Одличен трик за убавина: Како вашиот коректор да трае цел ден?
На секоја жена најважно ѝ е нејзиното лице да изгледа одморено и свежо. Во ситуациите кога тоа е невозможно да биде природно и без козметички производи, тогаш посегнуваме по шминката и се разубавуваме со нанесување пудра и коректор.
Но, понекогаш самото нанесување од овие мејкап производи не е доволно, бидејќи после кратко време се бришат или едноставно се топат од лицето. Секако, никој не сака после час или два да изгледа уморно и како да не поминал половина час шминкајќи се и покривајќи ги темните кругови под очите.
Причините поради кој коректорот се брише од лицето после неколку часа може да бидат најразлични и зависат од неколку фактори: годишното време и временските услови, квалитетот на производот кој го нанесувате, но и начинот на кој го нанесувате коректорот. Понекогаш навистина не е доволно само да ја намачкате смесата под очите и да помислите дека тоа е тоа и дека ќе трае цел ден. Па, да започнеме по ред.
Годишното време и временските услови влијаат на тој начин што во текот на зимата кожата може да се исуши и после некое време коректорот се собира во ситните брчки под очите. Сигурно сте забележале како после неколку часа брчките ви стануваат видливи, бидејќи се потполнети со коректор. Освен тоа што изгледа малку неуредно, на овој начин коректорот се брише, бидејќи оној дел кој треба да ги покрие подочниците, всушност ги пополнува брчките. Во лето, кога температурите се високи, а бидејќи подлогата и коректорот се во течна форма, поголемиот дел се стопува и после неколку часа повторно останувате со темните кругови кои прават да изгледате уморно.
За квалитетот на производот не треба многу да се зборува, тоа го сфаќате и самите и знаете кој најдобро ви одговара.
Кога е во прашање нанесувањето на коректорот, тука веднаш ви го откриваме малиот трик кој ќе овозможи вашето лице во текот на целиот ден да изгледа одморено и свежо и на кој временските прилики, па ниту лошиот квалитет на производот не му можат ништо. Кога еднаш ќе научите на овој начин да го нанесувате коректорот и кога после цел ден ќе ги погледнете резултатите, секогаш ќе ја применувате оваа техника.
За почеток потребни ви се коректор и транспарентна пудра – пудра во прав во бела боја, која служи за фиксирање на шминката. Ова е главниот козметички производ кој ни овозможува коректорот да остане постојан во текот на целиот ден. Можете да ја најдете во секоја парфимерија.
Најважно е, пред да започнете, добро да ја хидрирате кожата, а особено пределот околу очите. После десетина минути кога кожата ќе ја впие хранливата крема, можете да започнете со нанесување на коректорот за коригирање на недостатоците во пределот на подочниците – некој има темни, некои сиви, некои црвени – нанесете го во вид на точки, а потоа тапкајте го со прстите.
После тоа нанесете коректор во посветла нијанса од вашата кожа, доколку го нанесувате наутро, а малку потемен, поточно приближно како вашата боја на кожа доколку нанесувате вечерна шминка.
Следно, нанесете мала доза транспарентна пудра, која ја разнесувате по соодветните области со четка и тоа на начин да го прекрие целото подрачје под очите. Почекајте неколку минути за кожата да ја впие пудрата и потоа благо размачкајте ја по лицето.
На крај напрскајте фиксатор во спреј на целото лице за да ја фиксирате целата шминка.