Погледот од туѓа перспектива како еден од најдобрите водичи кон успех
Успехот е нешто што не се гради лесно. Патот кон него е исполнет со предизвици, подеми и падови кои носат со себе лекции и нè дефинираат понатаму на професионално ниво. Една од тие лекции е и таа дека способноста да ги видиме работите од перспективата на останатите луѓе е добар водич кон успех. Чување отворен ум значи прифаќање дека може да постои и друг начин освен оној за кој знаеме, а тоа самото веќе ни отвора повеќе шанси за успех отколку на останатите кои мислат дека нивната перспектива е единствена и со најдобар поглед.
Како и сè друго, па така и способноста да се видат работите од туѓа перспектива е нешто што се вежба и учи со тек на време. А следниве неколку совети ќе ви дадат добра идеја од каде да почнете.
Обрнување внимание на останатите
Во природата на луѓето е да се прашуваат што останатите мислат додека се во нивно присуство. Обидувајќи се да ги прочитаат, тие веќе во глава создаваат слика според која инстинктивно одлучуваат дали таа личност им се допаѓа за и понатаму да останат во контакт со неа. На тој начин, луѓето почнуваат да размислуваат посвесно и се способни подобро да ја проценат ситуацијата. Ова укажува на тоа дека оние кои обрнуваат поголемо внимание на луѓето околу нив ќе имаат предност во идни интеракции бидејќи ќе можат внимателно и ефективно да пристапат кон истите.
Менаџирање на сопствените чувства и емпатија
Една од 5-те карактеристики кои најуспешните луѓе во светот ги делат е успешно менаџирање со своите чувства. Иако е неверојатно важно за секој успешен човек да може да препознае и соодветно да прочита емоции кај другите луѓе, контролата и успешното управување со сопствените чувства и емоции е многу поважна. Причината е многу едноставна: За да може човек успешно да функционира на приватно и професионално поле и да формира успешни врски со други луѓе, тој мора прво добро да се познава себеси, да знае што и како влијае на него и во кој правец да го контролира тоа. Потоа, емпатијата си го прави своето на тој начин што ни дозволува да разбереме како другите би се однесувале во дадена ситуација. Што би направиле и што би рекле. А човекот кој ги има овие две карактеристики е човек со голем потенцијал за успех.
Правилно читање на другите луѓе
Секој потег, секое движење на телото и секој искажан збор кажуваат многу за човекот кој ги прави. А правилното читање на истите претставува неверојатна можност за тој што ги чита да се постави добро во комуникацијата и да го извлече максимумот од истата. Сите работи кои човек успешно ќе ги прочита кај останатите оставаат белег кој потоа се претвора во сеќавање кое влијае на неговата интуиција. А кога ќе дојде момент, истата таа интуиција ќе биде силна страна на тој човек, бидејќи успешно ќе го извести за насоката во која треба да се движи неговото однесување, т.е., кога, како и што да каже и ќе му даде идеја за можните резултати од таа комуникација.
Интерпретирање на зборовите
Во секојдневниот говор, познато како читање меѓу редови, правилното интерпретирање на тоа што луѓето го кажуваат во ваше присуство знае да биде круцијално за успешна комуникација и резултатот кој го посакувате. Факт е дека не секогаш луѓето го кажуваат тоа што го мислат, па сосема е очекувано дека за разговорот да се движи во насока која е најефективна за некого, тој некој ќе мора успешно да може да чита меѓу редови. Знаејќи што точно сака да каже личноста спроти него, тој ќе има моќ соодветно да ја насочи ситуацијата во поволниот правец кој носи успешен исход за него.
Почитување на различните мислења и ставови
Сите луѓе се различни и имаат различни мислења и ставови за една иста работа. Ова значи дека кога повеќе луѓе ќе се најдат во една иста просторија, веројатноста е дека истите нема да се согласуваат на секоја тема на разговор. Исто е и кога станува збор за деловен состанок, разговор со потенцијален работодавец, колега или купувач. Но, добро научена лекција е таа кога човек знае дека не секогаш е потребно да се согласува со некого за исходот да биде успешен. Многу поважен знае да биде односот кој тој го има кон различниот став на човекот со кој зборува, бидејќи колку и да делува ситуацијата неповолна, почитувањето на туѓиот став може да ја сврти работата за 180 степени. Кога постои почит за меѓусебните разлики, учесниците во разговорот можат успешно да предвидат што да кажат, а што не, оставајќи ја отворена шансата за учење нешто ново и станување поуспешна личност.
Запознавање на луѓето и на приватно ниво
Кој е некој, од каде е и какви му се културните и религиозни традиции и ставови е многу важно. Во минатото, мешањето на овој дел од приватниот живот со бизнисот било невообичаено и не се практикувало. Но, денес за успешен резултат е витално да се знае нешто повеќе за луѓето со кои се влегува во деловен однос или, пак, со кои се формира некаква конекција. На тој начин, комуникацијата е многу поефикасна и полесна за насочување. А учесниците се многу посвесни за себе и атмосферата, негативните и позитивните делови од истата и тоа дека научиле нешто повеќе.