Паметните луѓе се разликуваат од сите останати, а еве и како
Некои потези кои луѓето ги прават се паметни, а некои и не толку. Па и не секогаш може да се предвиди дали некоја одлука ќе се покаже како паметна и оправдана или, пак, сосема спротивното, целосно неуспешна и бесмислена. Но како и да е, постојат одредени однесувања и карактеристики кои ги опишуваат паметните луѓе, а кои им се вродени и како такви тие целосно спонтано ги извршуваат. Но, истовремено и ги прават различни и поуспешни од останатите во секоја смисла на зборот.
1. Ги прифаќаат своите грешки и учат од нив
Човечки е да правите грешки, не постои човек на светов кој никогаш не згрешил. Но, постојат такви кои не ги прифаќаат своите грешки одбивајќи да прифатат дека се способни за нешто такво, притоа доведувајќи се себеси во состојба повторно да го направат истото. Паметните луѓе се свесни за своите грешки и ги прифаќаат, а тоа значи дека ќе можат да научат од нив и да не ги повторат пак.
2. Никогаш не си дозволуваат да зависат од други луѓе
Една стара поговорка вели дека ако чекаш на некој друг, никогаш нема да дочекаш. И вистина е така, кога зависите од некој друг или ќе се изначекате или нема ни да дочекате тој некој да ви заврши работа, па на крајот пак самите ќе трчате. Направете ја паметната работа и заштедете си себеси време и живци.
3. Одговорноста е нивна силна страна
Паметните луѓе се одговорни. Свесни се дека потребно е да бидат доследни на своите обврски ако сакаат денот да им тече како што треба, па не чувствуваат потреба да си ги усложнуваат работите. Си ги завршуваат обврските на време и не ги оставаат луѓето на цедило.
4. Подготвени се да ги преиспитаат своите убедувања доколку се соочат со поддржани противаргументи
Само блесава личност би одела против сите само за да го истера својот ќеиф. Но, паметната личност би застанала и би размислила дали ставот кој го држи е оправдан, особено кога сите аргументи се против тоа. Нема поента да се оди со главата во ѕид, а ако сте паметни тогаш го знаете тоа.
5. Кога можат да заштедат, го прават тоа
Парите не се најважни, но и тоа како се потребни во светот во кој денес живееме. А ако сте паметни, тогаш нема да ги трошите на непотребни работи и ќе го заштедите секој денар кој можете. Факт е дека никогаш не знаете кога и за што ќе ви бидат потребни пари.
6. Паметните играчки имаат своја функција која тие максимално ја искористуваат
Факт е дека паметните играчки на денешницава имаат многу јасна функција – ви го олеснуваат животот на секој можен начин. Од обавување на најобичен повик каде било во светот, неверојатно брз пристап до секакви информации, па сè до целосна организација на денот во секоја смисла, паметните играчки се тука за да ви помогнат вие да не мора да мислите на сè. А ако сте паметни, ќе ги искористите максимално.
7. Не се откажуваат од своите идеи и цели само бидејќи на некој друг тие не му се допаѓаат
Не секој ќе се согласува со вас и не сите ќе ги делат истите мисли и идеи како вас. И тоа е во ред. Она што не е во ред е ако вие дозволите тоа нивно несогласување да влијае вие да се откажете од нив. Па што ако не можат да ги видат работите од ваша перспектива? Паметните луѓе знаат дека за да успеат, некогаш е доволно само тие да го гледаат патот до целта јасно и гласно.
8. Ги шират своите познавања и го збогатуваат своето искуство во секоја можна прилика
Денес, искуството значи најмногу. Но за да го добиете, мора прво да покажете дека поседувате знаење. Па, ако сте паметни и сакате да успеете, ќе ја искористите секоја можна прилика да ги проширите своите познавања и на тој начин да го збогатите своето искуство.
9. Не преземаат ризици доколку тие не се неопходни
Ризикувањето е дел од секојдневниот живот бидејќи најголемиот дел од работите кои ги правите претставуваат ризик доколку ги погледнете од малку поинаква перспектива. Кога живеете така, не е ни логично ни паметно да преземате дополнителни ризици доколку тие не се неопходни. Бидете разумни и не си го усложнувајте животот повеќе од потребно.
10. Свесни се дека нивната среќа зависи само од нив
Вистина е дека среќата е во малите нешта и во луѓето кои ви се најблиски, но не сите можат да увидат дека доколку самите не ја зграбат таа среќа, никој друг нема да го направи тоа за нив. Да, среќата ја носат другите, но дали ќе ја почувствувате е целосно на вас.
11. Не се потценуваат
А и зошто би го правеле тоа? Што тоа тие немаат или имаат, а не е доволно за да се ценат и вреднуваат себеси? Што тоа другите луѓе имаат повеќе од нив или се поголеми личности за тие да заслужат да бидат почитувани? Способни се и поседуваат квалитети кои можеби се карактеристични само за нив, го ценат тоа што го имаат, не се потценуваат, но ниту се преценуваат и покажуваат почит кон останатите.
12. „Непријатели“ е поим кој не постои за нив
Паметен потег е да не си создавате непријатели. Никогаш не знаете кој и кога може да ви се најде во животот, а веројатноста е дека непријателите можат да ви направат повеќе зло отколку што мислите. Не мора секој да ви се допаѓа, но тоа не значи дека тој некој треба да ви стане непријател.
13. Мото им е дека гордоста не треба да им стои на патот
Велат дека кога гордоста ќе ги вмеша прстите, тогаш можете да се збогувате со она во кое таа се вмешала. Ја заборавате професионалноста, ја оставате разумноста некаде позади себе, а гордоста смело и цврсто го зазема нивното место оставајќи ве вас да се соочувате со последиците кои се во најголем дел негативни. Дали тоа ви звучи како паметна идеја?
14. Свесни се дека реалноста е тешка и не се залажуваат себеси
Ништо во животот не доаѓа лесно, а колку повеќе се залажувате себеси дека некоја работа едноставно ќе ви се сервира на послужавник без да треба да се испотите за неа, толку повеќе си го отежнувате животот. Зошто? Бидејќи се убедувате во слика која не е вистинска, а кога реалноста ќе ви удри во глава, многу е потешко да се соочите со последиците.
15. Даваат
И тоа во секоја смисла на зборот. Даваат љубов, даваат грижа, даваат помош, даваат знаење, даваат што и да ви падне на ум во моментов. Кога имаат, тогаш даваат. Споделувањето со останатите ги прави побогати не само тие луѓе, туку и нив. А на крајот на денот, која е целта на она што го поседувате ако немате со кого да го споделите?