Подобро од трчање и возење ролери: 7 причини зошто уште веднаш треба да почнете да лизгате!
Лизгањето е физичка активност кај која ни работат сите мускули во телото. И одлична вест е што никогаш не е доцна да почнете да се занимавате со рекреативно лизгање. Ако ви се потребни дополнителни причини за да облечете лизгалки, тогаш ви откриваме 7 докази дека лизгањето е најдобрата рекреација која можете да ја изберете.
1. Лизгањето ја подобрува рамнотежата
Лизгањето ни помага да ја подобриме рамнотежата низ забавно и релаксирачко вежбање. Лизгањето по многу лизгава површина многу брзо ќе ве научи како да останете на нозе.
„Додека лизгаме, стоиме на мало ноже кое ни е сместено по средината на стапалото, па затоа мораме да балансираме за да ја одржуваме рамнотежата. Тоа е како да имате мала приватна штица. Лизгањето е добро и за решавање на деформациите на стапалата, како што се спуштено стапало, бидејќи лизгалките се цврсти однадвор, а меки однатре, па така се прилагодуваат на стапалото“, вели Ивана Гагро, тренер за уметничко лизгање.
2. Лизгањето ги зајакнува зглобовите и глуждовите
Синхронизираните движења кои се потребни за да се лизгаме им овозможуваат на зглобовите и мускулите одлично вежбање, па за многу краток временски период вашите зглобови и глуждови ќе станат флексибилни. Со оглед на тоа дека лизгањето се базира на движењата на ногата и силните колена, за зглобовите тоа ќе биде одлична вежба и за краток временски период ќе забележите колку сте флексибилни.
3. Лизгањето ги гради сите групи на мускули
„Лизгањето е многу комплексен спорт и бара интеракција на сите мускули што значи дека додека ние лизгаме ни работат апсолутно сите мускули, односно целото тело. Лизгањето ја подобрува кондицијата, помага при слабеењето и има уште подобар ефект од возењето ролери, бидејќи мразот бара многу посилни одрази и контракции на мускулите. Лизгањето е, исто така, поефикасно и од трчањето или возењето велосипед“, објаснува Гагро.
4. Лизгањето е одличен кардио тренинг
Аеробното вежбање е важен аспект од кардиоваскуларното здравје, а лизгањето овозможува одлична аеробна вежба. Најдоброто нешто кај лизгањето е тоа што добивате одличен кардио тренинг без воопшто да имате чувство дека вежбате.
„Рекреативното лизгање е добро за целосниот кардиоваскуларен систем, особено за децата кои имаат астма и кои имаат проблеми со алергиите“, објаснува Ивана.
5. Лизгањето ја подобрува издржливоста
Лизгањето бара енергија во текот на подолг временски период заради што е одличен начин за градење на издржливост. Колку подолго лизгате толку повеќе ќе ја подобрите издржливоста, не само за лизгањето туку и за другите спортови и физички активности.
6. Лизгањето помага во слабеењето и одржувањето на телесната тежина
Доколку сакате да ослабите или да ја одржите посакуваната тежина, лизгањето ќе ви помогне во тоа, бидејќи додека се лизгате и забавувате, согорувате калории. Во еден час лизгање можете да согорите помеѓу 300 и 650 калории, во зависност од брзината со која лизгате.
7. Лизгањето делува како ментален фитнес
Свежиот воздух и зимското сонце, како и друштвото на пријателите и семејството во голема мера ни помагаат да се опуштиме после напорната недела на работното место и стресот. Со лизгањето, исто така, ја зајакнуваме личната самодоверба. Лизгањето е еден од најзабавните начини на вежбање, особено доколку лизгате надвор кога можете да уживате во пејзажите и природата.
За да ги почувствувате ефектите од лизгањето, доволно е да лизгате од два до три пати неделно, по половина час. Никогаш не е предоцна да започнете, но важно е да знаете дека на мразот никогаш не се излегува без ракавици, капа (децата носат кациги) и штитници (кои се особено важни кај постарите личности). За дополнителна мотивација погледнете го ова уметничко лизгање покрај неверојатни пејзажи.