А, умереност не е нешто што би сакале да го препишеме на сопственото име, зар не? Главното прашање гласи – дали избираме да бидеме нешто помалку од она што навистина би можеле да бидеме?

Успехот подразбира тешка работа, но доколку се стремите – само напред. Тоа што сте можеби единствени во вашето опкружување и семејство што не сака да работи од 9 до 17 часот, не мора задолжително да биде лоша работа. Држете се до она што навистина го сакате. Покрај тоа, секогаш можете да започнете одново, доколку претходното не успеало. И она што е најважно, а што треба да го запомнете – животната среќа и забава многу повеќе ќе ја пронајдете во „текот на патувањето“ отколку на „крајната дестинација“!

4-problematichno-detstvo-bolno-raskinuvanje-oslobodete-se-od-nepotrebniot-bagazh-www.kafapauza.mk_

Багаж бр. 6: Го доживувате животот како натпревар

Без разлика што правите, секогаш ќе има некој попаметен, поубав, посекси или поуспешен од вас. Ослободете се од љубомората. Отидете во кафуле, фатени рака по рака со вашата згодна другарка, наместо да гледате да бидете што подалеку од неа, за да не се забележи дека нејзините гради се поголеми од вашите. Патем, зарем има нешто поубаво за машко око, од тоа кога пред себе ќе здогледа не една, туку две згодни девојки?

А, девојките кои постигнале некој успех на кој им завидувате се обично и оние кои останувале и работеле прекувремено, го жртвувале својот приватен живот поради работата и вложувале двоен труд за да го постигнат она што го постигнале. Доколку ова не ве теши, анализирајте што имате вие, а тие не. Повеќе пријатели, прекрасно момче и слободни викенди? Размислете за ова, скокнете од среќа и удрете си шамар самите себеси секојпат кога ќе посакате да се најдете во туѓа кожа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар