Откако ќе дознаете зошто, како и кога се користи илуминатор ќе сфатите дека тој е вистинско мејкап чудо
Ако сè уште не сте го во вовеле илуминаторот во вашата козметичка торбичка, тогаш ова е крајно време за да ја исправите таа грешка! Овој производ не е многу популарен, практично е иновација во светот на шминката, но кога ќе се користи правилно може да направи чуда!
Ако сте се запрашале како некои дами секогаш изгледаат свежо и блескаво, дури и кога се премногу нашминкани или пак имаат многу малку шминка, клучот е токму во илуминаторот.
Тоа е тој „магичен“ производ кој ги покрива недостатоците, ја прави кожата да изгледа визуелно поодморена и сјајна и совршено ги дефинира контурите на лицето. Можеби помисливте дека илуминаторот е всушност како хајалјтерот, и иако се суптилности во прашање, сепак постои разлика.
Најпрво, пред сè треба да утврдиме за што точно служи илуминаторот. Овој производ, популарно наречен и осветлувач, се користи за да ви помогне визуелно да скратите или да издолжите одредени делови од лицето.
Всушност, илуминаторите се коректори во најсветлата можна нијанса, а главно се нанесуваат на должината на носот, за да го направите визуелно потесен, или на перничињата под очите за да ги сокриете подочниците. Исто така, се нанесува и на малата вдлабнатина над горните усни, за да ги дефинирате и да го истакнете нивниот облик. Понекогаш, шминкерите го нанесуваат и на областа над веѓите.
Ако го нанесете на врвот од јаболкниците, под очите, ќе изгледате посвежо и помладо.
Илуминаторот најчесто се нанесува со прстите, а потребно е добро да се „натапка“, за да не биде видлив. Обидете се да го избегнувате размачкувањето, па затоа секогаш одлучувајте се за оваа техника на нанесување.
Доколку немате проблем со кожата и имате добар тен, тогаш илуминаторот можете да го нанесете и пред нанесувањето на течната пудра, за да му даде блесок на целото лице.
Можеби сте се запрашале дали постои разлика помеѓу илуминаторот и хајлајтерот, и таа недоумица е навистина на место. Но, иако е мала, таа разлика сепак постои, а пред сè станува збор за текстурата на производот. Додека илуминаторот е секогаш во течна состојба и се нанесува после течната пудра, хајлајтерот доаѓа во неколку варијанти и се нанесува после пудрата во прав.
Исто така, хајлајтерите се заслужни само за сјајот и свежината, а илуминаторите покрај овие, имаат покривна и корективна функција.