Она што сте ВИЕ, ОВДЕ и СЕГА
Да се пронајдеш себеси е тешка работа. Можеби навидум, во денешно време, има многу олеснителни околности. Секојдневна достапност на информации, совети од професионалци, психолошки тестови од типот: Која е идеалната работна позиција за вас, или Каква личност сте вие… Но, од друга страна, баш поради сите овие влијанија, човек лесно може да се изгуби.
Ако не знаеш кој си и каде припаѓаш, тогаш се вртиш во бескорисен круг од кој нема излез. Јас лично, стојам до теоријата дека секој е тука поради нешто, секој има своја мисија која треба да ја направи, со секој нов ден имаме нова мисија, макар да станува збор за донесување насмевка на нечие лице. За секого има место под ова сонце, но не секој го пронаоѓа она што му припаѓа нему. Дали ВИЕ сте онаму каде би требало да бидете?Како да престанеме да бидеме она што не сме? Како да добиваме повеќе од нештата кои нè прават среќни?
Доколку не можете да дефинирате што сте, дефинирајте што не сте. На овој начин половина од работата е веќе завршена. Треба да сфатиме дека сè од минатото и сегашноста е тука СЕГА. Можеби се вика сегашност, но е под константно влијание од минатото и влијае многу на иднината. Вашите избори од вчера, ве направиле она што сте денес, а вашите денешни избори се она што ќе бидете утре. И сега ве прашувам, што ќе направите вие поради тоа? Што ќе преземете сега, знаејќи колку нешта зависат од овој момент? Ќе продолжите ли да си го трошите скапоценото време сонувајќи наместо дејствувајќи? Ќе станете ли од пред телевизор или ќе останете на каучот бидејќи ви е топло и удобно?
Можеби ова е навистина огромен свет во кој ние сме само точки, но во вашиот свет, центарот на внимание сте ВИЕ. Вие управувате со нештата. Па, преземете го водството! Не смеете да си го трошите времето трудејќи се да се вклопите во калапот кој ви бил наметнат, оставете тој да се прилагоди на вас. Не смеете да стравувате од покажување на вашето вистинско јас, дозволете му на светот да ве види онакви какви навистина сте.
Изреволтирана од глупавите нешта кои ги наметнува општеството, би сакала да кажам дека на светот му е потребна колоритност и разновидност. Не се сите еднакви, не се сите исти, не секој е створен за иста работа. Земам прост пример од средношколските клупи, од девојчиња опседнати со тоа дека би требало да личат на некоја си старлета, и сите излегуваат од дома како бледи копии. На нашето општество, со сите глупави комплекси, му треба освежување, ни треба wake up call. За да успееш мора да си свој. Никој не сака копија, што ќе ни е нешто од што веќе имаме еден примерок?
Најчесто кога пишувате нешто, прво ја смислувате содржината, па на крај вашето дело добива и наслов. Исто и во животот, не можете однапред да знаете како ќе се вика вашето поглавје. Најчесто сме нетрпеливи, брзо итаме кон некоја си цел, како муви без глава, пропуштајќи го она најосновното: За големи успеси треба големо трпение.
Денес сакав да ви потенцирам колку е важно да бидете свои. Кога знаеш кој си, знаеш и каде припаѓаш, знаеш кои ти се целите, знаеш што сакаш и како да добиваш повеќе од она што те прави среќен. На моиве млади и луди години, ни јас не знам точно каде припаѓам најмногу. Но кога човек се труди да открие нешто, само прашање на време е кога ќе се случи тоа.
Бидете оригинални, инпиративни и инспирирани, желни за нешто ново и нешто различно. Во кутијата е загушливо и не е удобно, затоа размислувајте надвор од неа. Вие сте одлични баш такви какви што сте, со сите ваши маани и позитивности кои ја красат вашата личност. Не плашете се да ги покажете и бидете свои.
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.