Оваа грешка пред спиење може да ви предизвика ноќни кошмари
Кошмарите не се ретка појава, но некои луѓе ги имаат многу повеќе, речиси секоја ноќ, за разлика од други кај кои тоа се случува на поголеми временски интервали, што дури и успеваат да заборават на нив. Меѓу факторите кои можат да влијаат на тоа дали во текот на ноќта ќе спиеме мирно или ќе страдаме со ноќни мори, може да бидат неправилната температура во собата или материјалите од кои е изработена постелнината.
Докторот Нил Стенли кој е истакнат член на Британското друштво за подобар сон и Европското здружение за истражувања за спиењето, истакнува дека температурата во спалната соба треба да изнесува 16-18 степени Целзиусови. Ако е претопло, се зголемува ризикот за кошмари. Исто така, оптималната температура спречува и други непријатни појави како што се ‘рчењето и неправилните интервали на дишење.
Кошмарите се почести за време на топлите месеци, кога и телесната температура ни е половина до еден степен повисока отколку во рана пролет или доцна есен. Затоа понекогаш и се јавува потребата да откриеме дел од нашето тело, бидејќи така инстинктивно одржуваме нормална телесна температура. Доколку спиеме во премногу топла соба, тогаш телото нема можност да се ослободи од вишокот топлина и тоа секако, подоцна во ноќта влијае на квалитетот на сонот.
Мозокот на лицата кои вообичаено имаат лесен и краток сон, дури и кога спијат, работи со зголемена активност, а тоа придонесува да сонуваат повеќе, но и соништата да им се многу поживописни, пореални и покошмарни.
Советот на докторот Стенли е да се избегнува дополнително загревање на просторијата каде што се спие, да има проток на свеж воздух (ако е можно да се држи прозорец макар и најмалку отворен) и да се користат постелнини и пижами од природни материјали. Токму овие материјали, како што се памукот, волната или свилата, придонесуваат за подобра терморегулација на телото. Исто така, јадењето доцна навечер ја покачува телесната температура и со тоа уште потешко телото ја исфрла топлина и се доведува до преткошмарна состојба.
Тој додава и дека кошмарите најчесто се појавуваат во РЕМ-фазата од сонот, кога преносот на мозочните импулси и бранови е сличен како кога сме будни. Неговиот совет е дека е подобро да се спие во ладна соба и по потреба да се покриваме доволно, наместо да се вдишува топол воздух, без можност за исфрлање топлина од телото. Ваквата навика ќе придонесе и за подобар и помирен сон, со ретки, па дури и занемарливи појави на кошмари, но и ќе заштеди електрична енергија во домот.
Од сето ова може да се заклучи дека решението за редовен и мирен сон се наоѓа во одржувањето на оптимална температура во собата каде спиеме.
Прочитајте ги и 12-те штетни последици од лошите навики за спиење.