Педагог советува: Сакајте ги вашите деца какви што се!

Педагог советува: Сакајте ги вашите деца какви што се!

Децата се најскапоцениот дар кој животот го подарува. Вам некој ви дарил живот, а вие сте ги создале со љубов и желба да имате наследници. Тие се многу искрени, невини, чисти и најверојатно се најблескавите ѕвезди во вашите животи коишто со ништо не би можеле да ги замените. Ги сакате безусловно иако некогаш знаат да ве изнервираат, но лутината многу брзо ви поминува…

Јануш Корчак е познат полски педагог, педијатар, лекар, социјален работник и писател, кој 3 пати одбил себеси да си го спаси животот. Бил посветен на грижата за деца и ги сакал неизмерно, а за тоа говори и фактот дека пишувал книги за деца. Педагогот многу добро знаел како да постапува со деца, а неговата пожртвуваност за нив е еден вид херојски акт.

Првпат одбил да биде спасен кога одлучил да не емигрира во Палестина пред окупацијата на Полска, за да не го препушти на волјата на судбината домот за сирачиња каде што бил директор поради страшните случувања.

Вториот пат одбил да избега од варшавското гето.

Третиот пат кога избегнал да се спаси изгледало вака… кога сите штитеници на домот за сирачиња веќе биле во возот за да тргнат кон логорот, на Корчак му пристапил еден офицер и го прашал:

„Вие ја напишавте ‘Кралот Матиуш’? Ја читав таа книга во детството. Не е лоша книгата. Слободен сте.“

„А, децата?“, прашал тој.

„Децата остануваат, а вие можете да го напуштите вагонот“, потврдил офицерот.

„Грешите. Не можам. Не се сите луѓе бесчувствителни.“

Не е потребно ништо повеќе да се каже после овие зборови на Јануш Корчак. Ни останува само да ви ги пренесеме неговите 10 принципи на воспитување:

1. Не очекувајте од детето да биде како вас или како што вие би сакале да биде. Помогнете му да не стане како вас, туку како него.

2. Не барајте од децата да ви надоместат за сè што им овозможувате. Сте им дале живот, како би можело тоа да се врати? Тие ќе дадат живот на некој друг, тој некој друг ќе даде на трет – тоа е неповратен закон за заблагодарување.

3. Не ја истурајте лутината на децата, за во староста да не ви биде горко парчето леб. Бидејќи тоа што ќе се посее, тоа и никнува.

4. Не гледајте на нивните проблеми како да се занемарливи. Животот секому е даден според неговата сила и затоа верувајте дека ним им е полесно отколку вам, а можеби им е потешко бидејќи немаат искуство.

5. Не ги понижувајте!

6. Не заборавајте дека најважните средби на еден човек се средбите со децата. Посветете повеќе внимание на нив – никогаш не знаете кого ќе сретнете во вашите деца.

7. Не се измачувајте себеси ако не можете да направите нешто за нив, само сетете се дека за децата не е направено доволно ако не е направено сè што може да се направи.

8. Децата не се тирани кои владеат со вашиот живот, не се само плод од крв и тело туку скапоцен пехар кој животот ви го доверил да го чувате и во него да го одржувате творечкиот пламен. Тие се ослободувачка љубов на мајката и таткото чијашто задача е да израснат душа која им е дадена за чување.

9. Научете да ги сакате туѓите деца. Никогаш не правете им го она на туѓите деца што не би сакале други да им го прават на вашите.

10. Сакајте ги вашите деца какви што се – неталентирани, несреќни и кога ќе пораснат. Радувајте ѝ се комуникацијата со нив бидејќи децата се празник додека се со вас.

Прочитајте за дадилката што работела со 100 семејства и која ги открива најголемите грешки на родителите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар