Очекувајте го најдоброто и тоа ќе го добиете: 10 совети за неверојатен живот

Очекувајте го најдоброто и тоа ќе го добиете: 10 совети за неверојатен живот

Сите тежнееме кон среќен живот, а тој секако, почнува со посветеност и добра грижа за нас самите. Тоа значи дека се потребни одредени промени во вашиот живот уште денеска, а не од утре, задутре или од наредниот понеделник, како што вообичаено знаеме да кажеме. Доколку сте подготвени да внесете позитивни промени во вашето секојдневие и од животот да го извлечете најдоброто, затоа што единствено тоа и го заслужувате почнете со примена на следниве неколку совети.

(1) Очекувајте го најдоброто и тоа ќе го добиете: 10 совети за неверојатен живот

1. Дишете длабоко

Колку често обрнувате внимание на вашето дишење? Повеќето од вас ќе одговорат – недоволно. Во моменти на стрес и тешки ситуации, дишењето може да биде плитко и напнато. Сетете се на некој момент кога сте биле под голем притисок, можеби сте имале интервју за работа или сте полагале испит на факултет, а по завршувањето, сигурно сте забележале дека длабоко сте се издишале. Тоа се случува затоа што во стресниот момент, без да бидете свесни, сте го задржувале воздухот. Затоа не заборавајте, длабоко, одмерено да вдишувате и да издишувате во текот на целиот ден. На тој начин, не само што ќе го подобрите својата емоционална состојба, туку и ќе се погрижите за здравјето на вашето тело.

2. Уживајте во сегашниот момент

Најверојатно веќе сте запознаени со овој совет, но тој никогаш не е вишок. Запаметете дека најдобриот подарок што можете да си го подарите е сегашниот момент. Тргнете го настрана минатото. За момент заборавете на грижите, а наместо тоа обидете се да дознаете како да извлечете најмногу од она што веќе го имате – токму овде и токму сега.

3. Простете си

Вие сте човек и нормално е да правите грешки. Сите ние ги правиме. Но, доколку не можете да си простите и да продолжите напред, тогаш си го скратувате можниот потенцијал и личната среќа.

4. Простете им на другите

Еднакво е важно, освен на себе, да им простите и на другите за неправдите кои ви ги нанеле. Зошто? Затоа што кога задржувате омраза или болка, вие всушност одржувате жива и силна врска меѓу вас и таа личност која ви нанела неправда. Единствниот и најбезболен начин да ја прекинете таквата врска е целосно да му простите на другиот човек. За тоа секако е потребно време, но бидете добри кон себе. Наместо, кога размислувате за таа личност да чувствувате одбојност, во својот ум потрудете се да креирате позитивни мисли и да ѝ испратите љубов.

5. Откажете се од осудувања

Станете потолерантни кон себеси и кон другите. Осудувањето ја замаглува нашата способност да ги гледаме работите на еден појасен начин. Тоа нè попречува да го видиме доброто во себе, во другите, како и добрите нешта кои можеме да ги научиме од различните ситуации во кои се наоѓаме. Со тоа ни се затвораат вратите кон нови можности.

(2) Очекувајте го најдоброто и тоа ќе го добиете: 10 совети за неверојатен живот

6. Очекувајте големи нешта!

Дали чашата ви изгледа полупразна или полуполна? Тренирајте си го мозокот да очекувате најдобро од сè, со што секој ден, па и воопшто животот, ќе си го направите побогат и поубав. Очекувајте го најдоброто и тоа всушност и ќе го добиете.

7. Инвестирајте во своите односи

Во нашата природа е да бидеме социјални и да бараме добри односи со средината којашто нè опкружува. Затоа размислете колку време минувате со луѓето кои вистински ги сакате и кои ве инспирираат да одите напред. Дали минувате доволно квалитетно време со луѓето кои носат радост во вашиот живот? Издвојте повеќе време за негување на односите и пријателствата со луѓето кои ви се најдраги.

8. Кажете „благодарам“

Живејте го животот со благодарност! Таа со себе носи предности, како посреќен, подобар и севкупно поквалитетен живот. Благодарноста за она што веќе го имате ви овозможува да бидете среќни и свесни за моментот – сега и тука. Истовремено, да бидете благодарни значи дека ги почитувате нештата кои ги поседувате, но и дека сте подготвени да грабите напред кон нови цели, без да губите време на себе сожалување.

9. Ослободете се од старите работи

Доколку немате сила и храброст да се ослободите од нештата кои повеќе не ви служат, како може да очекувате до вас да дојде она кое што толку многу го посакувате? Чувајќи ги старите нешта, не ослободувате простор за нови во вашиот живот. Ако не можете да ги видите позитивните промени во својот ден, размислете малку за животот што го живеете во моментот и прашајте се: „Кои нешта ме попречуваат да го остварам она што најмногу го сакам?“ Направете простор во вашиот живот.

10. Искажете си љубов

Последен, но не и помалку важен совет е тој дека треба да почнете да се сакате себеси, доколку сакате да живеете во мир, задоволство и хармонија секоја секунда од вашиот живот. Исполнете ги својот ум и своето тело со љубов. Направете го тоа и прифатете се и веднаш ќе почувствувате како нештата околу вас добиваат „розова“ боја.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар