Предупредувачки знаци што покажуваат дека вашата депресија можеби се враќа

Предупредувачки знаци што покажуваат дека вашата депресија можеби се враќа

Депресијата се разликува од тагата и осаменоста. Додека секој од нас одвреме-навреме се чувствува тажно поради одредени настани и околности во животот, доколку тагата и очајот траат подолго од две недели, можно е да станува збор за клиничка депресија.

Предупредувачки знаци што покажуваат дека вашата депресија можеби се враќа

Некои луѓе искусуваат сериозна депресивна епизода еднаш во нивниот живот, но за некои депресијата е хронична и може постојано да се враќа.

„Депресивните епизоди можат да станат поинтензивни со секое враќање и можат да станат хронична дистимија (постојана блага депресија). Во некои случаи може да се создаде и отпор кон третманот“, објаснил психијатарот Кери Бермриџ.

Поради ова важно е да бидете свесни за знаците кои покажуваат дека можеби вашата депресија се враќа.

1. Се иритирате и под стрес сте

Обично кога сте смирени и центрирани лесно можете да се справите со стресни ситуации. Но, кога се чувствувате депресивно станувате посклони кон стрес и иритација. Ако забележите дека губите контрола и во мали инциденти, можеби сте во депресивна фаза.

2. Се изолирате

Малку осаменост и време за себе може да му годи секому. Но ако сте почнале да се изолирате на подолг период, можеби станува збор за враќање на вашата депресија. Кога сте депресивни, немате енергија да бидете опкружени со луѓе и да разговарате. Исто така не сакате другите да го забележат вашето нерасположение, па се криете од светот.

3. Постојано сте уморни

Кај луѓето со депресија и рутинските активности, како станувањето од кревет, туширањето, па дури и јадењето, можат да бидат вистински предизвик. Ако се чувствувате премногу уморно или слабо да ги завршувате секојдневните обврски, голема е веројатноста вашата депресија да се враќа.

4. Губите интерес за хобија и активности

Нашиот вкус се менува, па сосема нормално е да се откажете од едно хоби и да го замените со друго. Но ако сметате дека повеќе ништо не ве возбудува и ништо не ви го привлекува вниманието, можно е повторно да започнува вашата депресивна фаза.

5. Многу спиете

Кога сте во депресија не сакате да се соочите со светот. Поголемиот дел од времето го минувате спиејќи или само лежејќи во креветот. Навистина ви е тешко да станете од кревет и не можете да ги одредите вашите приоритети, а немате ни енергија за тоа.

6. Болки во телото

Нашите тело и ум се поврзани. Ако не обрнувате доволно внимание на вашите чувства и емоции, тие ќе почнат да ви го привлекуваат вниманието преку физичка болка. Ако постојано страдате од главоболка, болка во стомакот или во кој било дел од телото која не е предизвикана од некаква болест, можно е ова да биде знак за враќање на вашата депресија.

7. Престанувате да се грижите за себе

Кога сте во депресија се чувствувате толку истрошено што понекогаш не можете да се грижите за личната хигиена. Дури и миењето заби и туширањето можат да бидат навистина тешки. Можете да бидете и најорганизираната личност на светот, но кога ќе се појави депресијата не можете да ги измиете ни садовите. Ако сте забележале дека не се грижите за вашето здравје и за личната хигиена, можеби вашата депресија се враќа.

8. Ненадејни промени во тежината

Ненадејните промени во вашиот апетит и телесната тежина можат да бидат знак за депресија. Луѓето во депресија често одат до крајности – или јадат премногу или јадат премалку. Доколку забележите промена во тежината која не е резултат на диета или друга болест, можеби влегувате во уште една депресивна фаза.

9. Намалени фокус и продуктивност

Кога сте депресивни не можете да се фокусирате на вашата работа или на која било друга задача. Можеби испуштате крајни рокови или го трошите времето на безначајни активности, како бескрајно листање на социјалните мрежи. Доколку го забележите ова, голема е веројатноста да сте во депресија.

10. Пречесто критикување на сè околу вас

Кога сте премногу негативни и критикувате сè, можеби страдате од депресија или премногу стрес. Кога сте во депресија го гледате животот низ темни леќи, ништо не може да ве мотивира, па постојано барате недостатоци кај сè и секого.

11. Бескрајно одложувате

Кога сте во депресија немате енергија да ги завршите дури ни обврските коишто знаете дека се навистина важни. Постојано одложувате, а поради тоа се чувствувате виновно и не можете да излезете од тој циклус.

Ако сте забележале кој било од предупредувачките знаци, веднаш побарајте помош од пријател, член на семејството или професионалец. Депресијата е сериозна болест која треба да биде третирана.

Понекогаш симптомите од депресија можат да бидат навистина суптилни. Затоа погледнете кои се знаците на депресија кои луѓето често не ги забележуваат.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар