Престанете да ги оправдувате луѓето кои постојано ве повредуваат
Некои личности имаат навика да го бараат само доброто во луѓето. Тие ги игнорираат нивните недостатоци и им простуваат за лошото однесување, мислејќи дека длабоко во себе немале лоши намери. Секој човек прави грешки, но дали секој заслужува втора шанса? Дефинитивно не. Секоја ситуација е различна и само вие можете да утврдите дали вреди да простите некому. Па, доколку личноста со која сте во врска или пак, само сте блиски со неа, а ве повредува повторно и повторно, тогаш таа не заслужува друга шанса и време е да се оддалечите.
Секако, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Сигурно оваа личност ви значи многу, па не сакате да ја повредите правејќи да се чувствува како лош човек. Но, понекогаш треба да бидете себични и да престанете да се грижите за тоа како вашите одлуки влијаат на другите. Мора да научите да се сакате себеси, пред сè, и да знаете кога е доволно. Бидете си самите приоритет и оддалечете се од оние кои прават да се чувствувате лошо. Доколку е тоа член од семејството можеби не би можеле целосно да го оттргнете од вас, но обидете се помалку време да поминувате со него. Ако пак тоа е момче кое повторно сака да прави планови со вас, кажете му дека сте зафатени. Ако станува збор за пријател кој сака да ве обвинува дека не сте секогаш тука за него, тогаш престанете да одговарате на неговите повици.
Не правете изговори за другите луѓе и не дозволувајте да ве повредуваат. Вие одлучувате кому ќе го подарите вашето време. Научете се да им кажувате „не“ на луѓето и едноставно оттргнете се од нив без објаснувања кога тоа е подобро за вас. Кога конечно ќе можете да се ослободите од сѐ она што ве прави негативни, ќе имате простор да внесете еден куп позитивни работи во вашиот живот.