Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

За девојките, плакарот претставува храм, свето место каде што се чуваат сите драги парчиња облека, обувки, накит и други додатоци. Иако секоја девојка сонува за плакарот на Кери Бредшо од филмот „Сексот и градот“, повеќето од нас не живеат во таков луксуз, па ова останува само филмска сцена за која можеме само да мечтаеме.

Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

Вистинскиот проблем на „обичните“ девојки, кои не располагаат со по неколку соби во улога на плакари, е добро да ги организираат на почетокот на секоја сезона и притоа да избегнат неред на подолг рок. Иако топлите денови веќе настапија, ако чекавте официјално да дојде летото за да си го средите плакарот, крајно време е да ја отворите сезоната. Еве 5 едноставни чекори кои ќе ви помогнат во тоа.

1. Поделете ја облеката по сезони

Тешко е да ги средите сите алишта одеднаш. Затоа, олеснете си ја работата делејќи ги вашите „парталчиња“ во три купа: летни, зимски и пролетно-есенски. Вака ќе можете да се фокусирате на сезонските алишта, наместо да се обидувате одеднаш да направите чудо во плакарот. Чантите, чевлите и другите додатоци се носат во сите сеозни, затоа нив не треба да ги делите на истиот начин.

Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

2. Направете 3 купчиња

Откако се фокусиравте на актуелната сезона, следниот важен чекор е да направите 3 нови купчиња, и тоа: алишта што ги задржувате, за фрлање и алишта за кои не сте сигурни што треба да им правите. Трите купа правете ги на што поодалечени места во вашата соба, а ако не располагате со многу простор, служете се со корпи, торби, па дури и легени. Само внимавајте да не ги доближите куповите едни до други, па на крајот од целата вложена работа да не сте сигурни ни за оние алишта на кои веќе сте им ја пресудиле иднината.

Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

3. Пристапете му објективно на секое парче облека

Сега доаѓа тешкиот дел, да се одреди кое парче во која сеозна припаѓа и дали е за задржување или за фрлање. Ова е многу потешко за девојките бидејќи тие често емотивно се приврзуваат за одредени парчиња од својата гардероба или пак гледаат потенцијал да ги употребат, ако не сега, во иднина. Но, мора да пресечете. Купот непотребни алишта ви го отежнува изборот на дневна база бидејќи најчесто од многу „партали“, не ни можете да ги забележите најубавите и најомилените. Нели? Запрашајте се:

  • Дали го сакам ова парче и не можам да живеам без него?
  • Дали ова парче е згодно или ако не е, дали може да се прекрои, зашие, поправи?
  • Колку често го носам?
  • Дали ова парче е во согласност со мојот стил и моите преференции за трендовите ова лето?

Откако ќе ги распоредите алиштата во трите купчиња, посветете му се на купот алишта за кои не сте сигурни и поминете го истиот процес уште еднаш. Ако и понатаму не добивате конкретни одговори на горните прашања, повикајте пријателка која знаете дека ќе биде искрена со вас.

Во ова купче можете да задржите повеќе летни парчиња за кои не сте сигурни, за да им дадете уште една последна шанса да ги облечете. Префрлете ги во купот за задржување, па ако не ги облечете во текот на следните неколку месеци, ќе знаете што треба да правите на следната сезонска „чистка“ во вашиот плакар.

Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

4. Одлучете што ќе правите со облеката од купчето за фрлање

Не мора буквално да ги фрлите во ѓубре сите парчиња од ова купче, но ако тие се исфлекани, искинати или оштетени на друг начин, најдобро е сепак да завршат во контејнер или евентуално да зачувате две-три парталчиња за бојадисување на ѕидовите во домот или за сликање на платно.

Оние алишта кои се во пристојна состојба можете да им ги понудите на дуќани кои продаваат second hand облека, за што можете да добиете и надокнада. Ако сакате да направите нешто добро за оние кои ќе имаат вистинска корист од тоа, донирајте ги вашите минатосезонски партали во добротворни организации. Не исклучувајте ги и вашите братучетки, внуки и другарки на вашиот помал брат или сестра.

Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

5. Сосема тргнете ги зимските алишта и донесете ги летните напред

Навистина нема потреба да ви зафаќаат место шалови, капи и ракавици во период кога и онака сакате да носите очила за сонце и тенки лелеави марами. Зимските алишта нема да ги носите барем во наредните 3 месеци, затоа, потиснете ги поназад.

Можете да ги спакувате во кутии и да ги сместите под креветот, во друг плакар или дури и да ги симнете во подрумот. Дополнително, водете сметка:

  • вашите џемпери и капути да бидат чисти пред да ги приберете за носење во следната зимска сезона
  • плетените џемпери, фустани и туники да не ги закачувате на закачалка бидејќи тоа ја деформира нивната форма
  • да ја сместите облеката на темно, суво и студено место (водете сметка за радијаторите) бидејќи влагата и топлината ги уништува алиштата.

Сега откако се ослободивте од зимските алишта, организирајте ги летните и поставете ги на дофат. Пролетно-есенските алишта и понатаму можете да ги оставите во истиот плакар, за да ви бидат близу доколку залади, но да не ви пречат кога сакате да посегнете по шорцевите.

Отворете ја летната сезона во вашиот плакар

Како вие го организирате вашиот плакар за време на летото? Имате некоја добра тактика што гарантира успех?

Можеби сакате да си помогнете во организирањето на вашиот плакар со помош на вашиот компјутер.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар