Прекрасни и успешни: Како им поминува денот на најубавите манекенки во Македонија?
Ана Калачоска
Уникатна, моќна и бестрашна! Ова се епитетите што совршено ја опишуваат Ана Калачоска, моделка која ги красеше насловните страници на најчитаните македонски списанија. Таа дефинитивно се издвојува од останатите моделки и манекенки, благодарение на нејзиниот бунтовен изглед и стил. Дури и нејзиниот начин на живот се разликува од типичниот живот на една успешна манекенка.
„Мора да бидам искрена дека сум спанка кога сум слободна, па сакам да си поспијам до 11-12 часот. Но, доколку имам некакви ангажмани, тогаш секогаш станувам рано, некаде околу 8 часот“, признава Ана.
Што мислите, без што не може да си го замисли денот модел како Ана? Секако дека одговорот е: Кафе!
„Првото нешто што го правам штом се разбудам е кафе. Без кафе не функционирам!“
Деновите на Ана се разликуваат еден од друг во зависност од обврските, па затоа никогаш не планира ништо однапред.
„Кога имам фотосесии обично цел ден работам, па немам време за други активности. Но, кога имам ревии, иако и тогаш цел ден сум зафатена, сепак се наоѓа време меѓу пробите за да одморам малку, па обично седам во некое ќоше и доколку имам можност, сакам да читам“, открива Ана.
Ана докажува дека секогаш може да се најде време за добра книга, што е инаку нејзиното омилено хоби. На Ана сепак поважна ѝ е интелектуалната надградба отколку физичката, бидејќи нема толку време за вежбање.
„Ќе бидам искрена. Моментално ништо не вежбам, иако се спремам да почнам секој понеделник. И никогаш не сум се држела до некој режим на исхрана. Јадам сѐ што ми се јаде, но во мали количини“, искрено одговара Ана.
Понекогаш добрите гени се доволни за прекрасен изглед! Сепак, најважно е вие да бидете задоволни од себе и да ги практикувате оние навики што вам ви одговараат. Така на пример, Ана навечер заспива со лаптоп и некоја од сериите што ги гледа. „Да за книгите, не за турските серии“ е мотото на Ана и ние целосно се согласуваме со неа!
Бојана Нушкова
Уште една средношколка која владее со модниот свет! Бојана плени со нејзините крупни зелени очи и долга руса коса. Не е ни чудо што никој не може да ѝ остане рамнодушен! Бојана ни опиша како изгледа нејзиниот ден кога има модна ревија.
„Веднаш после училиште одам да се подготвам за ревијата, со шминка и фризура, бидејќи сите манекенки мора да бидеме подготвени на време. Во текот на денот имаме проби како да одиме по модната писта, со која брзина, каде да застанеме и слично. Обично дизајнерот ја прави кореографијата и ни кажува како да се движиме и ние потоа правиме неколку проби. Денот обично е многу напорен, бидејќи без разлика колку рано сме дошле, никогаш немаме време да седнеме, да се одмориме или да јадеме. Сѐ е во брзање! Кога доаѓа моментот за ревијата, се редиме сите на место, си ја вршиме својата работа и потоа сме слободни. Обично една ревија опфаќа цел ден“, опишува Бојана.
Кога нема модни ревии, Бојана е малку послободна и тогаш има време за нејзините омилени хобија, како што се танцувањето и цртањето портрети со молив.
Покрај нејзиниот очигледен талент, не може а да не се забележи и прекрасното тело на оваа згодна уметница! Сигурно се прашувате која е тајната на совршено затегнатото тело. Клучот е во комбинацијата од редовно вежбање и правилна нега.
„Премногу јадам, но внимавам да внесувам само здрава храна. Поради ова вежбам често и најчесто правам вежби за затегнување на телото, а не кардио. Внимавам многу на лицето, бидејќи мора да биде чисто за да изгледа убаво на фотографии. Токму затоа, не јадам многу благи работи, а не сум ни нивен голем љубител. Освен тоа, си легнувам прилично рано, најдоцна до 22.00 часот, освен за викенди кога можам да забушавам со спиењето“, открива Бојана.
Уште еден доказ дека квалитетниот сон е главниот „виновник“ за прекрасниот изглед на манекенките! Веруваме дека Бојана ќе ви биде доволна мотивација за да си легнете порано вечерва.
Фаниа Гиачо
Сигурно се сеќавате на Фаниа! Нејзината софистицирана убавина која зрачи со елеганција беше неминовен дел од најголемите модни ревии кај нас. Иако се занимавала со моделство за време на студиите, најмногу поради џепарлакот и дружбите, сѐ уште може да им парира и на светски познатите моделки и манекенки! Сигурно ве интересира на што се должи нејзиниот здрав и прекрасен изглед. Фаниа ни го открива нејзиното секојдневие:
„Станувам рано, понекогаш во 6.30 или најдоцна во 7.30 најдоцна Се будам сама без аларм затоа што рано легнувам, најкасно до 23 часот. Во 9.30 часот сум во канцеларија. Работам до 17 часот, јадам банана и тргнувам на вежбање. Одам во теретана, но секогаш сум за вежбање на воздух па затоа менувам со планинарење, возење велосипед, понекогаш и пливање, бидејќи е најдобар спорт! Јогата е задолжителна и редовна.“
Сигурно многу пати досега сте читале за придобивките од јогата, па Фаниа ве советува дека време е да почнете со оваа физичка активност! Не постои сомнеж дека животот на Фаниа е многу активен. Од каде добива енергија за да го издржи напорното секојдневие? Секако дека главниот енергетски извор е правилната исхрана.
„Во последно време не јадам јајца и месо како порано и не внесувам храна од животинско потекло. Јадам многу жива храна. Во текот на зимскиот и есенскиот период, најмногу уживам кога јадам банана, тиква или урми. Тие ми даваат многу енергија. Не можам да го замислам денот без овошје, зеленчук и 3 литри вода. Јадам и многу ѓумбир кој ме чува од настинки“, објаснува Фаниа.
Фаниа од неодамна почнала да се занимава и со едно многу интересно и уникатно хоби, а тоа е изработката на филиграни. Таа посакува во слободно време да работи во некој дуќан во стара чаршија, бидејќи за неа тоа би било вистинскиот одмор по напорниот работен ден или тренинг.
Продолжете на последната страница…
Јас би сакала да слушнам и за манекенките кои што стварно работат во странство, како Катарина и Мартина
Бојана е комплетна и современа во својата престава, мода … ❤️🌎