Обувки по кои лудуваат познатите дами
Не е потребно многу време за некој моден тренд во Холивуд да стане апсолутен хит. Во тоа се имаме уверено многупати досега, а историјата се повторува и со моментално најатрактивните и најпопуларни модели на обувки со високи потпетици помеѓу познатите убавици. Станува збор за класичен модел на чевли кај кои дебелината на потпетицата е само неколку милиметри, поради што тие изгледаат уште повртоглаво, а убавиците кои ги носат уште пограциозно и поелегантно.
Познатата убавица која меѓу првите го облече овој модел на обувки е, никој друг, туку Викторија Бекам. Во својот препознатлив манир, Викторија се одлучи за интересни црни салонки од брендот Casadei, кои чинат 585 долари, а чија потпетица делува толку тенко што имате чувство дека во секој момент ќе се скрши. Викторија овој модел на обувки го искомбинира со интересен црн фустан и на овој начин покажа како се носат ваквите чевли, по кои лудуваат сите познати дами.
Овој модел на обувки се прави така што дебелината на штиклата треба да изнесува само 2 см, па поради тоа самите потпетици најчесто се направени од челик кој се полира до најситни детали. Освен тоа, обувката се прави да биде максимално удобна и да одговара на положбата на ногата, бидејќи во спротивно секоја убавица која ќе ги носи би трпела неподносливи болки.
На овој модел на обувки не можеше да одолее ниту популарната пеачка Џенифер Лопез, која се одлучи за модел на брендот Casadei во црвена боја. Таа овие дамски обувки ги облече со секси црвен фустан и слободно можеме да кажеме дека изгледа спектакуларно.
Она што е интересно да го споменеме, а има врска со обувките на брендот Casadei Blade, е тоа што секој пар се изработува рачно. Самата модна куќа датира уште од 1958 година, но во ерата на брендовите Christian Louboutin и Jimmy Choo, долго време била непозната за пошироките холивудски кругови. Сега со сигурност можеме да кажеме дека овие модели на обувки, на чело со брендот Casadei, длабоко се вкоренети во светската модна сцена.
Цената на обувките се движи од 250 долари, колку што чини пар сандали со оваа потпетица, па сè до 1.120 долари, колку што мора да издвојат сите познати дами доколку сакаат длабоки чизми со оваа милиметарска штикла. Оваа цена не е зачудувачка, со оглед на тоа дека се потребни месеци за да се изработат, но и да бидат удобни за секоја дама.
Уште една позната дама која имаше привилегија да ги облече, е шпанската актерка Пенелопе Круз. Таа се одлучи за модел во темносина боја со супертенка потпетица и во кои изгледаше заносно на црвениот тепих.
А тука е секако и Камерон Дијаз. Таа ни покажа урбана варијанта за носење на овој модел на обувки, со оглед на тоа дека ги искомбинира со фармерки и стилска јакна. Со тоа покажа дека овој модел на чевли од брендот Casadei Blade е вистински избор за секоја прилика и за секоја жена.