Опасноста од преголема самоувереност
Професорот Роберт Шилер, кој предава „Финансиско однесување“ на универзитетот „Јеил“ во САД, има направено една интересна анализа на луѓето кои се премногу самоуверени. Овие луѓе најчесто си ги преувеличуваат своите способности кога треба да се покажат некаде. Ова не се случува само во финансискиот свет, туку и во нашиот секојдневен живот. Според неговите зборови не е во ред да се биде песимистичен, но преголемата самоувереност исто така може да не донесе ништо добро.
Првата причина е тоа што некогаш нема да успеете да си го исполните ветувањето и ќе ги разочарате сите во вашето опкружување. Секогаш човек треба да е приземјен, реален, да зборува со доза на самоувереност, но да не претерува.
Втората причина може да се најде во вината. Кога ветувате нешто со преголема самоувереност, а на крајот сепак не успевате да го исполните, единствениот виновник за тоа ќе бидете вие и со сигурност потоа ќе се обвинувате себеси. Тука професорот Роберт дава и еден интересен пример кога компании отпуштаат извршни директори иако станува збор за глобален проблем во индустрија. И покрај тоа што состојбата е на општо ниво, одборот на директори ќе ја префрли целата вина на шармантниот и самоуверен извршен директор, а потоа и ќе го отпушти, правејќи му да се чувствува одговорен за целиот неуспех.
Затоа секој човек треба да гази цврсто на земјата, а не да лебди над нејзе. Ова се неколку интересни совети кои можат да ви помогнат да се справите со ваквиот проблем.
Признајте ја помошта од среќата
Многу луѓе во финансискиот свет мислат дека можат да ја предвидат секоја состојба на пазарот. Колку повеќе почнуваат да погодуваат, толку посамоуверени стануваат. Сепак, многумина од нив не се свесни дека често станува збор за факторот среќа. Напорната работа е клучот, но среќата игра голема улога. Овој проблем е забележителен скоро во секоја професија, а сличните муабети можат да се сретнат насекаде, дури и во вашето најтесно друштво.
Не земајте си заслуга за сè
Како надополнување на претходната точка, останете приземјени и не прикажувајте дека за сè сте вие заслужни. Не треба да ги потценувате вашите способности, но не сте сами на светот и не контролирате сè. Ова не значи дека не треба да се трудите и да давате сè од себе. Сепак, успешни луѓе се оние кои добиваат како резултат од комбинацијата напорна работа и среќа. Но без среќа, напорната работа е често залудна.
Разберете ја комплексноста на работата
Кога сакате да се нафатите за некоја работа, навлезете длабоко во сржта на проектот. Размислете убаво за потенцијалните ризици и стапици на кои може да наидете. Дадете си време за убаво да ја разберете комплексноста на барањето, за подоцна да ви биде полесно.
Оладете се малку
Дури и откако ќе ги разгледате сите потенцијални препреки и ќе ја сфатите комплексноста на задачата, сепак дадете си уште малку време. Размислете уште некое време за сите работи во целина и оладете. Не впуштајте се во ништо пребрзо.
Бидете спремни за неуспех
Некои луѓе се толку самоуверени што неуспехот никогаш не го гледаат како опција. Тоа е одличен став, но може да нанесе огромна штета на тој што така се чувствува, кога ќе го фати неподготвен. Затоа секогаш на работите настапувајте им со мала резерва и бидете спремни на сè. Па дури и да се случи најлошто, на овој начин побрзо ќе можете да го пребродите.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.