Повредено женско его vs. повредено машко его
Автор: Марија Јанкова
Препознатливото машко его, машка гордост, машки принципи и размислувања… А што е со онаа страна на женското достоинство која и тоа како знае да биде болно повредена?
Стереотипно за момците е тоа што најчесто болката кај нив има контраефект и ја лечат со поизразена агресивност или студеност, а можеби и глумење извесна рамнодушност и незаинтересираност. А мислите дека тие кога се сами, без никакви маски за сила и нескршливост, со целосно отворени карти, не знаат да пуштат по некоја солза?
Што е со девојките, нив ги бие глас на ранливост и плачливост, но дали е навистина така? Дали навистина сметате дека една просечно нормална девојка е само една порцеланска кукла која со секој суров замав на судбината може да биде скршена? Зар мислите дека една девојка не може да остане гордо исправена и очи во очи, храбро да се спротивстави на болката исто како и оние од спротивниот пол?
Колкава е точноста на тоа дека во генерациите на дваесет и првиот век, девојките сè уште седат во некој агол од собата и плачат јадејќи чоколадо за да ги смират нервите, а момците бараат утеха во чашката алкохол и пијанчење до раните утрински часови?
Не сме ние роботски програмирани, за да ги делиме срцата, чувствата и постапките на машки или женски. Ние сме само луѓе кои во дадени околности знаат бурно да изреагираат или едноставно да се повлечат од средината и да побараат затишје во длабочината на своите мисли. И едните и другите во зависност од ситуацијата знаат и тоа како да се пронајдат во некоја група чии критериуми не се предодредени со полот туку со сопствениот карактер на личноста.
Ранливи – тогаш кога сè е црно и светот ви се руши врз глава, а вие немате ниту едно единствено решените на проблемите кои ви создаваат главоболки, па единствено можете добро да се исплачете. Кога солзите ќе ги избистрат мислите, лошото и не изгледа толку лошо.
Силни – тоа е оној момент кога секој мускул од телото ви е совршено во ред, ама вие чувствувате како да ве убива од болка, само што сте премногу емоционално истренирани за да се справите со слабоста и наместо да им објаснувате на останатите која е причината за тој свенат израз на лицето, подобро ќе се замаскирате со лажна насмевка.
Трагачи по забава – Луди, развеселени и распеани, ги отвораат и затвораат ноќните клубови. Е човек навистина треба да е благословен за да знае како од неуспехот да го извлече најдобриот дел. Рака на срце, ова донекаде има смисла, ама кога сите тие рефрени кои ги потпевнувате ќе си заминат со првото зазорување, морате да си признаете дека загубата барем малку ве пецка на левата страна.
Во лов на нова љубов – Не бадијала се рекло, клин со клин се избива. Оние луѓе на кои тешко им паѓа да се соочат со поразот, едноставно се обидуваат да заборават на него така што ќе се посветат на некој нов во нивниот живот. Најлошата од сите комбинации. Човек со нерасчистена душевна состојба не треба уште повеќе да си го комплицира животот додека не се осигура што навистина сака.
Кога на крај сè ќе сумираме, доаѓаме до заклучок дека без разлика на полот, животот кога-тогаш знае да си поигра со нас и да нè стави во која било од овие категории. И доста е веќе од оние предрасуди, јас само едно знам, штом е човек од крв и месо, и солза ќе пушти, и борбеност и заби ќе покаже…