Предупредувачки знаци дека врската ве депримира
Да, ниту една врска не е совршена ниту, пак, може да биде, но најмалку треба да ве прави несреќни. Врската треба да претставува љубов, среќа и задоволство, барем во најголемиот дел од времето, во спротивно која е смислата да бидете во врска? Таа треба да ве исполнува и да ве инспирира, а кога тоа не се случува тогаш сериозно треба да се запрашате себеси што не е во ред. Да, врската не може да биде совршена, но ако наместо убави моменти, вие ги забележувате следниве знаци на депресија, тогаш треба да си ја ставите врската под огромен знак прашалник.
1. Се чувствувате доминирани
Чувството на помала вредност и помала моќност да предизвикате или смените нешто во врската може да предизвика депресија. Иако во некои врски доминирањето на една личност врз друга е поефективно (на пр. родител – дете: сѐ додека таа моќ над детето се користи разумно, грижливо и со цел тоа да се воспита правилно, доминантноста е потребна), кога станува збор за љубовните врски, поздраво за врската е да постои еднаквост во доминирањето.
2. Се чувствувате критикувани
Критиката е добра, особено кога доаѓа од некој ваш близок. Таа значи дека постои начин да бидете подобра личност, да промените нешто на подобро. Но постојаното критикување, дури и за најмалите ситници, може да биде сериозен проблем и дефинитивно добар пат кон депресија. Постојаната критика ве омаловажува и прави да се чувствувате лошо за себе, а со тек на време и го креира мислењето кое го имате за себе. А кога не се сакате себеси, па дополнително сте и постојано осудувани за сѐ, дефинитивно постои опасност да паднете во депресија.
3. Партнерот ви кажува што да правите
Имате чувство како да немате право на збор, партнерот постојано одлучува за се, ви кажува што и како ќе правите, каде ќе одите и слично. Ретко кој нема проблем со ваквото однесување на партнерот, а за оној поголемиот процент на луѓе кои имаат, ова е јасен предупредувачки знак дека доколку продолжите така, веројатноста да се доведете себеси во состојба на депресија е голема.
4. Партнерот се обидува да ве контролира
Загушувањето во врската е сериозен проблем. Кога имате чувство дека ја губите слободата со која сте влегле во врската, тогаш покрај себе имате човек кој се обидува да ве контролира. Ова знае да биде крајно загушувачки, да иритира и во краен случај (доколку не го решите ова како проблем), да депримира. Оваа контрола се однесува на секој ваш чекор, секој аспект на вашиот живот, а започнува од секојдневни работи. И воопшто не е здрава ниту за вас, ниту за врската.
5. Партнерот е секогаш во право
Веројатно не постои нешто друго што, на дневна база, нервира повеќе од ова. За што и да настане дискусија или расправија или, пак, ако се одлучува за нешто, вашиот партнер мора да биде во право. Некогаш и веројатно е, но сигурно тоа не се случува секогаш. Ова не само што нервира до бескрај, туку и повлекува дека тој/таа не може да признае дека прави грешки, а тоа е многу важно за една врска. Способноста да согледаме и признаеме дека сме згрешиле е важен дел од секоја врска бидејќи во спротивно никогаш нема да можеме да ја подобриме.
6. Или е по негово/нејзино или никако
Здравата љубовна врска подразбира еднаквост на двајцата партнери. Еднаквост во одлучувањето, еднаквост во моќта, еднаквост во важењето на мислењето и зборот. А кога таа еднаквост не постои, тогаш постои проблем. Не може секогаш да биде само како што едниот сака и не би требало. Зборот и на двајцата партнери мора да се вреднува исто, а кога тоа не се случува, се јавува чувство на помала вредност и немање моќ кое може да доведе до депресија.
7. Вашиот партнер е депримиран
Како што некои потези знаат да бидат заразни, така и депримираноста на партнерот знае да биде заразна. Кога сте во постојано присуство на некој што има депримиран поглед кон светот, вие сте постојано изложени на неговите депримирачки коментари и реакции, па не е ништо чудно ако почнете и вие така да размислувате. Ризикот за ова е уште поголем кога таа личност е вашиот партнер.
8. Партнерот е постојано лут и нервозен
Лутина, бес, нервоза – особини кои вадат од такт, а кои неминовно шират негативна енергија. Постојано негодување, постојана нервоза, постојано расправање – сите овие можат да доведат до многу повеќе негативни чувства и лошо чувство за целата врска. Ваквите чувства и постојаната изложеност на ваква енергија влијаат многу лошо на секого, па ако ги чувствувате во врската и ве вознемируваат, тогаш можно е да ве доведат и вас во состојба на депримираност.
9. Партнерот ве злоупотребува
Под злоупотреба се мисли и на физичка и на психичка. И двете потекнуваат и се манифестираат преку желбата на партнерот да доминира, да контролира и да го има главниот збор. Се случува и кај мажи и кај жени, а и двата вида знаат да доведат до емоционална нестабилност која неминовно повлекува депресија. Наместо грижа, љубов и интимност, врската претставува страв и тага. А тоа е целосно спротивно од дефиницијата за љубовна врска, барем од онаа општо прифатената форма.
10. Партнерот не го исполнува неговиот дел
Секоја врска претставува еден вид компромис. Зошто? Бидејќи е спој на различни мислења и ставови. Кога партнерите ќе се најдат на раскрсница, важно е притоа да успеат да најдат златна средина која ќе им одговара и на двајцата. Тоа значи дека тие направиле некаков компромис, односно се прилагодиле на меѓусебните ставови и успеале да најдат решение кое е задоволувачко и за двајцата. Ако вашиот партнер не го исполнува својот дел од тој договор, па и уште ако тоа се случува постојано, тогаш постои поголем проблем. Тој проблем, доколку не се реши, може да предизвика да се чувствувате непочитувани, невреднувани, изиграни, лути. Постојаната изложеност на овие чувства може да ве депримира.
Врската во која не се чувствувате убаво е врска во која не треба да бидете. Не може да биде совршена, но дефинитивно не треба да се чувствувате лошо во неа. Таа треба да биде љубов и смеење пред сѐ, а ако тоа не се случува тогаш потребно е убаво да размислите што сакате. Секој заслужува подобро, а врската која ве депримира е далеку од тоа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.