Правила за љубовни караници со среќен крај
Не сите караници се кобни за врската. Некои се потребни, некои непромислени, а некои тотално претерани. Но сите имаат едно нешто заедничко: двајца луѓе кои се борат за врската обидувајќи се да најдат решение за проблемот пред нив. Врската е таква што на неа мора постојано да се работи. Некогаш ќе цветаат рози, а некогаш ќе се боцнете на трн. Она кое е важно е да сте свесни дека не секоја расправија значи крај на врската, па токму затоа е редно време да научите како да се карате без тоа да води кон раскинување. Следниве едноставни правила ќе ви помогнат во таа цел.
Поставете временски лимит
Временската рамка која ќе си ја поставите е и те како потребна доколку не сакате да ги преминете границите кон огромна расправија. Дајте си го себеси времето кое мислите дека е доволно за да се искажете и држете се до него. На овој начин ќе се сконцентрирате на оние важните работи наместо да кажувате сѐ што ќе ви дојде на памет.
Посветете се на проблемот
Без заобиколување и непотребно напаѓање, акцентот ставете го на вистинскиот проблем. Временскиот лимит веќе ве ограничува, па не губете го времето на жалење за работи кои немаат никаква поврзаност со вистинскиот проблем. Дефинирајте го проблемот пред да почнете да се карате и ќе видите дека ќе знаете што точно сакате да кажете.
Слушајте внимателно
Најголемиот проблем во сите расправии е што партнерите не се слушаат меѓусебно. Едниот избрзувајќи да каже што мисли не го дослушува другиот и обратно. Наместо брзо решавање на проблемот, добивате одолговлекување кое нема никаде да ве однесе. Слушнете што има да ви каже партнерот, обрнете внимание на неговите/нејзините чувства, испочитувајте го/ја така што ќе си дадете шанса да најдете решение за проблемот.
Бидете љубопитни
Сакајќи да се одбраниме себеси и својот став, забораваме дека не сме сами во расправијата. Секогаш се потребни двајца и секогаш и двајцата се во право и/или во криво. Дали навистина знаете кои се причините поради кои партнерот го мисли она што го кажува и прави? Веројатно не. Многу нешта можат да се подобрат доколку малку повеќе се заинтересирате за позадината на нештата.
Научете да соработувате
Доколку немилосрдно ја држите само својата страна, никогаш нема да успеете да го решите проблемот. Компромисот е единственото можно решение, а до него ќе дојдете само со меѓусебна соработка. Таа златна средина ќе си дојде сама по себе кога ќе се испочитувате себеси и партнерот и ќе се обидете да ги согледате фактите пред имагинацијата.
Правете компромиси
Без компромис нема крај на расправијата. Колку побрзо прифатите дека и двајцата ќе мора да се прилагодите на ситуацијата, толку поедноставно ќе ги решите проблемите. Секако, тоа не мора да бидат големи и радикални промени. Започнете со некои мали договори кои евентуално би можеле да ве доведат до она кон кое тежнеете.
Завршете ја расправијата во позитивен дух
Иако можеби сѐ уште немате најдено решение, не дозволувајте расправијата да заврши така што нема да сакате да се погледнете во очи. Секогаш постои нешто позитивно кое произлегува од тие 20 минути карање. Сѐ што треба е да го најдете тоа нешто и да се држите до него на крајот на расправијата. Прегрнете се, бакнете се и дајте си ја себеси заслужената поддршка која ќе ве зближи и повеќе одошто очекувате.