Пишувајте за да научите, не само за да комуницирате со читателот
Пишувањето е процес во кој авторот ја изнесува својата мисла и ја презентира пред публиката. Медиумите пишуваат мислејќи на читателите кои треба да ги задржат, а писателите, во зависност од жанрот, комуницираат со својата публика преку теории и факти или пак, преку емоции, идеи и мислења. Но, важно е да се знае дека преку пишувањето може и многу да се научи.
Новинарите, истражувајќи некоја приказна и пишувајќи ја, развиваат одлична вештина за учење на нови нешта во врска со некоја тема. Писателите, барајќи инспирација за новото дело, исто така учат и истражуваат. Пишувањето помага да се организираат мислите, да се согледаат нови концепти и да се надминат непознавањата. Кога пишуваме, тогаш умееме да ги споиме идеите на начин на кој не би се сетиле кога само би размислувале за нив.
Секој кој пишува доаѓа до момент да избере или да му биде зададена тема од која нема конкретни познавања, но сепак мора да ја заврши. Освен што мора да истражи и да научи нешто околу тоа, авторот мора и да го прилагоди текстот за широката публика, односно да избегне навлегување во техничка терминологија и да ја преточи во читлива реченица. Но, најважно е да не запира со пишување, бидејќи во текот на самиот процес, мислите и знаењата ќе се спојат и ќе се усогласат, а текстот ќе претрпи повеќе корекции, но ќе биде со далеку подобар квалитет. Особено важен дел во овој процес е и самокритичноста и талентот за согледување на грешките кои треба да бидат коригирани.
Пишувањето е неразделен дел од учењето, иако го гледаме како начин на комуникација, особено во денешното време на мобилни уреди преку кои си пишуваме со пријателите. Пишувањето за да се научи е ефективен начин авторот да ги развива своите идеи и да создава врски меѓу нив. Ако сте некој кој веќе пишува, вие несвесно сте дел од големата мрежа на ученици кои учат преку своите дела.
Во моментот кога станувате свесни дека пишувањето ви отвора можност за нови знаења, вие сте подготвени таквиот начин да го прифатите како дел од себе. Така, освен публиката која го чита напишаното, бенефит има и самиот автор, кој во иднина може да стане уште подобар во познавањето на одредена тема.
Затоа, ако пишувате, следете ги само основните правила кои ги опфаќаат правописот и правилната конструкција на текстот и не си поставувајте ограничувања на креативноста и слободата. Секогаш ќе имате шанса следниот пат да подготвите подобра содржина. Исто така, посветете доволно време и на учењето. Кога пишувате нешто наменето за широка публика, одвојте 10-15 минути од работата за да дознаете некоја нова информација за темата. Без разлика како ќе пристапите, по некое време учењето за време на пишување ќе ви стане составен дел од процесот на работа, кој нема ни да го забележувате.
Учењето е најголемиот подарок кој еден автор може да си го дозволи. Секогаш кога учиме нешто ново, нашиот стил се збогатува, стекнуваме вештини да си играме со зборови и реченици, да бидеме покреативни и поснаодливи, но и да најдеме начин своето дело да го презентираме и до публиката.
Прочитајте ги и овие 10 трикови кои ќе ви помогнат во пишувањето книга која вреди да се прочита.