Престанете да го чекате: Неговата неодлучност е одлуката која треба да ја чуете
Сигурно ви се случило да запознаете момче со кое веднаш тргнало сè во најдобар ред. Излеговте неколку пати, ви тргна муабетот и деновите полека се претворија во месец. Но, токму во моментот кога нештата треба да станат посериозни, тој се повлекува и забележувате дека почнува да се однесува ладно кон вас. Се чувствувате збунети и не знаете како да ја сфатите оваа ненадејна промена. Тој ве уверува дека не треба да се грижите, туку дека едноставно е премногу зафатен.
Постои веројатност тој навистина да е зафатен и да се соочува со многу проблеми, но најтрагичниот момент е што вие никогаш не би можеле тоа со сигурност да го знаете. Можеби не сакате да ја прифатите можноста дека тој едноставно не е повеќе заинтересиран за вас, но мора да бидете искрени самите со себеси кога ќе правите проценка дали момчето ја кажува вистината или лаже.
Ова е полесно да се каже отколку направи, бидејќи кога навистина ќе ви се допадне некој, силно посакувате тој да биде вистинскиот. Ги игнорирате сите знаци на предупредување и се уверувате себеси дека „чувствата“ што ги има тој за вас евентуално ќе излезат на површина и ќе ги надвладеат сите глупости со кои тој моментално ве храни.
Во ваков случај, морате да ја ставите емоционалната приврзаност настрана, колку и да е тоа тешко, и да направите логичка анализа на целата ситуација. Зошто не сте се виделе толку време? Дали тој навистина се труди да ги реши работите што е можно побрзо или само ги одложува? Дали тој навистина сака да одвои време за вас или не ви нуди ништо друго освен глупави изговори? Споредете ги неговите зборови со неговите дела.
Немојте да се залажувате себеси. Тој да сакаше да биде со вас, ништо немаше да може да го спречи во тоа. Не паѓајте на клише муабетите дека само што излегол од врска и не е подготвен за нова. Кога го сфатил тоа? Требаше да ве однесе во кревет за да дојде до тоа откровение? Погрешниот тајминг и демоните од минатото се илузија кои служат за да ве залажат и да ви дадат надеж дека кога ќе биде вистинското време и кога тој ќе ги излечи неговите рани ќе бидете заедно.
Немојте да си губите повеќе време. Соочете се со реалноста и оттргнете се од оваа личност. Тој не ви е потребен во животот. Вие заслужувате многу подобро. Ако на некој му треба толку време за да одлучи дали сака да биде со вас, дали тој воопшто заслужува да биде со вас? Времето е скапоцено и вам ви треба некој што ќе го цени вашето и нема да ве завлекува. Свртете нов лист и продолжете понатаму.