Постојат два вида љубовни зависности и најверојатно веќе сте доживеале една од нив!
Сигурни сте дека сте вљубени, но како сте дошле до тој заклучок? Кога сте заедно не можете да престанете со смеење. Кога не сте заедно, постојано го проверувате телефонот за да видите дали случајно сте пропуштиле некој повик или порака од вашата љубов. А штом видите дека нема пропуштен повик, во вашиот стомак се создава огромно чувство на празнина. Потоа, долго очекуваниот повик се појавува и вие повторно се смеете како лудаци.
Знаете какво е чувството кога сте вљубени. Но, зар тоа чувство не е слично на зависноста од дрога, со тоа што во овој случај саканиот или саканата се вашата дрога? Кога го добивате нивното внимание се чувствувате како во транс, а во спротивно сте несреќни и нерасположени.
Истражувањата од минатото веќе нашле невролошки сличности меѓу заљубеноста и зависноста од дрога, но истражувачите од Центарот за невроетика при Универзитетот Оксфорд решиле да дојдат до подлабоки информации за тоа како точно влијае зависноста од љубовта на нашите мозоци. Еден од авторите на истражувањето, Андерс Сендберг објаснил дека понекогаш обичната љубов ја преминува границата и се претвора во нешто слично на зависност.
„Мислам дека тоа се случува кога ќе сфатиме дека не сакаме да бидеме вљубени, а сепак не можеме да го одбегнеме тоа и почнуваме да правиме лоши работи. Тогаш љубовта ја преминува границата и се претвора во нешто слично на зависност“, изјавил Сендберг.
За да го спроведат нивното истражување, истражувачите направиле анализа на 64 студии за љубовта и зависноста што биле објавени меѓу 1956 и 2016 година. Тие дознале дека постојат два типа зависност кога станува збор за љубовта: „тесна“ и „широка“.
„Тесната“ зависност е онаа што ја поврзуваме со негативното однесување на зависниците. Според истражувачите, оваа зависност подразбира екстремни и штетни облици на љубов. Со други зборови, овој вид љубов е екстремен. Позитивните и негативните чувства се неверојатно интензивни.
Од друга страна, пак, „широката“ зависност е послична на „нормалната“ љубов. Кога имате поширок поглед кон работите, вашата зависност е повеќе како „копнеж“ кој полесно можете да го контролирате. Тоа значи дека најчесто можете да ја контролирате вашата потреба од партнерот, но ако оваа состојба трае подолго време, ќе ви биде потешко да ја игнорирате.
Иако некои научници не сметаат дека „широкиот“ тип на вљубување е еден вид зависност, авторите на ова истражување веруваат дека тоа може да премине во облик на зависност кога нашите копнежи ќе почнат да ги надвладуваат нашите други интереси. Со други зборови, ако ништо друго не ви носи толку радост колку дружењето со вашиот партнер, време е да прифатите дека можеби сте станале зависни.
Ако некогаш сте биле вљубени, сигурно сте доживеале некој од овие два вида љубовни зависности. Прашањето е само, која од нив?
Во продолжение прочитајте за 6-те варијации на „љубовта“ кои можат да ве излажат дека сте вистински заљубени.