Поглед кон иднината: Есенски трендови, 2014
Автор: Софија Сионова
Есенската модна сезона е секогаш најважна во модниот свет. Од познатите личности, до модните блогери, сите ги очекуваат есенските трендови. Оваа сезона, освен очекуваните трендови како крзното и големите дебели џемпери, има и неколку кои позитивно нѐ изненадија. Еве кои се четирите трендови кои се претпоставува дека ќе направат голем „бум“ оваа сезона.
1. Светли бои
Првата асоцијација за есен се темни и земјени тонови со тешка текстура. Веднаш помислувате на кадифе, волна и твид во богати, есенски бои. Но, оваа сезона дизајнерите ни приредија модно освежување и ни претставија палета од бои која е карактеристична за пролетните колекции.
Диор повторно докажа дека ја познава женската анатомија така што креираа фустани кои совршено добро ѝ прилегаат на женската силуета, но изненадувачки е што тие се во светла розова и зелена боја. Версаче успешно ги искомбинира темно-црвените тонови со небесно сините нијанси, а во ателјето на Балмејн светло-жолтите нијанси беа наслојувани врз темно-виолетовите.
Ова е свеж пристап кон есента која ветува многу забава во секојдневните рутини.
2. Храбри принтови
Иако веќе неколку сезони „царуваат“ на модните писти, за прв пат графичките креации и оние кои наликуваат на оптички илузии се на есенските писти. Дриз ван Нотен, кој добро се снаоѓа со принтовите, се одлучи за принт богат со храбри, графички дезени наметнати врз тропски позадини во светло виолетова, жолта и морнарско сина.
Кензо, уште една модна куќа која добро се снаоѓа со принтовите, оваа сезона понуди храбри комбинации во црно бели дизајни со контрастни жолти и црвени позадини. Женствена сексуалност, рокерски изглед и принтови кои изгледаат како да се цртани со водeни бои – сето тоа формира единство кое може да се најде само на ревиите од Роберто Кавали. Карактеристично парче за неговата колекција беше црвениот мантил кој го балансираше зебрестиот принт со крзно во омбре стил.
3. Проѕирни панели
Проѕирните панели не биле олку застапени на модните писти дури од 90-тите години. Најпопуларни се вечерните фустани со проѕирни графички исечоци, кои беа забележани кај Мери Катранцоу, проѕирниот тул кај Валентино, а манекенките на Џејсон Ву прошетаа по модните писти со фустани кои го прегрнуваат телото и кадифени тоалети.
4. Нормкор
Нормкор, според модното списание Вог, е опишан како тренд чија цел е да постигне полежерен изглед наспроти луксузот и модата. Цели кон комбинација од спортски изглед и црпи инспирација од 90-тите.
Да не го смешаме со минимализмот (кој тежнее кон модерен, аеродинамачен и естетичен дизајн), нормкорот се темели на баланс: здолништата да не се премногу кратки, ниту премногу долги (забележано на ревијата од Макс Мара), елегантни и рачно кроени комплети со интересни бои и материјали (видени на ревијата од The Row) и најважно, при овој тренд многу големо внимание е обратено на силуетата.
Како да ви успее ваквиот изглед? Не гледајте на него како тренд, туку како инвестиција: инвестирајте во нешто што е класично и безвременско, така што ќе можете да го носите засекогаш. Барајте квалитетни кроеви и материјали кои одлично ќе одговараат со парчиња кои веќе ги имате во плакарот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.