Писмо од една урбана девојка до нејзината идна љубов: Сакам да ми бидеш предизвик

Писмо од една урбана девојка до нејзината идна љубов: Сакам да ми бидеш предизвик

Во денешното општество на изместени вредности навистина е тешко да се пронајде вистинска љубов. Врските се распаѓаат за неколку месеци, а оние подолгите стануваат монотони и страста исчезнува. Секоја чест на исклучоците, но сингл луѓето знаат колку е тешко да се најде партнер кој целосно ќе им одговара и ќе им ја даде потребната љубов и грижа. Оваа девојка отворено зборува за тоа каков партнер посакува и што тој треба да очекува од врската со неа. Нејзините барања се малку необични, дури и апсурдни, но ако размислите подобро, ќе се пронајдете во нејзините зборови повеќе одошто очекувате. Прочитајте го писмото до нејзината идна љубов кое е неверојатно искрено и реалистично…

Писмо на една урбана девојка до нејзината идна љубов: Сакам да ми бидеш предизвик

Драг мој иден љубовник,

Ако го читаш ова, некако си успеал да ги срушиш моите ѕидови и да ме поврзеш со мојата друга половина. Сега нема да ти кажувам за тоа колку се отпорни тие ѕидови и колку си прекрасен што си успеал да ги срушиш. Жал ми е што ќе ти го скршам филмот, ама многу е лесно човек да ги сруши. Паѓам на љубовни работи. Сакам нови работи, а токму тоа е проблемот. Ти си нешто ново.

Ќе ти праќам пораки секој ден, ќе те бакнувам секогаш кога можам, ќе ти готвам, ќе ти ја милувам косата, ќе имаме многу секс, добар секс, ќе танцуваме без музика, ќе заспиваме зборувајќи за нашиот живот и ти ќе се вљубиш во мене, ако не си веќе вљубен. И за момент и јас ќе се вљубам во тебе. Ќе мислиш дека јас сум сѐ што ти треба. Ќе мислиш дека те надополнувам. Ќе ја запознам твојата фамилија и нема баш да им се допаднам поради мојата говорна мана и искинатите фармерки, но ќе ме прифатат. Јас ќе бидам твоето сигурно засолниште.

Кога ќе се случи тоа, не ми кажувај. Не ми кажувај дека ме сакаш. Не ме прашувај да ти бидам девојка. Немој. Ќе ти кажам не. Немој сам да си го скршиш срцето со тоа што ќе очекуваш од мене многу повеќе од тоа што можам да ти го дадам.

Кршам сѐ што ќе допрам и ако се вљубиш во мене, мораш да бидеш неуништлив. Мора да бидеш најсилниот дијамант. Мораш да ми дозволиш да те сакам повеќе одошто ме сакаш инаку ќе ми стане здодевно.

Ќе ми здодееш и ќе исчезнам додека да трепнеш. Постојано ќе се навраќаш со мислите обидувајќи се да разбереш каде си погрешил, но нема да можеш да најдеш објаснување зошто ти го правам тоа. Ќе се чувствуваш безвредно. Срцето ќе ти биде уништено. Јас ќе заминам без да се свртам. Ќе ти го заборавам роденденот за една недела. Ќе заборавам на нашиот прв бакнеж, ќе го заборавам името на мајка ти. Ќе те заборавам тебе.

Постави ми предизвик. Не плаши се да ме навредиш одвреме-навреме кога ќе претерам. И ти биди саркастичен идиот како мене. Не ми покажувај никакви знаци на ранливост. Никогаш немој да плачеш за мене. Дури ни кога ќе претераш со алкохолот во 3 часот наутро, а ние сме скарани и ти не можеш да престанеш да мислиш на мене. Немој да ми праќаш пијани пораки. Мислам на тебе, не ми покажувај дека и ти мислиш на мене. Кажи ми ги твоите стравови, но кажи ми и како планираш да ги совладаш. Само силни луѓе можат да ме освојат.

Ако имаш нерешени проблеми со мајка ти или татко ти, кажи ми ги и сѐ ќе биде готово. Нема јас да ти надоместам за недостатокот на љубов и грижа од родителска фигура. Не сум ти семејство. Не можеш да зависиш од мене. Никогаш. Не сум твојот спасител. Не сум тука да ти помогнам да се најдеш себеси. Веќе треба да си комплетна личност.

Никогаш немој да ме молиш за ништо. Не ми барај секс. Не го ни спомнувај тоа. Играј си со мене. Играј си со моите тело и ум и направи да копнеам по тебе.

Секоја клетка од моето тело нека ја допре твојата. Задевај ме. Преправај се дека не ти е гајле. Игнорирај ме. Не ми кажувај дека ти недостасувам. Само јави ми се и кажи ми дека доаѓаш. Јави ми се и кажи ми дека си пред врата. Јави се и кажи ми веднаш да дојдам.

Однесувај се како шеф. Биди еден чекор пред мене.

Излези со друштво и исклучи го телефонот. Направи да се грижам за тебе. И потоа појави ми се пред врата со шише шампањ во 5 часот наутро, целиот засмрден од цигари и предложи ми да правиме коктели. Нема да ти се налутам што не си се јавил ако ми донесеш цвеќиња и ти го знаеш тоа, така што ќе се извлечеш.

Држи ме на штрек. Ја обожавам тортурата. Не ми давај сигурност. Направи да се чувствувам како да ќе експлодирам секогаш кога ќе те видам. Биди човекот што може најмногу да ме полуди.

Ниту јас нема да ти кажам. Нема да знаеш колку ми значиш. Јас сум темпирана бомба и со тек на време ќе експлодирам. Кога ќе ти кажам дека те сакам, насмевни се и кажи ми „Знам“ и не ми кажувај дека и ти ме сакаш сѐ додека не поминат 3 дена. Играј си со мојот ум. Доведи ме до лудило.

Веројатно не го очекуваше ова и ако ти е премногу, целосно те разбирам. Но, дозволи ми да ти ја кажам и позитивната страна, која можеби не е доволно уверлива со оглед на лошата, но фер е да ја споменам. Ќе зборувам со тебе со часови на секоја тема, секогаш кога ќе посакаш. Ќе можеш да ми ги довериш сите тајни, а и јас ќе ти ги доверам своите. Ќе одам со тебе секаде каде што ќе ме поканиш и можеш да ме држиш за рака ако сакаш. Ќе ти купувам подароци и нема да очекувам ништо за возврат.

Одлично се бакнувам и веројатно веќе го знаеш тоа. Имам мрачна смисла за хумор.

Ќе лежам со тебе на песок на плажа додека сонцето заоѓа, а ние пиеме пиво. Ќе гледам фудбал со тебе, го обожавам. Заедно ќе се клатиме по улиците откако и двајцата сме испиле повеќе одошто треба. Ќе се смеам на твоите шеги. Ќе гледам филмови со тебе и ќе ти заспивам во прегратка. Ќе играм билјард со тебе и ќе се изненадиш кога ќе видиш дека сум подобра од тебе. Ќе ти ја пуштам мојата музика и ти ќе ми ја пушташ твојата. Ќе те масирам кога ќе бидеш под стрес. Бесцелно ќе се возиме наоколу. Ќе ти давам комплименти. Ќе ги разберам твоите чудни навики. Ќе почнам да кажувам работи што ти ги кажуваш и ти ќе почнеш да кажуваш работи што јас ги кажувам. Луѓето ќе нѐ прашуваат дали сме во врска, а ние ќе одрекуваме, но по неколку шотови нашите полудени хормони ќе тврдат поинаку. Не треба да се објаснуваме.

Ќе ти бидам најдобар пријател. Ќе бидеме како Бони и Клајд. Зелда и Скот Фицџералд. Ќе бидам тука кога ќе ти требам, безусловно… Само ако ми бидеш предизвик.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар