Прирачник за изгубени момци: Девојките откриваат кои се најдобрите начини да им пристапите

Прирачник за изгубени момци: Девојките откриваат кои се најдобрите начини да им пристапите

Во денешно време многу е тешко да се направи првиот чекор, особено ако сте срамежливи и интровертни. Вистина е тоа дека девојките знаат да бидат многу брутални и пребирливи, па затоа неретко момците не знаат како да им пристапат и се плашат од веројатноста дека ќе бидат исмеани ако направат нешто погрешно. Исто така вистина е дека ако не ѝ се допаѓате на некоја девојка, што и да направите нема да биде доволно, меѓутоа барем ќе добиете можност да поразговарате и да оставите добар впечаток. Секако дека тоа што важи за една девојка, не мора да значи дека ќе постигне ефект и кај друга, но ова се исповедите на неколку девојки кои откриваат кои се најдобрите начини да им пристапите и да започнете разговор со нив…

Прирачник за изгубени момци: Девојките откриваат кои се најдобрите начини да им пристапите

1. Роза наместо пијалак

„Секогаш ќе го паметам начинот на кој еден дечко се обиде да ме запознае. Во кафулето поминуваше девојка која продава рози и иако бевме женско друштво, застана на нашата маса, ми даде роза и ми рече ’Ова е од дечкото таму’. Се свртев и го видов како се смее и јас му се насмевнав, па тој веднаш ми пристапи и почнавме разговор.“ – Ана, 24

Пуштањето пијалак на девојка и сличните варијации на оваа тактика се застарена форма на додворување. Секој втор ги части девојките со пијалаци, така што нема на никаков начин да се издвоите од останатите ако го применувате овој метод. Наместо тоа, зошто да не подарите роза? Во секое кафуле поминуваат девојки кои продаваат рози, ќе потрошите исто толку колку за пијалак, а и ретко која девојка може да одолее на убаво цвеќе. Ќе оставите впечаток на културен и романтичен дечко кој несомнено се разликува од останатите.

2. Убаво смислена реченица без никакви очекувања

„Обично не ги сакам претерано романтичните клише реченици кои би требало да ми го одземат здивот, но оваа се разликуваше од останатите. Ми пријде дечко и ми кажа ’Чија и да си, кому и да припаѓаш, прекрасна си’. Навистина ме остави без зборови.“ – Милена, 29

Немојте да ја мешате оваа реченица со тие од типот „Да не си ангел паднат од небото?“ или „Твоите очи се како ѕвезди што блескаат на небото“. Иако е на граница на клише романтичните изјави, сепак не ја преминува, бидејќи не покажува никакви очекувања. Дечкото здогледал убава девојка, морал да ѝ го каже тоа и притоа не очекувал ништо за возврат, ниту пак го занемарил фактот дека можно е да има партнер. Девојките многу го ценат тоа кога момците прават работи за нив без никакви очекувања (дури и ако тоа е понекогаш лажно).

Прирачник за изгубени момци: Девојките откриваат кои се најдобрите начини да им пристапите

3. Наоѓање заеднички интерес

„Едно момче ми пријде и ми кажа дека ја забележал мојата тетоважа, дека и тој отсекогаш сакал да се тетовира и почнавме разговор кој потоа се разви понатаму и откривме дека имаме многу заеднички интереси. Заедно сме веќе 2 години.“ – Силвија, 26

За ова ќе треба да поминете малку време во набљудување и да се обидете да најдете нешто заедничко за што би можеле да разговарате. Во овој случај било полесно, бидејќи се работи за нешто видливо, но некогаш е тешко да се забележи нешто што би можело да ве поврзе. Сепак, не е невозможно. Доколку пие некој коктел, приближете се и опуштено кажете нешто во стил „Коктелов ми делува многу интересен, со што е? Ти се допаѓа? И јас сакам да пробам“. Или, пак, ако забележите дека особено се радува на некоја песна, почнете разговор со „Слушаш ваква музика? И мене ми звучи интересно. Од кого е песнава?“. Ретко која девојка нема барем учтиво да ви одговори, а тоа е доволно за да воспоставите комуникација.

4. Поканете ја на танц

„Кога сум излезена со другарките обожаваме да играме. Еднаш ми пријде еден дечко и ми кажа ’Извини, што ќе те прекинам, ама не можев да не забележам дека навистина убаво играш. Јас поим немам. Можеш да ме научиш барем некој чекор?’. Како да кажам не? Тој всушност беше навистина добар танчар, но да ме поканеше обично само да играме, веројатно немаше да прифатам.“ – Сандра, 21

Оваа тактика е добра и ефективна поради неколку причини. Прво, дечкото покажува дека е културен со тоа што се извинува. Второ, тој веднаш дава учтив и искрен комплимент, а да не се лажеме, сите девојки обожаваат комплименти. И трето, тој бара помош! Девојките се чувствуваат поласкано кога некој ќе им каже дека има потреба од нивната помош и сака да научи нешто од нив. Женскиот пол генерално обожава да споделува знаење и речиси ниту една девојка нема да одбие да помогне. Во најмала рака, ќе ви понуди некои корисни совети, но во никој случај нема да преврти со очите или да ви сврти грб.

Прирачник за изгубени момци: Девојките откриваат кои се најдобрите начини да им пристапите

5. Покажете смисла за хумор

„Еден дечко навистина се потруди околу тоа да ме запознае и ми приреди цела претстава. Тој дојде и ми кажа дека има другар кој е совршен за мене. Јас бев скептична и се изнасмеав, но тој ме убеди дека е навистина добар и успешен стројник. Почна да ми поставува некои чудни прашања кои наводно ќе му помогнеле да ја докаже неговата теорија и ги одговараше истите прашања и за неговиот „пријател“. На крајот, откако убаво се изнасмеавме, ми откри дека тој е „пријателот“. До некаде очекував, но интересно беше да се биде дел од таква претстава.“ – Даниела, 23

Ова е малку ризичен пристап бидејќи некои девојки не сакаат да бидат лажени, макар се работело за добри цели, но ако ништо друго барем сите добро ќе се изнасмеете на крајот. На овој начин ќе оставите впечаток на креативен и забавен дечко, а нели сите девојки тврдат дека сакаат партнер со добра смисла за хумор? Како ќе се одвива разговорот одлучувате вие, но гледајте да поставувате што понеобични прашања од типот „Кои се твоите стравови?“ или „Што те прави среќна?“, одговарајте ги истите и за себе и не отстапувајте од тврдењето дека ваквите прашања ви се неопходни за да процените дали таа и вашиот измислен пријател си одговараат. Можеби ќе им бидете малку здодевни на девојките кои не сакаат филозофирање, но самите ќе треба да процените за каква девојка се работи и во која насока треба да го водите разговорот.

6. Директен пристап

„Дојде и ми кажа ’Здраво, од пред малку те гледам како убаво се смееш и не можев да се воздржам. Може да се запознаеме?’. Ми се допадна тој директен пристап, бидејќи и јас сум директна, па веднаш започнавме разговор.“ – Анастасија, 27

Директните девојки сакаат директен пристап со што помалку глумење и драматизирање. Секако, дека овој пристап не е 100% успешен, но не се обесхрабрувајте доколку девојката ви одговори негативно. Во секој случај, со сигурност нема да бидете исмеани, бидејќи ако ништо друго таа ќе ви се заблагодари за комплиментот, а вие ќе оставите впечаток на културен дечко. Девојките никогаш не им се смеат на културните и опуштени момци.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар