Почеток на едно ново животно поглавје: Кет Вон Ди лансира целосно органска шминка
Кога ќе се спомне Кет Вон Ди, сигурно првото нешто што ви паѓа на памет се тетоважи, реалното шоу LA Ink и совршените мачкини очи. Но, можеби не знаете дека таа е веганка и голем активист за правата на животните. Таа не само што лансира целосно органска козметичка линија под името „Kat Von D Beauty completely vegan“, туку и стана активен борец за правата на животните со тоа што отворено зборува за нејзината мисија во јавност.
„Искрено, не можам да заспијам поради ова. Помислата дека јас можам да уживам во мојата слобода додека секоја секунда умираат милиони животни на брутален начин, не ми дава мирно да заспијам. Само во САД, се убиваат 300 кокошки секоја секунда, што значи дека во изминативе две минути 36.000 кокошки биле малтретирани, сварени живи или пак грлата им биле пресечени. Понекогаш се чувствувам многу беспомошно, особено кога ќе забележам дека јавните медиуми ја игнорираат вистината. Но, само затоа што ситуацијата делува безнадежно и само затоа што луѓето одбиваат да преземат нешто бидејќи тоа ќе им внесе драстична промена во животот, таа непријатна промена не е доволно добар изговор за да престане борбата“, емотивно изјавила таа во еден говор.
Таа ги повикува луѓето да продолжат со борбата и да станат гласот на сите безгласни животни ширум светот и покрај критиките од нејзините обожаватели кои не го поддржуваат веганството. Кет Вон Ди отсекогаш ги сакала животните, како и повеќето луѓе, но порано не била веганка. Тоа се случило како резултат на нејзиното откажување од алкохолот пред речиси 10 години.
„Тоа беше првиот чекор што го преземав за подобар живот. Моето откажување од алкохолот и веганството не се директно поврзани, но верувам дека откако го согледав животот со трезни очи, разбрав што треба да направам за да го подобрам. Секако дека не мора да се откажете од алкохолот за да бидете вегани. Познавам многу вегани кои знаат да се забавуваат! Точно е тоа дека не е толку евтино да се направи ваква промена, но дали вреди да се потрошат пари за да се спречи експлоатацијата на животни? Дефинитивно!“, објаснува таа.
Откако во 2015 година се изјаснила во јавноста како веганка, Кет сфатила дека би било многу лицемерно ако продава шминка што не е органска. Па, така таа решила да лансира органска козметичка линија која е многу успешна. Најтешкиот дел од целото искуство не било да се смени составот на производите, туку да се зачува трпението за време на целата промена.
„Живееме во време кога технологијата навистина го олеснува процесот на замена на сите состојки на животинска база со органски. Само треба да се вложи труд и да се има трпение“, признава Кет.
Сега, козметичката линија на Кет Вон Ди е целосно органска, што значи дека производите не се тестирани на животни, ниту пак содржат состојки на животинска база.
Доколку и вие размислувате да станете вегани, но тешко ви е да ја направите потребната промена, Кет препорачува да ги гледате документарците „Forks Over Knives“ (кој ги објаснува здравствените придобивки од растителната исхрана), „Cowspiracy“ (кој дава детали за влијанието што го има животинската агрикултура на животната околина) и „Earthlings“ (кој засекогаш ќе ви го промени начинот на кој ги гледате животинските производи). Таа исто така советува лично да посетите некоја животинска фарма.
„Без разлика дали сте вегани или не, кога директно ќе се соочите со животните, ќе остварите длабока поврзаност каква што остварувате со вашите миленици и други невини животинчиња за кои толку внимателно се грижиме“, тврди Кет.
Најмногу од сѐ, Кет посакува луѓето да разберат дека сите ние сме поврзани со животните и планетата, но повеќето од нас го изгубиле тоа чувство некаде по пат додека растеле. Веганството е начин да си го вратите чувството на солидарност за Земјата и сите живи суштества.
„Сите сме родени вегани. Секој човек се раѓа со љубов кон животните. Но, тогаш кога ќе почнат да нѐ учат да сакаме одредени животни, а да јадеме други, ја губиме врската со нашата вистинска природа“, завршува таа.
Се чини дека Кет Вон Ди ја вратила врската со нејзината вистинска природа и мора да признаеме дека тоа изгледа прекрасно.