Освежете ја вашата модна комбинација со помош на бела блуза
Магијата на белата блуза се крие во нејзината можност да се носи секогаш и секаде, без разлика за каква прилика станува збор, без да го жртвувате вашиот стил и удобност. Но, ова безвремено парче облека не мора да го носите само со фармерки и едноставни парчиња облека, туку таа може да го унапреди вашиот стил, а целокупната комбинација да ја направи совршена за вечерни излегувања, некои прослави, па и за празничните денови и прослави кои набргу ни пристигаат.
1. Секако, белата блуза и фармерките секогаш ќе бидат најдобри пријатели, сè додека постои и едното и другото. Но, за да ја „зачините“ оваа комбинација нема да ви биде потребно многу. Додајте сако во некоја јака боја и мала чанта и вие сте подготвени за пијалак со другарките или на вечера во некој отмен ресторан.
2. Доколку планирате вечерно излегување, повторно ваш избор нека биде белата блуза, а и самите ќе сфатите дека тоа е најдобро. Комбинирајте ја заедно со здолниште кое е прекриено со светки или пак во некоја металик боја, што е вистински тренд кој ги освои девојките ширум светот. Надополнете ја оваа комбинација со вашите омилени потпетици и ќе изгледате совршено и спремно за забава до зори.
3. Во последно време кај многубројни дами кои ги следат модните трендови и кои самите ги смислуваат, можевме да забележиме еден доста занимлив начин на носење на белата блуза. Врз долгиот, елегантен фустан, можете да облечете еден обична блуза која на струкот ќе ја заврзете во јазол. Резултатот е лежерен и модерен изглед.
4. Белата блуза можете да ја носете во комбинација со шорцеви и кожна јакна, а овој стил секогаш е добар и впечатлив. Со оглед на тоа дека сега надвор е ладно, под шорцевите можете да облечете хулахопки или хеланки. Со оваа комбинација ќе бидете подготвени за која било прилика.
5. Кога сме веќе кај хеланките, не смееме да ги заборавиме оние кои веќе некое време се на врвот на трендовите, односно кожните хеланки. Комбинацијата од кожни хеланки, бела блуза, кожна јакна или бунда и чизми до глуждовите, со сигурност ќе направи да изгледате како вистинска девојка со стил.
6. Измешајте ги стиловите, односно употребете ја белата блуза во сето тоа. Еден нежен, романтичен фустан, под кој ќе облечете бела блуза со ракави, а ќе ја надополните со војничка јакна и чизми до колена, ќе ви дадат стил каков што носат модните блогерки шриум светот.
7. Уште една комбинација со ова парче облека е секако онаа комбинација со широки, машки фармерки. Секако, за да ја направите оваа комбинација впечатлива и урбана, облечете некој занимлив капут и чизми до глуждови, и така ќе покажете еден моден вкус и стил кој ќе посакаат сите да го „ископираат“.