Ова е начинот на кој денес живееме
Сонцето се рефлектира од стаклената површина покриена со отпечатоци од прсти, вирови од идентитети. Пораки, музика, потсетници, повици… Звукот на нашите нокти кои одекнуваат на екраните стана погласен од срцевите отчукувања. Се плеткаме во жиците, во оние кои се делат на средината и кои се виткаат околу нашите грла. Ритамот кој пулсира како тапан во ушите, скриен од другите, себичен и одвоен. Повеќе се смееме за екраните отколку за себе. 10-секундни приказни ги заменија долгите новели и романи, а ние постојано пребаруваме низ најразлични информации, нетрпеливи да стигнеме до крајот.
Градиме кралства на „среќа“ со совршени сеќавања од социјалните мрежи, безгрижно редејќи цигла по цигла: Квадратни фотографии од најважните моменти во нашиот живот, сѐ додека целосно не сме затворени од надворешноста. Се споредуваме со другите насмеани, уредени и осветлени лица, нашите армии вооружени со „лајкови“ „срценца“ и коментари.
Светот ни е буквално во дланките, но со неговото добивање се изгубивме себеси.
Нашите дигитални траги нѐ следат насекаде. Нашите костури играат пред нас, парадирајќи го нашето минато за сите оние кои сакаат да ја погледнат нашата кибернетска приказна. Нашите безжични светови ни закачуваат конци на екстремитетите, а електронската репутација е скалата која ја користиме за да се искачиме над сите други. Дводимензионални, идеализирани верзии од нас седат моќно и високо над тродимензионалната реалност на светот надвор од екранот. Но, искуството вели дека ќе паднеме од нашите вештачко произведени пиедестали бидејќи нема ништо цврсто на коешто можеме да застанеме.
Реалниот живот е тоа што постои надвор од правите агли на совршено филтрираните фотографии. Вашето утринско кафе, фотографирано за вашите следачи, нема да ја покаже девојката која едвај ги држи солзите во себе седната во ќошот на кафулето. Видеото од преслаткото бебенце на вашата пријателка нема да ги покаже исцрпувачките воздишки од новите родители и ноќните караници. Сѐ што е помалку чисто и светкаво мора да биде скриено или уредено, сочувано од сите љубопитни очи. Во нашиот труд да се поврземе, ја губиме нашата блискост, поистоветуваност, идентификација.
Идеализираме и обожаваме екрани со лажни стандарди за компарација. Нашите глави деноноќно се поклонуваат пред нивните олтари, читаме псалми составени од Фејсбук статуси, твитови и хаштагови и се молиме за прифаќањето кое ќе нѐ искупи од заборавот. Молци привлечени од светлината. Но, која е жртвата за нашата нова религија? Сподели линк, но не споделувај оброк. Сподели емотикон во форма на срце, но не споделувај љубов. Говорот на телото стана непознат јазик, преводот изгубен во ерата на роботските гласови кои нѐ водат низ секојдневието.
Што е потребно за да се вратиме назад на фабричките нагодувања?
Синото небо изгледа многу поинаку кога нема филтер. Лицето на нашиот најдобар пријател е многу поубаво лично отколку на една фотографија. Концертите подобро се доживуваат кога ги гледаме со своите очи, а не преку објективот. Станете малку неуредни и осмелете се да заборавите да направите фотографија. Така ќе сфатите дека таа е сѐ уште зачувана во меморија, само не во вашиот телефон, туку во вашата глава.
Дисконектирајте се од светот во вашите раце и вклучете се во универзумот пред вас. Отплеткајте се од светската мрежа и вдишете длабоко. Погледнете нагоре и барајте ги новите шанси.